• четврток, 26 септември 2024

Судот на ЕУ ја отфрли жалбата на каталонските сепаратисти Пуџдемон и Комин

Судот на ЕУ ја отфрли жалбата на каталонските сепаратисти Пуџдемон и Комин

Брисел, 26 септември 2024 (МИА) – Судот на правдата на Европска Унија денеска ја отфрли жалбата на каталонските сепаратистички лидери Карлес Пуџдемон и Тони Комин, кои сакаа да бидат признати за европратеници по европските избори во јуни 2019 година.

Пуџдемон и Комин беа избрани за европратеници во 2019 година, но нивниот статус не беше признат бидејќи не положија заклетва дека ќе го почитуваат Уставот на Шпанија.

Судот на правдата на ЕУ ја потврди одлуката на Генералниот суд на ЕУ со која беше укинат имунитетот што Пуџдемон и Комин би го имале како европратеници.

- Ќе продолжиме да се бориме и да истраеме на сите фронтови за да дадеме глас и да гласаме за она што е напишано во гласачките кутии, објави на социјалната мрежа Икс генералниот секретар на партијата Заедно за Каталонија, Жорди Турул.

Партијата на Пуџдемон и Комин е таа која води кампања за независност на Каталонија од Шпанија.

Пуџдемон ја напушти Шпанија во 2017 година за да избегне гонење по краткотрајната независност на Каталонија. Комин беше реизбран за член на ЕП на овогодишните јунски избори и повторно одби да положи заклетва во Мадрид дека ќе го почитува шпанскиот устав.

И двајцата сепаратистички лидери живеат во егзил. Одлуката на Судот на ЕУ може да ја отвори вратата за нивна евентуална екстрадиција во Шпанија.

Врховниот суд на Шпанија во јули ги потврди налозите за апсење на Пуџдемон, Комин и други обвинети за проневера на средства поврзани со неуспешниот обид за отцепување на Каталонија, бидејќи одлучи дека неодамнешниот закон за амнестија не се однесува на нив. ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан