• петок, 19 април 2024

„Чудесен дар во годишен календар“ од Ели Маказлиева добитник на наградата „Ванчо Николески”

„Чудесен дар во годишен календар“ од Ели Маказлиева добитник на наградата „Ванчо Николески”

Скопје, 2 февруари 2023 (МИА) - Книгата поезија  „Чудесен дар во годишен календар“ на авторката Ели Маказлиева е добитник на наградата „Ванчо Николески за 2022 година, која традиционално ја доделува Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ). Наградата се доделува за книжевно творештво за деца и млади.

Автората Ели Маказлиева на денешната прес-конференција се заблагодари за добивање на ова престижно признание и објасни дека книгата „Чудесен дар во годишен календар“ содржи песни за деца пишувани речиси цела една година, после збирката песни „Весели вагони низ четири сезони“. Оваа награда, како што рече, е и награда на сите деца за кои твори, како и на сите учесници во создавањето на оваа книга.

-Песните се поделени во четири циклуси на околу сто страници. Во неа, низ стихови се обраќам кон децата за да им порачам дека детето е цвет најубав на свет, дека крилјата од нивниот сон ќе научат што е бинтон. Низ стиховите ќе ги слушнат звуците на природата шаренолика и ќе создаваат своја најубава волшебна слика и така ќе добијат еден чудесен дар од стихови во својот годиушен календар, во кој месец по месец, годината ќе им биде цветец, рече авторката.

Инаку, Ели Маказлиева е автор и програмски уредник на домашни и меѓународни проекти кои се однесуваат на литература за деца.

Претседателката на жири Комисијата, проф. д-р Кристина Николовска на прес-конференцијата посочи дека Комисијата детално ги разгледала сите пристигнати книги и на последниот состанок едногласно е одлучено дека делото „Чудесен дар во годишен календар“ од авторката Ели Маказлиева се одликува со висок квалитет, изградена структура на делото, поставена идеја, која расте во одлична содржинско изразна и графичка реализација.

Како што се наведува во образложението на жири Комисијата, делото има јасна визија, изградена концепција и осмислена структура. Оваа поетска стиховница за деца е вистински креативен, творечки, поетски дар за децата од реномираната, зрела, изградена авторка на неколку децениски опус на литературата за деца.

-Во првиот циклус има песни за детскиот развој во предучилишна возраст, градинката како матица, како воспитно едукативна оаза, како социјален амбиент и рај за дружење, радости, креација и имагинација на децата. Следниот циклус е вистинска поетска граматика и апликативна типологија на бонтонот преку разни видови на добро, воспитано и културно однесување во разни ситуации во кои се наоѓа современото дете. Преку изразен стилизиран стих, преку иновативно обработени идеи, разработки на теми блиски на современото дете, авторката гради зрело, стабилно, обмислено дело кое е вистинска круна на нејзиниот повеќедецениски животен влог во творечко педагошката дејност, во литературата за деца и млади, се наведува во образложението на жири Комисијата.бт/са/

 

Остани поврзан