• понеделник, 16 ноември 2026

Филипче: Секое одложување на уставните измени носи сиромаштија и иселување, Мицкоски не ги исполни ветувањата за подобрување на преговарачката рамка

Филипче: Секое одложување на уставните измени носи сиромаштија и иселување, Мицкоски не ги исполни ветувањата за подобрување на преговарачката рамка

14 октомври 2026 

Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, во гостувањето во централниот дневник на МТВ порача дека уставните измени ги бара Европската унија, а секое одложување значи губење време, сиромаштија, изолација и иселување затоа што Христијан Мицкоски не ги исполни ветувањата за подобрување на преговарачката рамка, се наведува во партиското соопштение што МИА го пренесува интегрално..

„На тоа инсистира Европската Унија, затоа што тоа е договор што државата го има со целата Европска Унија “, истакна Филипче.

Тој нагласи дека власта не ги исполнила ветувањата со кои ја барала довербата од граѓаните.

„Со лажна кампања, Христијан Мицкоски и ВМРО дојдоа на власт, велејќи дека ќе ги подобрат преговарачките услови. Еве сега, откако сите им кажаа дека е невозможно тоа да се смени, се поставува прашањето: што чекаат?“, рече Филипче.

Тој додаде дека пораките од Брисел се јасни и дека Мицкоски треба да одговори што се случи со ветувањата за промена на преговарачката позиција, враќање на старото уставно име и поништување на Преспанскиот договор.

„Имајќи предвид дека Христијан Мицкоски дојде на власт со лажна кампања дека ќе ги подобри преговарачките услови, дека ќе го врати уставното име, еве сега сака со лажна кампања повторно да владее. Зошто не го врати старото уставно име? Зошто не ја подобри преговарачката позиција? Зошто не го поништи Преспанскиот договор, како што ветуваше? Затоа што сè во неговата кампања, како во опозиција тогаш до 2024 година, така и сега на власт, е една голема лага“, изјави Филипче.

Последиците од одложувањето ги чувствуваат граѓаните, додека државата губи драгоцено време за својот развој и за приближување кон Европската Унија, додаде тој.

„Имајќи предвид дека апсолутно ништо не може да се промени, граѓаните ќе бидат сведоци дека сè ќе се сведе на тоа што ние го зборуваме, и јас лично, изминатите две години: дека тоа е чекорот што треба да се направи. И сè друго е губење време, губење децении, што за нас, и само за нас, затоа што на другата страна Европската Унија и Бугарија немаат проблем со тоа, значи сиромаштија, значи изолација, значи иселување на децата, значи часови и часови чекање на границите и значи тонење во долгови. И ништо, ништо друго“, порача Филипче.

Филипче за Изборниот законик: Нека ги тргнат спорните одредби, да останат само препораките на ОБСЕ/ОДИХР

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во гостувањето во Централниот дневник на МТВ порача дека СДСМ ќе го поддржи Изборниот законик доколку се отстранат спорните одредби што отвораат можност за изборен грабеж, а во законот останат само препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

„Тогаш ние ќе сме повторно на масата и ќе го поддржиме Изборниот законик, затоа што тогаш ќе бидат само препораките на ОБСЕ и ОДИХР и тогаш немаме проблем“, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека СДСМ не учествува во работната група бидејќи предложените измени содржат одредби што отвораат простор за изборни манипулации.

„Во однос на Изборниот законик не седнуваме на масата, затоа што на масата е предлог кој што отвора врата за изборен грабеж. Предлог-измената на изборниот закон во себе содржи членови кои што отвораат врата за изборен грабеж во делот на гласање на дијаспората. Не е возможно да биде 100% сигурен системот за гласање електронски или преку пошта на дијаспората, затоа што тоа ќе значи крадење на гласови. Или поинакво заокружување на гласачкото ливче, освен стандардното, како што е сега, само на бројката пред името, односно партијата, затоа што и тоа, повторно, отвора врата за манипулација“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Филипче посочи дека СДСМ ќе го поддржи Изборниот законик доколку се отстранат спорните одредби за изборен грабеж и останат препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

„Ние ќе сме повторно на масата и ќе го поддржиме Изборниот законик само кога ќе биде со препораките на ОБСЕ и ОДИХР. Немаме проблем. Ниту за зголемување на буџетот на помалите партии, ниту пак со една изборна единица. Двата проблематични члена во тој закон се овие два. Широк консензус се постигнува тогаш кога рационално и реално ќе се согледаат сите аспекти на работите. Ние ја напуштивме тогаш масата кога на сила власта го смени Законот за Владата, односно за техничката влада. Е па зошто да седиме на масата со некој кој што не го почитува правилото дека ако некој закон се носел со консензус, така требало да продолжи. Законот за техничка пржинска влада и во 2020 година и за изборите во 2016 година е носен со консензус. Сите големи политички партии седеле на масата“, рече Филипче во гостувањето во Централниот дневник на МТВ.

СДСМ
Центар за комуникации со јавноста