• понеделник, 08 јуни 2026

Се унапредува системот на интегритет во Јавното обвинителство, договорено продолжување на соработката со ДКСК

Се унапредува системот на интегритет во Јавното обвинителство, договорено продолжување на соработката со ДКСК

Скопје, 11 мај 2026 (МИА) - Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески и претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата Адем Чучуљ денеска го потпишаа новиот Меморандум за соработка меѓу двете институции во следните три години.

-Како клучен дел од документот се активностите за развивање, унапредување и имплементација на системот на интегритет во Јавното обвинителство, што се спроведува со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје. За таа цел, на потпишувањето на Меморандумот присуствуваше и шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, соопшти ЈОРСМ.

Согласно документот Јавното обвинителство и ДКСК, како што се наведува во соопштението, ќе формираат работна група која ќе подготви специфично дизајнирана политика за интегритет согласно уставната и законска положба, организациската поставеност и внатрешните акти на обвинителството.

Јавното обвинителство и ДКСК ќе соработуваат и за размена на искуства, консултации и стручна поддршка поврзани со воспоставување и унапредување на интерни механизми за интегритет, превенција на корупција, управување со ризици, судир на интереси и етичко постапување. дма/

Фото: ЈОРСМ