• вторник, 13 октомври 2026

Ѓорѓиевски: Мега парк од 50.000 метри квадратни во Бутел - од запуштен простор до ново зелено срце на општината

Ѓорѓиевски: Мега парк од 50.000 метри квадратни во Бутел - од запуштен простор до ново зелено срце на општината

Скопје, 11 август 2026 (МИА) - Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска информира дека во општина Бутел интензивно се работи на новиот мега парк, кој се простира на површина од 50.000 метри квадратни.

-Она што со години беше депонија и симбол на негрижа, денес го претвораме во огромен, модерен и функционален мега парк на површина од 50.000 метри квадратни. Со Дарко Костовски дадовме збор дека ова место повеќе нема да биде заборавено. Денес, покажуваме што значи кога има визија, волја и вистинска грижа за градот - објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.

Тој информира дека долж булеварот „Христијан Тодоровски - Карпош“ интензивно се гради новата зелена приказна на Бутел.

Првиот дел, на површина од 8.000 м², како што нагласи, е речиси целосно завршен и опфаќа богати зелени површини, плоштад, детски катчиња, пешачки патеки, фитнес зони и содржини за сите генерации.

-Простор за децата, за младите, семејствата и пензионерите. Простор за секој граѓанин - нагласи Ѓорѓиевски.

Тој додаде дека паралелно се работи и на вториот, значително поголем дел од паркот, на површина од 42.000 метри квадратни, кој целосно ќе биде хортикултурно и содржински уреден.

Целиот комплекс, додаде Ѓорѓиевски, ќе располага и со сопствен систем за наводнување со техничка вода, со што обезбедуваме долгорочно и одржливо одржување на зеленилото.

-Повеќе зеленило значи почист воздух, помалку урбана жештина, поздрава животна средина и поквалитетен живот. Затоа, секое ново дрво, секоја нова зелена површина и секој нов парк се инвестиција во здравјето и иднината на Скопје. Вложуваме рамномерно, во секоја општина и во секое маало, затоа што секој граѓанин заслужува чист, уреден и достоинствен простор за живот. Бутел добива ново зелено срце. Скопје добива уште едно место за гордост - нагласи скопскиот градоначалник. ац/бк/

Фото: Принтскрин

Можно е и ова да ти се допаѓа