Со активноста "Имам став", средношколците од Крива Паланка на расправа во македонското Собрание
- Развој на вештини за аргументирана дискусија, меѓусебно слушање и заедничко барање решенија за теми што ги засегаат младите се дел од целите на едукативните активности "Имам став!", во организација на Парламентарниот институт, во кои учествуваа и средношколците од Крива Паланка.
Крива Паланка, 16 октомври 2026 (МИА) - Развој на вештини за аргументирана дискусија, меѓусебно слушање и заедничко барање решенија за теми што ги засегаат младите се дел од целите на едукативните активности "Имам став!", во организација на Парламентарниот институт, во кои учествуваа и средношколците од Крива Паланка.
Под мотото "Младите имаат став — за информирано, одговорно и здраво општество!" учениците од СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка учествуваа во едукативната активност во македонското Собрание каде преку симулација на парламентарна расправа, презентирале предлог-решенија и ги бранеле своите ставови на три значајни теми: медиумска писменост и справување со лажни вести, користење вештачка интелигенција во образованието и унапредување на менталното здравје кај младите.
-За поголема отпорност на дезинформации, учениците предложија практична медиумска писменост во средните училишта преку вежби за препознавање лажни вести, проверка на изворите и одговорно споделување информации. Во областа на вештачката интелигенција предложија проширување на предметот „Вовед во вештачка интелигенција“, со негово воведување како изборен предмет во осмо и деветто одделение и вклучување во наставните планови за средното стручно образование. За поддршка на менталното здравје предложија едукативни активности, обуки за наставниците и достапно психолошко советување во училиштата.
Нивната работа ја оценуваше комисија во состав: пратеникот Љупчо Николовски, Фани Коровешовска-Коларовска, раководител на Секторот за анализи и истражувања, и Петар Минов, раководител на парламентарната буџетска канцеларија.Честитки до учениците и нивните ментори/ менторки за подготовката и ангажманот, се наведува во соопштението од СОУ "Ѓорче Петров", Крива Паланка.
Оттаму нагласуваат дека нивните предлози покажале дека младите размислуваат за предизвиците со кои се соочуваат и имаат идеи како да придонесат кон нивно решавање. иб/ац/