Јаневска се обрати на VIII конгрес на СОНК
- На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, се обрати на осмиот конгрес на синдикалната организација, кој денес се одржува во Скопје. На конгресот, во согласност со агендата, треба да бидат усвоени програмски документи за работа во следниот 5-годишен период и да биде изгласано ново синдикално раководство.
16 октомври 2026
На покана на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Македонија, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, се обрати на осмиот конгрес на синдикалната организација, кој денес се одржува во Скопје. На конгресот, во согласност со агендата, треба да бидат усвоени програмски документи за работа во следниот 5-годишен период и да биде изгласано ново синдикално раководство.
- СОНК е еден од најважните економско-социјални партнери на Владата и на Министерството за образование и наука. Заедно се креирани многу политики. Драго ми е што често добивам предлози и укажувања од вашето членство и раководство, кои многу помагаат во правилното одлучување. Немам забелешки на ниедна идеја или мислење. Напротив, задоволна сум што секој предизвик го надминуваме заеднички и преку дијалог - рече Јаневска.
Посочи дека особено се гордее што токму во време на нејзиниот мандат е постигната спогодба за долгорочен и реален раст на платите во основните и средните училишта, кој првпат е врзан со стапката на инфлација. Потсети дека досега од постигнатата спогодба реализирани се три покачувања на платите во вкупен процент од над 20 отсто.
- Над 300 наставници и стручни соработници во изминатите две години имаа можност за кариерен развој и напредување во звање ментор или советник, а сите беа опфатени со програмите за професионален развој преку проширен опсег на обуки од страна на Бирото за развој на образованието и другите институции и партнерски организации - додаде министерката.
Јаневска рече и дека е усвоена нова законска регулатива и стратегија за образование 2026 - 2032, во што СОНК даде значителен придонес.
Владата се потруди да ги подобри условите за работа еднакво во сите општини во државата, со обезбеден најголем буџет досега за образование и за капитални инвестиции, при што реализирани се 90 проекти во вредност од 70 милиони евра. Исто така, додаде Јаневска, олеснета е административната работа на наставниците, со обезбеден нов електронски дневник далеку пофункционален од претходниот.
- Добрата комуникација, разбирање и дејствување се главните фактори што нашето партнерство опстојува и дава резултати. Тоа е и причината поради која верувам дека, независно од исходот на денешниот конгрес и избор на раководство, во позитивна насока ќе продолжиме да работиме и понатаму - рече министерката упатувајќи порака до синдикалното членство - градењето поквалитетен образовен систем и подобрување на резултатите што ги даваат нашите ученици да остане заеднички фокус заради севкупен општествен развој.
Министерство за образование и наука