• четврток, 28 март 2024

Сé повеќе деца стануваат насилници-промената може да се направи само дома, препорачуваат психолозите

Сé повеќе деца стануваат насилници-промената може да се направи само дома, препорачуваат психолозите

Тетово,18 март 2023 (МИА) - Многу примери во Тетово укажуваат на тоа дека деца на помала возраст стануваат насилници и имаат проблеми со законот, а институциите постапуваат со нив како со сторители на кривични дела. Психолозите алармираат дека насилството оди до крајни граници, па така  во градот има примери како во декември лани кога средношколка на 17 години уби 16-годишник. За 14 годишно дете е почната кривична постапка затоа што со нож повредил врсник, а група на деца од основно училиште снимајќи видео за социјалните мрежи влегле во куќа и краделе.

Оливера Цветковска, која повеќе децении работи како психолог во Центарот за социјални работи во Тетово токму во делот на малолетничката деликвенција, вели дека станува се полошо. Потенцира дека децата одат до крајности. Ако до пред некоја година преовладувало вербално насилство и обидите за доминација, сега веќе се повеќе работите се надминуваат со насилство.

-Порано децата сакаа да се омаловажат едни со други за да покажат авторитет во групата. Меѓутоа станува се полошо. Меѓу младите многу има што одат со ножеви на училиште, метални боксови или „шокери“. Бројката на насилства се зголемува. Не би можела да кажам бројки, но процентот е зголемен на врсничкото насилство. За жал завршува со тешки телесни повреди, со модрици, скршеници, повредена вилица и слично, објаснува Цветковска.

Децата како да немаат страв од последици, потенцира Цветковска.

-Имавме неколку предмети слични каде што децата се обидоа да направат тешка кражба за да се снимат за Тик-ток и да покажат како влегуваат во напуштена куќа, како немаат страв од ништо, како скокаат од втори на први спрат, меѓутоа беа откриени од униформираните полицајци и беа донесени кај нас како извршители на кривично дело – обид за кражба, за што од Центарот беа советувани како да не прават такви работи, посочува Цветковска.

Од тетовската полиција велат дека поради се поголемиот број на деца учесници во насилство, Отсекот за превенција се обидува превентивно да делува. Такви се превентивно-едукативните проекти како „Децата, правата и обврските“. На посебни часови, обучени полициски службеници ги запознаваат основците со детските права, но и обврски.

-Учениците се информираат што значи тоа детска деликвенција и за други девијантни појави, асоцијални постапки, но и за можните законски импликации доколку се инволвираат во истите. Целта е да се запознаат какви последици може да имаат доколку иницираат или учествуваат во незаконски постапки и дејствија, истакнува Марјан Јосифоски, портпарол на СВР Тетово.

Психологот Цветковска смета дека за подобрување на состојбите односно намалување на агресијата кај децата важна улога имаат родителите. Препораките се родителите да не заборават дека мора да најдат време за децата односно за нивниот психолошки развој или едноставно да разговараат за секојдневнието, но и самите да внимааат како се однесуваат дома и дали тоа влијае на агресивноста кај нивното дете.

- Децата пред сè сакаат љубов, сакаат насмеани родители и задоволни родители. Наместо тоа цел ден дома гледаат родители кои се караат за пари, „не купувај тоа е скапо“, „ова е поважно“ – децата се сведоци на тие секојдневни расправии, и го собираат сето тоа во душата. Кај нив се создава една голема агресија која некаде мора да ја исфрлат. Потоа тоа го прават на училиште, на улица и доаѓа до разни несакани последици од тие насилства, вели Цветковска.

Порачува родителите барем по еден до два часа да им посветат на своите деца, да разговараат со нив за случките на училиште, за другарите, за местата каде излегуваат, за нивните проблеми. 

- На пример таа другарка, тој другар денес ми се налути, не зборува. Родителот ќе каже „ајде детска игра“, денеска не зборуваат, утре ќе зборуваат. Не. Треба да му објаснат на детето како да се однесува, ако погрешил да се извини, ако не погрешил, дека има друг начин како да се зближи, да не се повтори повторно. Мора да им помогаат во решавање на проблемите. Од друга страна, родителите не треба да дозволат децата да бидат присутни при нивните кавги и расправии. Да најдат време и начин самите да ги надминат проблемите. На децата им треба весела атмосфера, им требаат насмеани родители, потенцира Цветковска.

Таа предупредува дека комбинацијата на родителска негрижа или непостапување заедно со негативните влијанија на социјалните мрежи најмногу придонесуваат децата се повеќе да стануваат агресивни. Комплексниот проблем со однесувањето треба да се надмине и со условно речено подобрување на влијанието на родителите.

-Сега се повеќе е изразено насилството во интернет просторот, најчесто на социјалните мрежи преку споделување на негативни и непријатни и лични содржини за некого со цел да се предизвика омаловажување. Зборувам за деца од шесто, седмо одделение до втора-трета година средно. Тие се идентификуваат со лоши личности, гледаат негативни насилни работи на социјалните мрежи, играат насилни игри и тоа го спроведувааат меѓу своите врсници на училиште. Верувам дека 90 проценти од родителите не ни погледнале што гледа детото цел ден на телефон, што игри игра, дали се тоа игри со насилство, дали е тоа некоја социјална мрежа, вели Цветковска.

Според неа, во училиштата наставниците ги викаат родителите и децата на советување, работаат индивидуално и групно со нив, но главниот проблем се надминува дома.

-Многу тешко е во овие тешки времиња, да ресоцијализирате родители, а прво треба да ги ресоцијализираме нив, да им објасниме која е нивната улога во воспитниот процес на нивните деца за тие да можат да си ги воспитаат своите деца како што треба. Агресијата што ја гледаат децата понатаму во животот ќе прави големи проблеми. И децата жртви на насилство, доколку се повторува тоа насилство, можат да станат исто така насилници. Можат да имаат нарушување на емотивен план, доколку трае подолго време малтретирањето од страна на другите ученици, други деца. Така што родителите мора да бидат внимателни и ако нивните деца се насилници, и ако се жртви на насилство, потенцира Цветковска.

Тетовската полиција во 2022 година евидентирала 70 кривични дела во кои посредно или непосредно вклучени биле 89 малолетници. Во најголем борј случаи, предметите биле расчистени, а за тоа биле поднесени 62 кривични пријави за малолетници. Најммногу од кривичните дела биле кражби. Полицијата бележи малолетници кои биле вклучени во кривични дела поврзани со дрога, загрозување на безбедноста и слично.

Александар Самарџиев

Фото: МИА архива, pixabay.com

Остани поврзан