Средба Гаши - Хаџиев пред состанокот во Скопје на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК
- Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска го прими Асаф Хаџиев, генерален секретар на Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК), пред утрешниот Состанок на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на оваа Организација, соопшти собраниската прес-служба.

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, денеска го прими Асаф Хаџиев, генерален секретар на Парламентарното собрание на Организацијата за Црноморска економска соработка (ПАБСЕК), пред утрешниот Состанок на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на оваа Организација, соопшти собраниската прес-служба.
На средбата, на која присуствувала и генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, биле разменети мислења за придонесот на нашата земја во рамки на ПАБСЕК, како релативно нова полноправна членка.
Гаши изразил задоволство што Собранието на РСМ ќе биде домаќин на утрешниот 65. Состанок на Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК. Тој истакнал дека регионалната соработка е од посебно значење во време на геополитички промени на глобално ниво, на кои Балканот и Црноморскиот регион можат да бидат почувствителни.
Хаџиев, пак, се заблагодарил за организацијата на настанот во Собранието на РСМ, упатувајќи покана за учество на пленарната седница на ПАБСЕК, што ќе се одржи во Азербејџан, следниот месец.
Соговорниците разговарале и за можностите за интензивирање на соработката меѓу земјите од Црноморскиот регион, како на економски план, така и во делот на зелената агенда и во други области од заеднички интерес. Исто така, биле разменети мислења за значењето на парламентарната дипломатија, како влог во стабилноста и просперитетот на регионот.
Комисијата за правни прашања и меѓународна соработка на ПАБСЕК ќе заседава утре во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на РСМ, со почеток во 10 часот. Една од точките на дневниот ред е „Меѓународната соработка во борбата против организираниот криминал во регионот на БСЕК. сст/дма/
Фото: Собрание на РСМ