• понеделник, 22 април 2024

Трајков за МИА:  Ако секој културен продукт го правиме половично, тоа ќе го почувствува самата публика

Трајков за МИА:  Ако секој културен продукт го правиме половично, тоа ќе го почувствува самата публика

Штип, 20 мај 2023 (МИА) - Штипскиот Центар за култура „Ацо Шопов“ во годината во која одбележува два значајни јубилеи-100 години од раѓањето на поетот Ацо Шопов и еден век театарски живот, доби помалку пари за културните настани. Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“, Горан Трајков во видео интервју вели дека тоа значи дека ќе имаат помалку содржини, но годинава е карактеристично што самите од сопствени средства креираат култура и уметност. Инвестиции има и во објектот на Центарот за култура и во Народниот театар-Штип, но  се помали. На големите сериозни инвестиции како што е салата во Центарот за култура треба да се чека од националната Програма на Министерството за култура.

-Овој зафат е преголем за да може самите да го направиме и финансираме. Се надеваме дека можеби во текот на годината, ако има некој ребаланс, средства што не се искористени, Министерството ќе има слух да ни овозможи да ги промениме седиштата и теписонот за оваа година. Следната година нека биде сцената, на нас ни е тоа многу важно, вели Трајков.

Во видео интервјуто снимено во прес-центарот на МИА во Штип, Трајков говори и за недостатокот на кадар со кој се соочува Народниот театар-Штип. Во пензија заминуваат стручни луѓе, а нивните работни места не се пополнуваат.

Порачува дека на културата никогаш не смее да се гледа на начин дека е скапа една театарска претстава и наместо нејзино финансирање, парите да се насочат на други работи во општината.

- На културата никогаш не смееме да гледаме дека е скапа една театарска претстава кога се финансира од општината, а за тоа можеме да направиме една улица или да се смени една водоводна цевка. Не смееме да влечеме такви паралели, бидејќи културата е скапа, но некултурата е уште поскапа. Оваа девиза мора да ја имаме на ум, вели Трајков.

Тој во интервјуто говори и за тоа колку време е потребно да се постави фотонапонска централа на една институција, која сака да биде енергетски самостојна и да ги намали сметките за струја за околу 50 проценти, како и за она што на публиката ќе и се понуди како содржини за одбележување на двата големи јубилеи.

Интервјуто со видео материјалот го пренесуваме во целост:

Господине Трајков, како се создава култура со малку пари. Знаеме дека годинава од Националната програма на Министерството за култура добивте помалку средства?

-Точно е тоа, за разлика од минатата година, кога имавме севкупен буџет за работа, вклучувајќи ги режиските трошоци на институцијата, околу осум и пол милиони денари, скоро девет, оваа година имаме за половина од тоа намален буџет. Што значи тоа? Значи дека ќе имаме и помалку програма, но  се трудиме како институција да креираме и сопствени културни продукти, коишто ќе ги понудиме на нашите граѓани и кои се финансирани од наша страна. Така што за почеток имаме две театарски претстави, кои се во сопствена продукција на Центарот за култура, а третата премиера се подготвува од Театарот и таа е од страна на Министерството. Така ги надополнуваме работите, коишто можеме да ги создаваме заеднички. На Министерството за култура гледаме како на партнери и сме во корелација, каде што треба максимално да ги искористуваме капацитетите - просторните, условните и финансиските средства што ги добиваме од продажба на билети, закуп на простор и други приходи, што ги остваруваме во текот на годината да ги реинвестираме во културни продукти за нашите граѓани, во нашиот град.

null

Дали помалкуте средства ви создаваат главоболка? Велите дека продавате билети, имате приходи од билети и создавате нови продукти. Но, очигледно е дека се потребни инвестиции?

-Минатата година имавме доста инвестиции. Оваа година продолжуваме со наши сопствени инвестиции. Можам да споменам дека најдовме спонзорства, со кои ги заменуваме санитарните јазли во Центарот за култура, со помош на еден донатор. Со сопствени средства ги реконструираме тоалетите во театарот, каде што минатата година добивме средства од Министерството за култура за првпат после 40 години да ги реконструираме тоалетите, санитарните јазли за публиката во Домот на културата. Така што полека условите во Центарот за култура ги менуваме на подобро. Тоа значи дека оваа година ќе се потрудам фокусот да биде и на театарот, затоа што минатата година доста се вложуваше во Центарот за култура, а оваа година се фокусираме на Театарот и таму ќе имаме доста активности коишто ќе се предвидуваат: создавање на нови проекти за самиот Театар, како ќе изгледа во иднина. Веќе со еден архитект го работиме идејното решение на театарот затоа што оваа година навршуваат 100 години театарско патување или живеење заедничко меѓу граѓаните и театарската дејност во нашиот град од 1923 година што е и најзначајно и 100 години од раѓањето на Ацо Шопов, нашиот патрон, којшто го носи името на нашата национална установа.

Посериозни инвестиции недостасуваат и дефинитивно Ви е потребна поддршка од државата. Салата во Центарот за култура „Ацо Шопов“, каде што се испеани најпознатите хитови од „Макфест“ бара да се реконструира, седиштата се во катострафална состојба. Кога тоа ќе се случи?

-Минатата година кога ја подготвуваме годишната Програма испратив елаборат и целосни проекти, кои содржеа замена на столчињата, теписоните и реконструкција на самата сцена од големата Сала во Центарот за култура затоа што минатата година од сопствени средства ја направивме малата Сала и има уште некои мали зафати што треба да ги средиме. Така што овој зафат е преголем за да може ние самите да го направиме и финансираме. Се надеваме дека можеби во текот на годината, ако има некој ребаланс, средства кои не се реализирани, Министерството ќе има слух, да ни овозможи да ги промениме седиштата, теписонот за оваа година. Следната година нека биде сцената, на нас ни е тоа многу важно. Другата работа е што работиме на проектна задача преку Источнопланскиот регион. Добивме повик, пред две години аплицирав со две проектни задачи, со кои ни е потребна помош за изработка на документација за греењето во Центарот за култура. Како менаџер на оваа институција гледам и се трудам од сите можни страни да ја олеснам работата на институцијата и да ја придвижиме напред, а тоа значи дека имаме и други инвестиции што ќе се случуваат, а тоа е поставување на првата фотоволтаична централа. Ова е веќе во процес и се реализира преку јавно-приватно партнерство, од коешто бенифит имаме и ние како институција, но и приватната фирма која ќе го изведува овој зафат.

null

Ги споменавте фотоволтаиците со кои го решавате проблемот со кровната конструкција, која протекува. Пред да ја поставите фотонапонската централа, колкав период ви требаше за конечно да се постави, за да бидете самостојни во делот со снабдувањето со струја?

- Сите викаа дека е невозможно да се направи овој проект и да се изведе. Нескромно е да кажам дека сите беа убедени оти не може да се случи тоа. Јас секогаш велам дека може. Процесот траеше две години од истражување до законска регулатива, сето тоа како да се смисли, да се стави во еден концепт и тоа да функционира и да можеме да дадеме еден пример, еден „инпут“, како тоа државата и другите центри да го реализираат истиот проект, да го пресликаат и да има една подобра клима за работа и помали сметки за струја во иднина затоа што струјата оваа година знаеме каква беше, бевме подложни на штедење. Така што откако истражувањето заврши, имавме консултантски услуги од повеќе експерти од повеќе области, потоа следеше изработката на проектот, тендерската постапка, па објавување која траеше два месеци, па до избор на најповолен понудувач, којшто беше преку јавно надавање преку Министерството за транспорт и врски, до изборот на најповолниот понудувач, кој го доби тендерот. Потоа имавме аплицирање со проектот во Општина Штип за добивање на дозвола за градење, па чекањето на дозволата за градба, тоа одзеде некое време, имавме и процес на предобележување од страна на Катастарот, со којшто се обележува самата институција дека може да се гради. Тоа е се веќе завршено. Минатата недела го завршивме тоа. Значи она што можам да кажам е дека сега следи процес од страна на ЕВН, кој треба да издаде согласност за струјата што треба да се добие, потоа треба да почнеме со градежните активности за реконструкција на кровната површина, подготовки на кровот и санација, а потоа ќе следи поставување на фотонапонската централа.

Оваа фотонапонска централа ќе овозможи ли самостојност на објектот?

- Она што можам да кажам е дека ќе имаме можеби за 50 проценти помали сметки за струја. Ако сме добри домаќини и ако рационално ја користиме електричната енергија јас мислам дека за 50 проценти ќе ги намалиме трошоците за електрична енергија. Ова е еден од бенефитите, со којшто како партнери со Министерството ќе ослободуваме повеќе средства. Ако биле планирани еден милион денари за тековната година за електрична енергија, тие половина милион денари може Министерството да ни ги врати и да ги инвестираме, со цел да ги подобриме условите за одржување на културните настани, продукти, кои ќе бидат бенефит за нашиот град и граѓаните.

null

Хроничен проблем на речиси секоја државна институција и во секој сектор во министерствата е недостаток на стручен кадар. Кај вас се пожалија актерите, а и вие потврдивте дека недостасува кадар во штипскиот Театар. Годинава, имате шест пензионирања. Како работите со намален број вработени?

-Ако ви кажам дека од Центарот за култура префрлив одреден број на кадар, дел се по договор на дело за помош на одредени проекти, за да завршат одредени работи и да се овозможи тоа да не се почувствува при реализацијата на театарските претстави. Но, тоа не е крајното и идеално решение, потребно е трајно решение. Ова се само чекори со коишто ги надополнуваме недостатоците, коишто  морам тоа да ги средам како директор, не смеам и да кажам дека нема решение и до тука да биде целата работа. Она што е важно е дека постојано апелирам, и кога имаме состаноци со Министерството за култура и министерката, ние не бараме нови вработувања. Ние бараме оние витални места што се испразнети по пат на пензионирање да се надополнат со нови вработени. На почетокот на годината на еден од состаноците со министерката, таа кажа дека ќе направат напори да се надополнат тие вработувања, бидејќи не бараме нови вработувања, туку тие што заминале во пензија да се вработат на нивни места по одредени работни позициии, кои ни се потребни за функционирање. Ние немаме шивач, ќе немаме гардеробер, потоа актери заминуваат во пензија, ајде во делот на актерите имаме двајца нови, кои се млади и веќе се влезени со останатите актери. Не е идеално, но има поместување. Ни недостасуваат луѓе од техника, хигиеничари, работа на сцена, стручни лица за светло, за тон. Значи се што е потребно за работа на една институција при реализација и менаџирање на една ваква институција. Да не зборуваме потоа за стручни лица од областа на музиката, ликовната уметност. Станува збор за културно-уметничките друштва каде што се потребни стручни лица. Така што потребни се стручни лица, не да бидеме преполни со вработени, туку да бидеме надополнети со стручност и екипраност од помошно-технички персонал, што е многу важно за да имаме квалитетна културна понуда. Ако секој културен продукт го правиме половично, тоа ќе го почувствува самата публика, секогаш неможеме да постигнеме да направиме така како што треба. Се трудиме да биде тоа 100 проценти, но секогаш и не успева.

Еден работник работи на три работни позиции?

- И јас работам со нив. Ако од Центарот за култура префрлив кадар во Театарот, овде сум со останатиот кадар, работам паралелно, напоредно со нив и се што е потребно и ако се потребни моите две раце, не се штедам во тој дел, за да имаме поквалитетно подготвена понуда и кога ќе почне културниот настан да биде се во ред.

Штип одбележува 100 години театарски живот, еден век од раѓањето на поетот Ацо Шопов. Каква програма се нуди на штипјани за одбележувањето на овие значајни јубилеи?

- Ќе тргнам од Театарот и што е многу важно ќе завршиме со два наши театарски проекти, со сопствена продукција, реализирани со сопствени средства до крајот на годината. Се надевам дека ќе завршиме со пет театарски проекти. Тоа значи дека ќе имаме повеќе театарски премиери и ќе можеме на публиката да им дадеме една поголема ширина на театарот и една можност за нашиот јубилеј. Потоа ќе се изработи монографија, на којашто веќе работиме, што се случувало низ 100-те години во театарот. Ќе имаме изложба од гардеробата, којашто ќе биде претставена во нашата галерија. Ќе имаме една завршна престава со нашите актери и режисерот, кои ќе изработат една пригодна Програма на крајот од годината и со тоа ќе го заокружиме нашето театарско постоење. Што се однесува за чествувањето на Ацо Шопов, на 20 декември официјално секоја година одбележуваме, а оваа година ќе имаме поразлична програма. Ќе имаме музичка програма во која текстови на Ацо Шопов, од страна на џез композитори ќе се изработат композиции со десет вокалисти. Тоа ќе биде поставено на еден дигитален формат. Во живо ќе имаме претставување во Центарот за култура. Тоа е еден дел што ќе се случува на 20 декември. Секако ќе имаме претставување на нови збирки, монографии. Можеби нема да биде големо одбележување но, како што велам јас, за нас ќе биде доволно за да го одбележиме достојно раѓањето на Ацо Шопов.

Колку според вас, публиката е присутна на културните настани?

-Да, првиот пат кога дојдов како директор многу работи ме зачудуваа, но полека кај публиката создаваме навика, тргнувајќи од најмалите. Мораме да мислеме за најмладите, бидејќи тие се иднината, а културата и културните навики од најмали нозе се креираат. Тоа е многу битно за нас како Центар и се трудиме тоа да го направиме. Но, и возрасната публика сфаќа дека имаме навистина добра понуда и се почесто се присутни. За само една година имавме околу 25.000 официјални посетители, не зборувам за промоции на книги, каде што е слободен влезот. Во просек секој еден граѓанин во Штип има дојдено во нашиот Центар, дали бил на театарска претстава, дали бил на некој друг настан, стендап, музички концерт, ликовна изложба, промоција на книга и се она што го имаме како понуда во нашиот Центар.

Психолозите и педагозите бараат децата да имаат посета на оние секции што порано ги имавме - ликовна, музичка, спортски активности. Вие веќе почнавте со такви секции за младите.  Колку се успешни? На настаните гледаме дека децата од ликовната секција се доста активни.

-За ликовното ателје сум многу радосен што кај нас во источниот регион во однос на останатите региони е на едно повисоко ниво. Тоа можеби се должи затоа што немаме континуирано ликовно ателје во Центарот, кое не работело со години, можеби и други фактори влијаат, но со отварањето на ликовното ателје и развивањето на аматаризмот кај децата е многу битно што гледаме дека има резултати. Имаме прекрасни таленти, потребно е само да ги детектираме и да можеме да работиме со нив. Тоа се гледа преку изложбите, потоа преку конкурсот „За шарено велигденско јајце“ на којшто добивме прекрасни изработки, а оваа година имавме над 30 изработки донесени од млади, па и од возрасни. Ме радува што луѓето сакаат да се занимаваат со уметност и да ја развиваат креативноста. Пензионерите доаѓаат да пеат, Градскиот хор-Штип, кој работи во состав на Центарот за култура, а на кој му овзоможивме просторни услови да не се шетаат од простории во простории низ градот и целосно функционирање. Тие се дел од културната понуда на Штип. Порано градот имал градски хор и оркестар. Минатата година Министерството препозна една иницијатива, а оваа година даде и акцент на формирањето на фолклорен оркестар, којшто ќе работи во еден друг сегмент. Пополека се работи, но сигурно чекориме, без да направиме некои погрешни чекори, онолку колку што дозволуваат условите и можностите.

Господине Трајков дали центрите за култура се подготвени за процесот на децентрализација? За овој процес се говори и се вели дека следен чекор во тој процес на децентрализација ќе бидат културните институции.

-Јас оваа прашање, се извинувам што ќе го преформулирам, треба да гласи вака: Дали општините се спремни да се занимаваат со култура? Тоа е првото и многу важно прашање. Како работат комисиите за култура во Општина Штип, а како работеле комисиите во минатото. Значи, имало совет од еминентни културни работници. Тој совет давал предлози на советниците, затоа што ние не велиме дека сите треба да бидат стручни за култура и не може секој да се заминава со култура. Ние можеме да бидеме љубители на културата, аматери, но сметам дека прво мора да се постави клима во општината, како тоа ќе функционира и како ќе се гледа на културата. На културата никогаш не смееме да гледаме дека е скапа една театарска претстава кога се финансира од општината, а за тоа можеме да направиме една улица или да се смени една водоводна цевка. Не смееме да влечеме такви паралели, бидејќи културата е скапа, но некултурата е уште поскапа. Оваа девиза мора да ја имаме на ум.

Сакате да кажете дека културата не е спремна за децентрализација?

- Од она што го гледам, а го гледам подолго време, едно 15 години, откога дипломирав до ден денешен не гледам некои поместувања за она како можеме да функционираме. Велиме политиката е едно, а културата мора да биде сосема друга приказна. Културата е на сите, политиките што ги носат советниците за одредени ситуации, состојби во општината се нивни работи. Но за културата треба да имаме пошироки видици и да има консултирање со стручната јавност од областа на културата.

Викторија Димитрова-Јованова

Фото: Борис Куноски

Видео и монтажа: Аслан Вишко

Остани поврзан