• вторник, 26 март 2024

Симнување на застареноста на кривичните дела тортура и малтретирање во служба се дел од обврските за државава кои произлегуваат од пресудите на ЕСЧП

Симнување на застареноста на кривичните дела тортура и малтретирање во служба се дел од обврските за државава кои произлегуваат од пресудите на ЕСЧП

Скопје, 13 февруари 2023 (МИА) – Симнување на застареноста на кривичните дела тортура и малтретирање во служба, како и заживување на граѓанскиот аспект од механизмот за надворешна контрола, се дел од обврските кои се пред државата во периодот кој следи, а кои произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права.

Комитетот на министри во јуни годинава ќе има средба за човекови права, што значи дека очекува ажуриран акциски план од владиниот агент до средината на март.

Ова беше посочено на денешната тркалезна маса за извршување на пресудите на ЕСЧП и Надворешниот механизам за контрола, во организација на Министерството за правда и делегацијата на Советот на Европа од Одделението за извршување на пресуди на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП).

Владиниот агент на Бирото за застапување на Северна Македонија Даница Џонова, посочи дека групата од осум пресуди од ЕСЧП Китановски и други, се уште се под надзор на Комитетот на министри и се во фаза на извршување, што значи дека се очекува од државата да преземе определени мерки, како спроведување на свежи истраги во доменот на индивидуалните мерки, така и во доменот на општите мерки кои имаат задача да превенираат идни слични повреди на ЕК за човекови права. 

-Во принцип оваа група од осум во моментов пресуди во суштина детектираат проблем со неефикасната истрага, нагласи Џонова.

Во делот на индивидуалните мерки на извршување на пресудите, во случаите на Желадинов, Сулејмани и Трајковски како држава, посочи Џонова, не успеавме да спроведеме свежа истрага во ниту еден од случаите по што настапи застареност.    

-Меѓутоа Комитетот на министри континуирано не следи. Она што не успеавме како држава да го продуцираме при извршувањето на оваа група на пресуди, потоа рефлектираше, особено кога Комитетот на министри го разгледуваше случајот Хајрулаху и останатите во групата, реално со барање за симнување  на застареноста кривичното дело тортура, нагласи Џонова. 

Во моментов пред Собранието, според Џонова, се измени на Кривичниот законик каде се предлага симнување на застареноста на кривичното делот тортура, а со новиот Кривичен законик, кој е во подготовка, таа посочи дека ќе се направи обид да се симне и застареноста од кривичното дело малтретирање во служба.

- Тоа е една од обврските што ни останува во процесот на извршување на овие пресуди, кои се сè уште под надзор на Комитетот на министри, изјави Џонова.   

Како една од поголемите обврски што ни стои на патот, Џонова посочи дека е заживување на механизмот за надворешна контрола, каде како држава, рече дека, имаме сериозен проблем со заживување на граѓанскиот аспект од овој механизам.

- Се поставува прашањето дали, дури и кога би се продолжил мандатот на невладините организации наместо една да биде три години. Значи имаме повеќе причини, кои ни сугерираат, дека реално ова решение можеби и не е најсоодветното и веројатно не е најодржливото, рече Џонова.

Бојана Николин, раководителката на секција, Департман за извршување на пресуди, Совет на Европа, посочи дека овие осум случаи од групата Китановски се всушност 30 проценти од сите случаи кои стојат за земјава пред ЕСЧП.

- Комитетот на министри за прв пат ќе ги разгледа овие предмети на средбата за човекови прва во јуни годинава. Тоа значи дека Комитетот на министри очекува ажуриран акциски план од владиниот агент до средината на март. Затоа е важно дел од отворените прашања да се решат и отворено да зборуваме за тоа, изјави Николин.

Како одговор на пресудата за повреда, Николин посочи, дека државата има обврска по меѓународно право да преземе мерки, од една страна кон апликантот да се врати во состојбата што ја ужива пред повредата и второ, да се преземат генерални мерки за избегнување вакви прекршувања во иднина.

Настанот се организира во рамките на проектот „Јакнење на капацитетите на пенитенцијарниот систем во Северна Македонија”, дел од заедничката програма на ЕУ и Советот на Европа Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција – Фаза III. аа/нд/

Остани поврзан