• сабота, 20 април 2024

Тркалезна маса - решенија кон независноста и одржливоста на МИА

Тркалезна маса -  решенија кон независноста и одржливоста на МИА

Велес, 1 април 2023 (МИА) - Тркалезна маса за решенија за унапредување на независноста и одржливоста на МИА се одржувa изминатите три дена во Велес, со учество на домашни и странски експерти и претставници на релевантни институции, од која ќе произлезат препораки за подобро позиционирање на Агенцијата во медиумскиот простор и гарантирање на нејзината финансиска стабилност и независност. 

Тркалезната маса се одржува во организација и со поддрршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со која МИА неодамна потпиша Меморандум за соработка.

Заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн потсети дека и менаџментот на МИА, медиумската заедница и Државната комисија за спречување на корупцијата неодамна се изјаснија дека има потреба од посебна законска регулатива за МИА.

-И Здружението на новинари, но и самото раководство на МИА се согласуваат со ДКСК дека законодавната рамка на МИА треба да се реформира со цел да се подобри нејзината институционална независност и одржливост. Во таа насока се и напорите на Мисијата, нагласи Голдстајн.

Тој потенцира дека Мисијата решила темелно да му пријде на проблемот и да поддржи експертска анализа, но и дискусија меѓу експертската медиумска заедница и релевантните институции за пронаоѓање на најдобрите начини и практики за зголемување на стабилноста, независноста и одржливоста на овој клучен медиумски субјект.

-Тековниот модел на функционирање на МИА очигледно е дека се соочува со предизвици и вработените секојдневно се соочуваат со пречки за нормално, професионално и независно функционирање, а тоа го покажуваат и анализите на експертите кои ги ангажиравме за оваа цел, а со чии видувања ќе се запознаете токму на овој настан. Медиумската информативна агенција ја гледаме како примарен извор за вести во земјата, бидејќи видливо е дека целокупната медиумска лепеза на Северна Македонија во нивното дневно работење, како за национални, така и за меѓународни теми, во голема мера се потпира на токму на известувањето на МИА, рече заменик-шефот на Мисијата на ОБСЕ.

Тој додаде дека Мисијата го организира овој консултативен настан со цел да се поразговара за актуелните предизвици и да се дебатира за препораки кон најдобриот пат напред.

-Врз основа на претходните согледувања и нашата дискусија, активноста ќе се финализира со конкретен извештај со сет на препораки, во кој детално ќе се опишат предизвиците со кои се соочува МИА и ќе се предочат јасни и конкретни чекори за законски и функционални подобрувања, ќе се предложат и нови оперативни модалитети со јасна цел - зајакнување на долгорочната функционална независност на МИА, рече Голдстајн.

Целта на овој документ, додаде тој, е да биде патоказ за сите следни чекори во однос на реформирањето на МИА. 

Генералниот директор на МИА, Драган Антоновски на отварањето на дискусијата рече дека е нужно државната Агенција да има предвидливост и одржливост, а во моментот поставеноста на МИА е таква да многу работи во однос на нејзиното функционирање се недоречени и недефинирани. 

Антоновски нагласи дека суштинска работа е МИА да  биде третирана како медиум,  потребно е редефинирање на позицијата на МИА и институционална и финансиска незавесност ...

Тој истакна дека изминатите години се спроведени реформи во МИА, нова органмизација, изработена е новата систематизација на работните места, во која прв пат од постењето на Агенцијата се направи поделба на позициите генерален директор и главен и одговорен уредник. 

-Мора да се разграничи која е новинарската уредничката работа, а која е улогата на менаџментот. Новиот концепт на работење се покажа далеку поефикасен и по квантитет и по квалитет и понуда на медиумски продукти.Освен вести се работат и теми и истражувачки приказни и видео и стримање во живо и клипинзи, една широка медиумска понуда. Наши корисници се сите релевантни медиуми, сите телевизии, влијателните портали, произведуваме клипинзи за странските мисии, за странските амбасади, ги зголемивме приходи од сопственото работење, но тоа не е доволно за финансиска стабилност и функционалност, рече Антоновски. 

Тој се осврна на непостојаноста во финансирањето на МИА, кое во моментов се одвива преку Владата, односно со трансферирани средства преку СОЗР до Агенцијата и истакна дека е потребно со посебен закон да се редефинира и стабилизира начинот на финансирање на медиумот, МИА како медиум да биде издвоена и институционално независна, финасиски во дефинирана рамка по примерот на  регионалните државни агенции, што ќе придонесе  за поголема ефикасност и одржливост.

-Знаеме дека имаме сериозна доверба и влијание, како порано се користела МИА и како сега се користи, денес ја купуваат и провладини и опозициски и независни медиуми, сите амбасади ги користат нашите информации, имаме соработка со сите агенции во регионот, членки сме на Асоцијацијата на балкански новински агенции - АБНА-ЈИЕ, рече Антоновски.

Тој појасни дека МИА добива годишен буџет, со кој треба да функционира, но потсети дека неодамна се соочи со ситуација средствата да бидат намалени без консултација на менаџментот и со тоа да се блокира можноста за реализирање на она што е планирано да се сработи. 

На тркалезната маса учествуваат претставници на МИА, странски и домашни експерти, претставници на Мисијата на ОБСЕ, на Делегацијата на Европската комисија, претставник на Кабинетот на премиерот, на Генералниот секретаријат на Владата, Министерство за финансии, Министерство за правда, Законодавно-правната комисија при Собранието, ДКСК, ЗНМ, ССНМ, АВМУ. ац/

Остани поврзан