• понеделник, 15 април 2024

Трајковски најави реконструкција на салата во Спомен-домот АСНОМ во Делчево

Трајковски најави реконструкција на салата во Спомен-домот АСНОМ во Делчево

Делчево, 1 јуни 2023 (МИА) - По повеќе од 50 години од изградбата на Спомен-домот АСНОМ првпат ќе се реконструира малата сала, со што ќе се враќа сјајот на култното место на културата во градот. Ова на денешната прес-конференција го најави градоначалникот на Делчево Горан Трајковски, кој информираше дека проектот „Реконструкција и санација на малата сала, влезот и влезниот хол во спомен-домот АСНОМ“ е вреден 9,6 милиони денари.

Финансиската поддршка е обезбедена преку Министерството за култура во рамки на Програмата за користење средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа во областите на културата за 2023 година.  

Градоначалникот Трајковски изразувајќи благодарност до Министерството за култура за поддршката за овој значаен проект за Делчево ги потенцираше предвидените интервенции кои ќе донесат Делчево да има современа сала за културни настани.      

-Предвидени се бројни интервенции, но јас ќе споменам дел од нив, како изградба на рампа за лица со попреченост, изградба на санитарни чворови, рехабилитација на постоечкиот под на фоајето и реконструкција на постоечкиот плафон. Исто така предвидено е и поставување на нова електрична инсталација и ново осветлување, замена на внатрешните врати, замена на подот на сцената, изградба на помошни простории до сцената со намена за гардероби и просторија за реквизити и машинска просторија за греењето, рече Трајковски.

На почетокот на јуни, додаде дека ќе биде распишан тендерот со кој ќе биде избран најповолниот економски оператор за изведување на работите, а неговите очекувања се градежните работи во оваа фаза да завршат до крајот на оваа година.

Трајковски потсети дека паралелно се работи и на санација на покривот за што веќе Општина Делчево има спроведено јавна набавка. Фирмата ПАНЕЛ-М, со подобрување на временската состојба, ќе ја продолжи работата на санација на покривот.

-Ова е уште еден доказ за нашата посветена работа. Чекор по чекор и по приоритети ги решаваме старите наталожени проблеми и максимално сме посветени во изработката на техничка документација и аплицираме на голем број повици кај донатори, за да ја постигнеме целта-подобар квалитет на животот на нашите граѓани, посочи Трајковски.

Во моментот во малата сала се одржуваат сите свечености и културни настани во Делчево, но таа максимално се користи и за подготовка и проби на секциите при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“ и Фолклорната група при НУЦК „Никола Јонков Вапцаров“, Пејачката група „Ѓурѓа“, КУД „Гоце Делчев“ Делчево, како и за проби и настапи на ФГ „Копачка“ од село Драмче и други здруженија кои работат во областа на културата.  

Поради староста на објектот и лошите услови, салата последните години беше делумно отворена за настани. Реализацијата на проектот, според надлежните ќе овозможи во Делчево да има сала за одржување настани од областа на културата со сите современи услови кои ги бара културата во 21 век што ќе овозможи и збогатување на понудата за љубителите на уметноста. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан