• петок, 29 март 2024

Петрoвска - Риле: Северна Македонија продолжува да биде посветен сојузник во Алијансата

Петрoвска - Риле: Северна Македонија продолжува да биде посветен сојузник во Алијансата

Скопје, 26 мај 2023 (МИА) - За нас како НАТО сојузник од исклучителна важност е фактот дека Алијансата е обединета и зборува во еден глас за потребата од враќање на мирот и стабилноста на континентот и само ако сме заедно и здружени можеме да најдеме решенија за сите безбедносни предизвици. Затоа без никаква задршка го поддржавме членството на нашиот најнов сојузник Финска во Алијансата, исто како што даваме полна поддршка за членството на Шведска во НАТО, истакна министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешниот состанок со началникот на штаб на Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции, адмирал Јоаким Риле, кој се наоѓа во официјална посета на Армијата на Република Северна Македонија.

Министерката Петровска на средбата со адмиралот Риле истакна дека Северна Македонија продолжува да биде посветен сојузник во Алијансата, кој дава свој придонес кон зацврстувањето на колективната безбедност.

Таа додаде дека позицијата на Северна Македонија во однос на војната во Украина е повеќе од јасна – ние ја осудивме руската агресија од самиот почеток и дадовме поддршка со повеќе донации во воена опрема на Украина, не за војната да се оддолжи, туку зашто оваа независна и суверена земја има право да се одбрани.

Министерката информираше и за растот на одбранбениот буџет, процесите на модернизација на Армијата, како и развојот на интероперабилноста на армиските припадници со припадниците на сојузничките армии.

Адмиралот Риле на средбата со генералот Ѓурчиновски  разговараа за активностите во надлежност на сојузничката команда за операции (ACO) и учеството на наш персонал во командата. Воедно се дискутираше и нашето учество во НАТО операциите и вежби, меѓу кои и вежбата „Брз одговор 23“, која во овој период се изведува на АП „Криволак“, известуваат од Генералштабот.

Пред делегацијата од Врховната команда на сојузничките сили на НАТО за операции, покрај презентирање на тековната формациска трансформација и активностите за опремување и достигнување на поставените цели, се разговараше и за меѓународните операции и планираните проекти за развој на армискиот полигон „Криволак“ како национален и НАТО капацитет.

- Притоа генералот Ѓурчиновски го истакна значењето на континуираното учество на сите позначајни вежби и активности на НАТО, како и нашиот придонес во НАТО операциите со кои имаме можност да ги претставиме нашиот капацитет и подготвеноста за изведување на секаков вид на активности, соопштуваат од  Генералштабот.

Адмиралот Риле потенцира дека досегашните преземени активности од наша страна се показател за вистинската насока за целосно остварување на способностите и побарувањата, притоа нагласувајќи ја важноста на интероперабилноста во сите сфери на одбраната.

Во текот на денот, адмиралот Риле ќе ја посети и Командата за операции каде по остварената средба со командантот, бригаден генерал Бесник Емини, ќе го посети сквадронот за обука и тренинг на пилоти во состав на воздухопловниот ВИНГ.

- Сојузничката команда за операции (ACO) е една од двете стратешки воени команди на НАТО чија мисија е придонесување за зачувување на мирот, безбедноста и територијалниот интегритет на земјите членки на НАТО во зоната на одговорност. По полноправното членство во НАТО, согласно плановите континуирано го зголемуваме нашето учество со штабен персонал во командите и штабовите на НАТО на стратегиско и оперативно рамниште, посочуваат од Генералштабот. ир/са

 

Фото: Генералштаб

 

Остани поврзан