Цената на нафтата „Брент“ надмина 100 долари
- Цените на енергентите на европскиот и светскиот пазар продолжуваат да растат и цената на суровата нафта од типот „Брент“ ја премина границата од 100 долари за барел, а европскиот природен гас повторно се приближи до нивото од 80 евра за мегават-час.
Њујорк, 10 септември 2026 (МИА) - Цените на енергентите на европскиот и светскиот пазар продолжуваат да растат и цената на суровата нафта од типот „Брент“ ја премина границата од 100 долари за барел, а европскиот природен гас повторно се приближи до нивото од 80 евра за мегават-час.
Цената на нафтата „Брент“ на светските берзи порасна на 100,74 долари за барел, поддржана од загриженоста за глобалното снабдување со енергенти и геополитичките тензии, а цената на американската WTI-нафта (West Texas Intermediate) моментно се движи во опсег од 95,50 до 96,10 долари за барел за фјучерс-договорите. Спот-цената на WTI-нафтата на берзанскиот пазар се тргува на ниво од 93,60 до 95,40 долари за барел.
Европските берзански индекси бележат пад. Фјучерсите на европскиот природен гас на амстердамскиот TTF-пазар денеска се движеа во опсег од 78 до 80 евра за мегават-час. Според податоците од порталот „Инвестинг“, цената на TTF-фјучерсите достигна 80,00 евра за мегават-час.
Растот на цените на енергентите изврши притисок врз европските пазари на акции. Забележан е пад на водечките индекси, при што паневропскиот индекс STOXX 600 падна за речиси 0,7 проценти, а слични корекции и пад на вредноста беа забележани и на клучните берзи во Франкфурт (DAX) и Париз (CAC 40).
Вредноста на еврото во однос на доларот на валутниот пазар изнесува 1,1639 долар. Цената на златото изнесува 4.459,26 долари за трој-унца, со благ дневен пад од 0,03 проценти, според податоците за фјучерсите на порталот „Инвестинг“. Цената на пченицата на светските берзи изнесува 724,90 центи за бушел, со дневен пад од 0,53 проценти. јт/
Фото: МИА архива