• четврток, 28 март 2024

Со девет милиони евра се обновува автопатската делница Демир Капија-Неготино

Со девет милиони евра се обновува автопатската делница Демир Капија-Неготино

Неготино, 5 јуни 2023 (МИА) - Се обновува автопатската делница Демир Капија - Неготино во должина од 15 километри, со инвестиција од девет милиони евра, обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Во увид  на работите на терен денеска беа премиерот Димитар  Ковачевски, министерот за транспорт и врски  Благој Бочварски и директорот на ЈПДП Ејуп Рустеми. 

Премиерот изрази задоволство, што градежните работи се одвиваат според утврдената динамика. Според договорот за проектот, рехабилитацијата на патот треба да заврши до април следната година, а премиерот очекува рокот да биде испочитуван.

Ковачевски подвлече дека ова е една од делниците од трансевропскиот Коридор10 и претставува важна врска со Европа. Реализација на овој проект, додаде, освен што значи придонес во транспортното поврзување, ќе обезбеди и безбеден сообраќај за граѓаните. Влогот во патната и железничката инфраструктура е влог во трајни добра, нагласи тој, што значат, не само модерни патишта, туку и регионален развој и раст на економијата.  

- Само минатата година, во услови на најголема криза имаме рекордна реализација на капитални инвестиции од 465 милиони евра, што е за 60 проценти повеќе од 2014 година, кога износот на капитални проекти беше 286 милиони евра, а парите на граѓаните одеа во непродуктивни трошења, за лични и партиски цели. Ние  покажавме дека парите на граѓаните и треба и може да се употребуваат одговорно и исклучиво за развојот на државата, нагласи премиерот. 

Тој потсети дека во последните три години односно 2020, 2021 и 2022 година, во услови на здравствена, економска и енергетска криза вредноста на капиталните инвестиции изнесува 1,1 милијарда евра, од 2017 до 2022 година се вложени 1 милијарда евра за изградба и рехабилитација на патишта.

- Изградивме и рехабилитиравме околу 1.400 километри патишта за 6 години. Изградени се два нови експресни патишта, градиме уште два нови и бројни магистрални и регионални патишта. Градиме и рехабилитираме околу 450 километри локални патишта низ општините. Динамиката на изградбата на патот од Кичево до Охрид, во должина од 57 километри е забрзана, отстранети се наследените пречки што ја  кочеа реализацијата и веќе 75 проценти од патот е завршен, додаде премиерот. 

Неодамна, рече тој и официјално се пушти во употреба рехабилитираната патна делница Куманово – Страцин, процес кој за прв пат се спроведе после повеќе од 32 години, овој магистрален пат е дел од европскиот коридор 8 и е од витално значење како за тој регион, така и за целата држава.

Со изградбата на коридорите  8 и 10-д, потсети, ќе изградиме околу 110 километри нови автопатишта.

-На терен на двата коридора веќе се вршат неопходните подготвителни активности за градежните работи, а паралелно течат и процесите на проектирање, изработка на елаборати за експропријација на земјиштето и мобилизација на фирми кои ќе бидат вклучени во изградбата на автопатите, рече Ковачевски.

Министерот Бочварски посочи дека Јавното претпријатие со девет  милиони евра средства од сопствениот буџет ја започна рехабилитација на најоштетната делница, во должина од околу 15 километри, на потегот меѓу Неготино и Демир Капија. 

- Рехабилитацијата беше неопходна пред се од сообраќаен и безбедносен аспект. Очекуваме во следиот период силен прогрес на работите и завршување во предвидениот рок од една година. 
Инвестирањето во подобра патна мрежа е влог за силна економска држава и  за сегашните и идни поколенија. Силниот инвестицики циклус од близу 2 милијарди евра во модернизирање на целокупната патна инфраструктура во државата несомнено дава силен сигнал за домашните и странски инвеститори, додаде Бочварски. 

Тој информираше и дека на овој коридор се рехабилитира и оштетениот дел од Катланово до Петровец, а веќе започнати се подготовките и за проширување на граничниот премин Табановце. Во следна фаза овој јужен дел од автопатот ќе се издигне на повисоко модерно ниво,  за што веќе следниот месец ќе се  распише повик за инсталација на интелегентен транспортен систем, преку кој систем ќе има предвидливи ситуации на самиот коловоз, со што ќе се подигне безбедноста на уште поголемо ниво. 

- Доаѓајќи кон овде, сигурно ги забележавте и работите на експресниот пат кон Прилеп. И таму имаме добра динамика, прогресот на работи се зголемува и веќе следната година очекуваме да возиме по безбеден и нов пат поврзувајќи го Пелагонискиот регион, рече министерот. 

Потсети дека веќе стартуваа и работите за изградба на нов модерен автопат од Прилеп до Битола, со што оваа врска до граничниот премин со Грција ќе ја заокружи рехабилитацијата на потегот од Битола до ГП Меџитлија, овие инвестициски зафати ќе ја докомплетираат сликата за брзи, безбедни и модерни коридори 10 и 10 д, како дел од европска мрежа на коридри.

Директорот Рустеми, истакна дека интензивно се работи на обновата на патот, во должина од 14,8 километри и со ширина од 11,10 метри.Заради безбедна изведба на работите и обемот кој опфаќа целосна реконструкција на овој дел на автопатот има времен режим на сообраќај. Изведувач на работите е „Ескаватори“, а надзор „Геинг“.

-  Ќе се рехабилитира коловозот во двата правци и очекуваме догодина туристичката сезона да ја дочекаме со рехабилитиран и побезбеден автопат бидејќи токму за овој дел од делницата имавме и реакции од граѓаните, соопшти Рустеми, информирајќи дека ваква активност почнува и на автопатската делница Скопје-Тетово бидејќи и таму има големи оштетувања на коловозот. свд/лв/


Фото : МИА 

Остани поврзан