• сабота, 23 март 2024

Панде Димитровски за МИА: Политичарите најмногу се лутат кога ќе се препознаат во хумореска

Панде Димитровски за МИА: Политичарите најмногу се лутат кога ќе се препознаат во хумореска

Битола, 1 април 2023 (МИА) - Политичарите многу се лутат кога ќе се препознаат во некоја хумореска, виц или шега. Се лутат до немај каде, вели Панде Димитровски, сопственик, главен и одговорен уредник на магазинот за хумор и забава „Без навреда“.

Димитровски во интервју за МИА посочи дека не е грев кога реалната слика за одредени состојби или проблеми се кажува и на шеговит начин, но без навреда.

Дали и колку е застапена шегата, хуморот, забавата во медиумите?

- Хуморот во медиумите е застапен во мали количини. Може да се прочита хумор, а карикатурата не е доволно застапена. Во последниов период најголем дел од аудиториумот е настрвен на сатира, а се избегнува хумор. Имам чувство дека најголема е желбата за директна критика кон јавни личности, најчесто за власта и опозицијата, но низ сатира, а не низ шега. Ние опстојуваме 18 години затоа што нудиме здрав хумор, форма која треба да придонесе за подобро расположение на луѓето, да ги насмее...Битола е расадникот за хумор, затоа што тој датира од минатиот век, од времето на битолчанецот Панде Јаревски, автор на недоброј карикатури, но и на книгата „Длабоко орање“, а лозата продолжи со Кети Радевска, потоа со Панде Петровски, Миле Милевски и Блаже Докулевски, сите посветени на карикатурата. Да потсетам, плејада битолчани пишуваа хумор за медиумите, пред се мислам на новинарите Никола Талевски (Ристо Модернисто), Панде Манојлов Пантелеј (Чкембаро), Димче Миновски (Дедо Димо), Спиро Мачески. Соработуваме со многу поединци, со фоторепортерите Петар и Сашо Ставрев, како и со Миле Ѓорѓијоски од Делчево кој пишува афоризми. Нашиот магазин доби право без пречки да реобјавува и дел од опусот на познатиот карикатурист Делчо Михајлов.

Што сака публиката да прочита и да гледа? На што најмногу се смее?

- Нашата публика со задоволство ги чита рубриките „Приказни со неограничен рок на траење“, „Вицотека-шеготека“ во која се објавени над 6.500 вицови, со Блаже Докуле го негуваме ликот на „Чкембо“ со над 100 пораки, во магазинот објавени се 2.700 карикатури, околу 2.000 афоризми и повеќе од 150 анегдоти. Сите досетки се пишувани со наративен стил и тоа е најтешкиот пристап во хуморот. За одбележување е рубриката „Измислено интервју“, а меѓу најчитаните беше интервјуто со една „Жена Ајварка“ која на прашањето дали ќе ни дадете интервју, одговори -се ќе дадам, само ајвар не давам! Имаме и рубрика поврзана со работата на општинскиот Совет бидејќи редовно ги следам седниците на Советот на Општина Битола. Ако се знае дека во Советот се избрани 31 советник, јас се сметам за „32.-советник“ кој на свој шеговит начин нуди идеи за акутни проблеми во градот. Нашиот слоган гласи -без навреда ако се прочитате или се препознаете во „Без навреда“.

Кој најмногу се лути на вицови, хумор, сатира?

Политичарите многу се лутат кога ќе се препознаат во некоја хумореска или шега. Се лутат до немај каде. Интересно е што тоа никогаш јавно не го соопштуваат, нити пак нам ни се пожалиле, но добиваме информации дека се лутат. Заради некои лутачи изгубивме поддршка за финансирање на некои броеви на магазинот кој не престана да се печати. Не е грев кога реалната слика за одредени состојби или проблеми се кажува и на шеговит начин и без навреда. Досега, еве веќе 18 години, никој лично не ни се јавил, не иницирал некаква тужба, спор или посочил на некаков проблем директно или индиректно поврзан со објавен текст во „Без навреда“.

Дали хуморот во печатен медиум може да опстане?

- Првиот број на магазинот за хумор и забава „Без навреда“ кој до публиката стигнува во печатена/хартиена верзија, и само таква, излезе во 2005 година. Годинава славиме матура, неизвесно е каде ќе продолжиме, но знаеме како ќе продолжиме. Горд сум што во депоата на националните библиотеки во Скопје, Битола и во Штип се чуваат сите броеви на магазинот и јас и понатаму мислам хумор може да се прочита и подобро доживее од весник во хартиена форма, отколку во дигитална верзија! Ние издадовме и џебно издание вицови „Од А до Ш, по еден на ден“. Практичен водич со дневна доза хумор кој може да се чува на секое место. Лично мислам дека треба да го има во угостителски објекти, хотели, агенции...Ние велиме смеењето е половина здравје, а за другата половина погрижете се сами!

Која е вашата празнична првоаприлска порака?

- Секој ден со пријателите споделуваме вицови. Јас се сметам за реалист, не сум нити шегаџија нити бунтовник. Обожавам мали и кратки вицови...За празникот ќе речам: Да живее 1 април, денот на мајтапот, денот на шегата, денот на лагата! Ние знаеме дека вицот, мајтапот, шегата, немаат сопственик, немаат сајбија, но секогаш сме оригинални бидејќи не препишуваме, и така е 18 години, ни рече Панде Димитровски, сопственик и главен и одговорен уредник на магазинот „Без навреда“ кој како што вели за кажување вицови и пишување хумор има генетско наследство од неговиот дедо по татко, духовит човек (1900-1980) кој велел -смеата е лекот што го продолжува векот...

Марјан Танушевски

Фото: МИА

Остани поврзан