• понеделник, 20 јули 2026

32. Конгрес на СДСМ: Сестринските партии со порака за продолжување на европскиот пат на државата

32. Конгрес на СДСМ: Сестринските партии со порака за продолжување на европскиот пат на државата

Скопје, 7 јуни 2026 (МИА) – Претставници на сестринските социјалдемократски партии од регионот и Европа денеска на 32. Програмски конгрес на СДСМ во Скопје изразија поддршка за СДСМ упатувајќи заеднички пораки за продолжување на европскиот пат на државата, зајакнување на демократијата, владеење на правото и борбата против корупцијата.

Од името на Социјалдемократската партија на Хрватска (СДП), Марко Кричка истакна дека партиите се дел од заедничко европско семејство и дека регионалните искуства можат да придонесат во процесот на европска интеграција.

- Тоа е сложен процес и свесни сте за тоа, и сакаме да ви помогнеме да не ги правите истите грешки како што ги направивме ние. СДП и СДСМ се братски партии не само кога е во прашање регионот, туку и кога е во прашање европската сестринска приказна. Социјалната демократија секогаш била најсилна кога била најхрабра, порача Кричка.

Претседателот на Демократската странка на Србија, Срѓан Миливојевиќ, порача дека иднината на регионот е поврзана со борбата против корупцијата и враќањето на политиката во служба на граѓаните.

- Студентите победуваат во Србија. Мафијата ја завршува својата епоха на Западен Балкан. Победува храброто и чесно срце. Европа бара чисти раце и чист образ - рече Миливојевиќ.

Од Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Црна Гора, Јасмин Бојаџиќ нагласи дека Северна Македонија и Црна Гора ги поврзуваат заеднички евроатлантски цели.

- Црна Гора и Северна Македонија направија клучни чекори кон НАТО и отворање на патот кон ЕУ. НАТО е безбедносен чадор без кој државите на Балканот би биле изложени на сериозни ризици - нагласи Бојаџиќ.

Иван Вујовиќ од Социјалдемократската партија на Црна Гора, исто така, оцени дека местото на земјите од регионот е во европското семејство. - Вие Македонците успеавте да зачувате нешто најсвето за секој човек – ја зачувавте душата, а праведно би било токму вашата Македонија да биде среќна, богата и уредена европска земја - рече Вујовиќ.

Бојан Костреш од Лигата на социјалдемократите на Војводина порача дека политичката борба продолжува со јасна европска ориентација. Вчерашната Скопска иницијатива и денешниот конгрес, вели, се почеток на победата на СДСМ и почеток на слободна и европска Северна Македонија.

Претставникот на Социјалдемократите од Шведска, Маркус Олави Каупинен, во своето излагање истакна дека политиката треба да биде насочена кон решавање на секојдневните проблеми на граѓаните, нагласувајќи дека социјалдемократите мора заеднички да работат на еднаквоста и социјалната сигурност.

Заедничката порака од странските гости на конгресот беше дека Северна Македонија припаѓа во Европската Унија и дека европската иднина на земјата зависи од зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото и ефикасната борба против корупцијата. ра/нд/

Фото: СДСМ