• четврток, 18 април 2024

Џафери предводи државно - црковна делегација во Рим и Ватикан на манифестацијата во чест на Св. Кирил

Џафери предводи државно - црковна делегација во Рим и Ватикан на манифестацијата во чест на Св. Кирил

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, од денеска до 25-ти овој месец ќе ја предводи државно - црковната делегација за одбележување на традиционалната манифестација во чест на Св. Кирил, во Светата столица во Рим.

Џафери ќе биде придружуван од пратениците Соња Мираковска, Дафина Стојаноска, Арбер Адеми, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македоснки јазик Елена Јовановска Грујовска, митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија и отец Зоран Стојанов од Католичката црква.

Џафери денеска ќе има средба со претседателот на Домот на пратениците на Италијанската Република Лоренцо Фонтана, а во попладневните часови ќе присуствува на концерт на учениците од трета година во МБУЦ, Гоце Златев и Магдалена Дрмач.

Според агендата, утре државно – црковната делегација ќе присуствува на аудиенција кај Папата Франциск во Ватикан, по што Џафери ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.

Делегацијата на Република Северна Македонија ќе присуствува на молебен во базиликата „Сан Клементе” во Рим, каде што ќе положи венец на гробот на Св. Кирил, а потоа ќе ја разгледа изложбата на македонскиот уметник Решат Амети, која е поставена во амбадсадата на Светата столица.

Во попладневните часови претседателот на Собранието Талат Џафери ќе положи цвеќе пред спомен - плочата на македонски јазик во чест на Св. Кирил во базиликата „Санта Марија Маџоре”.

Во четврток, на 25 мај, претседателот на Собранието ја завршува посетата на Рим и Ватикан со средба со претставниците од Центарот за изградба на светилиштето на Мајка Тереза. 

Поклонението на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе” во Рим првпат е организирано во 1969 година за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.

Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и на просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник во нашата земја и неработен ден за сите граѓани. дма/са/

Фото: МИА arhiva

Остани поврзан