• петок, 30 август 2024

Хуманитарна организација Анера: Израел нападна наш конвој за помош на болница во Газа

Хуманитарна организација Анера: Израел нападна наш конвој за помош на болница во Газа

Дубаи, 30 август 2024 (МИА) – Израелска ракета погоди конвој кој пренесувал медицински материјали и гориво до болница во Појасот Газа, при што загинаа неколку луѓе од локална транспортна компанија, соопшти денеска американска група за помош на бегалците на Блискиот Исток (Анера).

Израелската страна, без да даде докази, соопшти дека отворила оган откако вооружени луѓе го презеле конвојот.

Во нападот што се случил вчера на патот Салах ал-Дин во Појасот Газа загинале неколку луѓе вработени во транспортна компанија што ја користи хуманитарната група за доставување на залихи до болницата на Црвената полумесечина во Рафа.

- Во конвојот кој беше координиран од Анера и одобрен од израелските власти, имаше и еден вработен во Анера кој за среќа не беше повреден, се наведува во соопштението.

- И покрај инцидентот, преостанатите возила во конвојот можеа да продолжат и успешно да достават помош во болницата. Итно бараме дополнителни детали за тоа што се случи, се додава.

Анера планира да објави повеќе информации подоцна денес.

Израелската војска не одговори веднаш на барањето за коментар од светските агенции. Сепак, портпаролот на израелската армија, потполковник Авичај Адрае на X објави дека „вооружени луѓе го заплениле автомобилот на чело на конвојот и почнале да возат“.

- После тоа е извршена рација, а останатите возила од конвојот не се повредени и стигнаа на својата дестинација според планираното. Операцијата чија цел беа милитантите го отстрани ризикот од заземање на хуманитарниот конвој, напиша Адрае.

Според него, „присуството на вооружени мажи во хуманитарен конвој на некоординиран начин го отежнува обезбедувањето на конвојот и неговиот персонал и им штети на хуманитарните напори“. јт/

Фото: Анера на Х

Остани поврзан