• вторник, 21 ноември 2023

Тајани: Договорот меѓу Италија и Албанија за центрите за мигранти не може да се споредува со оној меѓу Британија и Руанда

Тајани: Договорот меѓу Италија и Албанија за центрите за мигранти не може да се споредува со оној меѓу Британија и Руанда

Рим, 21 ноември 2023 (МИА) - Италијанскиот вицепремиер и министер за надворешни работи Антонио Тајани изјави дека Владата ќе поднесе пред парламентот предлог-закон за ратификација на договорот со Тирана за формирање центри за мигранти во Албанија, јави италијанската новинска агенција АНСА.

Првично се сметаше дека за овој меѓународен договор не е потребно одобрение од парламентот, што предизвика незадоволство кај опозицијата.

- Владата има намера набргу до Парламентот да поднесе предлог-закон за ратификација, кој ќе ги содржи и правилата и распределбата на средствата неопходни за спроведување на протоколот, рече Тајани пред Долниот дом на Парламентот.

- Денешната расправа (за договорот) и гласањето по него покажуваат дека, кога е потребно, нашата влада никогаш не бегала од дијалог и парламентарна контрола, особено за вакви важни прашања, истакна Тајани.

Министерот изјави дека според договорот во Албанија ќе бидат формирани два центри и во нив истовремено нема да бидат задржани повеќе од 3.000 мигранти. Тој повтори дека во центрите во Албанија ќе бидат однесени само мигрантите кои италијанските власти ги спасиле на море. Ова нема да важи за оние кои биле спасени од бродови на невладини организации или за оние кои веќе пристигнале во Италија.

- Нема да биде можно да се извлечат чамците на шверцерите на брегот, ниту да се насочат чамците со кои управуваат невладините организации кон Албанија, рече тој. „Мигрантите ќе бидат третирани како што е предвидено во италијанските и европските регулативи.

Тајани додаде дека „овој протокол не може да се спореди со договорот меѓу Велика Британија и Руанда. Обработката на барањата за азил нема да се префрлаат на трета страна“, додаде тој. „И нема отстапување од меѓународно загарантираните права, кои се експлицитно потврдени неколку пати во протоколот. „Албанија наскоро ќе се приклучи на ЕУ и е дел од Советот на Европа. Не би биле можни отстапувања“, потенцираше италијанскиот министер. ссм/

фото: архива

Остани поврзан