• петок, 19 април 2024

Северна Македонија во 2022: Енергетско-економската криза го засени долгоочекуваното „зелено светло“ од Брисел

Северна Македонија во 2022: Енергетско-економската криза го засени долгоочекуваното „зелено светло“ од Брисел

Скопје, 2 јануари 2023 (МИА) – По 17 години во чекалната на ЕУ, Европскиот совет лани конечно донесе одлука за старт на преговорите на земјава за членство во Унијата, дополнително вселенскиот патријарх Вартоломеј реши по повеќе децении да ја врати МПЦ – Охридска Архиепископија во канонско единство со останатиот православен свет. Но, врз овие убави вести за земјава, сенка фрли енергетската и економската криза, првенствено предизвикана од руската агресија на Украина, која резултираше со прва двоцифрена стапка на инфлација по повеќе од две децении, раст на цените на основните прехранбени производи и неизвесност околу снабдувањето со енергенси.

Дополнително, земјава доби нова Влада предводена од нов премиер, но се разгоре и дебатата околу барањето на опозицијата за предвремени избори, пораснаа тензиите во односите со Бугарија, а се најдовме и на удар на хибридни напади манифестирани во форма на лажни дојави за поставени бомби по училишта, автобуси, државни институции, трговски центри, спортски објекти…

Јануари

Годината започна со избор на нова Влада, предводена од лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, кој на оваа позиција дојде по оставката на неговиот претходник Зоран Заев, како резултат на лошите изборни резултати на партијата на локалните избори во 2021 година. Од новата Влада си заминаа осуммина членови на претходниот владин Кабинет и таа вклучи 11 члена од СДСМ, шест од ДУИ, тројца од Алтернатива и еден од ЛДП. „За“ изборот на новата Влада гласаа 62 пратеници, а 46 беа „против“.

Една од првите активности на новата Влада беше „затоплување“ на односите со Бугарија, кои се влошија по одлуката на Софија за блокирање на европскиот пат на земјава. За таа цел веднаш по изборот на Владата во Скопје допатува бугарскиот премиер Кирил Петков, а потоа во Софија се одржа заедничка седница на двете влади, на која во атмосфера на изразена политичка волја и дух на искреност и отвореност беа поставени основите за идниот брз напредок на меѓусебните односи и се направи обид преку конкретни договори да се зајакне соработката меѓу двете земји и тоа да придонесе и за пронаоѓање компромис за спорните прашања. Првите луѓе на двете влади, Димитар Ковачевски и Кирил Петков порачаа дека добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветат на работи што беа заборавени последните години. Тие најавија дека историјата ќе биде ставена во втор план, а фокусот ќе биде на градење на добрите односи меѓу граѓаните на Северна Македонија и Бугарија, зајакнување на соработката во повеќе сектори, како и добрососедство мерливо според постигнати цели и резултати.

Кон градењето на тие нови односи и на унапредување на севкупната соработка меѓу двете земји се приклучи и МИА, која отвори свој прес-центар во Софија, на чие отворање присуствуваа и премиерите Ковачевски и Петков. Од друга страна и бугарската државна агенција БТА отвори свој прес-центар во Скопје. Премиерот Ковачевски по тој повод оцени дека не е значајно само тоа што имаме прес-центри на двете главни државни новински агенции, туку уште позначајно е што ќе има агенции што ќе споделуваат информации, кои се веродостојни и кои ќе ги одразуваат добрите односи меѓу двете држави.

Дека минатата година ќе биде тешка на енергетски и економски план можеше да се насети уште во јануари, кога Владата донесе Одлука за постоење на кризна состојба во снабдувањето со топлинска енергија на подрачјето на град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Дополнитело беа продолжени и мерките за определување највисоки цени на основните прехранбени производи – лебот, шеќерот, брашното – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснатите производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата и тестенините, до крајот на февруари.

Со стартот на годината, стапија во сила и измените на Законот за работни односи, кои ја дефинираат недела како неработен ден за 92 проценти од работниците. За оние, пак, кои работат во недела, како работниците кои се дел од дејностите неопходни за функционирање на општеството и чиј работен процес не смее или не може да биде запрен, измените предвидуваат за најмалку 50 проценти поголема дневница и слободен ден, додека за вработените во несуштинските дејности на кои им е дозволено да работат, им следува 100 отсто поголема дневница и слободен ден.

Кон крајот на месецот беше објавена и листата за Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси интернешнл за 2021 година, на која земјава забележа скок од 24 места во однос на рангирањето за претходната година. Северна Македонија на листата се најде на 87 место од 180 рангирани држави, со 39 од можни 100 поени, што претставуваше раст од четири поени. Сепак, земјата остана под глобалниот просек од 43 поени, заедно со две третини од сите рангирани држави.

Февруари

Вториот месец од годината ја донесе руската агресија врз Украина, чии последици ги почувствува целиот свет во наредниот период од годината. Веднаш по стартот на агресијата, претседателот Стево Пендаровски свика итна седница на Советот за безбедност на која тема беше безбедносната состојба во земјава и регионот. На седницата беа осудени воените дејствија на Русија и беше оценето дека безбедносната состојба во земјата е стабилна, а надлежните институции беа задолжени да ги следат состојбите и да изготвуваат можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено дејствување, особено во делот на стоковите резерви и снабдувањето со енергенси. Беа преземени мерки за евакуација на македонските граѓани кои се наоѓаат во Украина, како и на вработените во нашата амбасада во Киев.

Северна Македонија, како рамноправна членка на НАТО, беше во редовна координација со сојузниците во однос на активностите што се преземаа во врска со агресијата, а се приклучи и кон пакетот рестриктивни мерки што ги воведе ЕУ кон Москва.

Руската агресија резултираше со покачување на цените на основните прехранбени производи и енергенсите, што придонесе за продлабочување на енергетска криза, поради што Владата презеде мерки за да го намали ценовниот притисок врз граѓаните, домаќинствата и стопанството и упати апел до сите институции во државата да ги трошат средствата од буџетите максимално одговорно и ефикасно со цел да ги амортизираат негативните последици од кризата.

Паралелно со ова продолжија и напорите за деблокада на европската интеграција на земјата. Се бараа решенија за спорот со Бугарија без загрозување на статусот на македонскиот јазик и без влегување во разговор за идентитетските прашања, согласно Резолуцијата усвоена во Собранието со поддршка од сите партии. Како што најави вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, за Владата е неприфатлива каква било промена или додавка во преговарачката рамка со ЕУ за македонскиот јазик и неговиот статус во Унијата. Разговорите со Бугарија продолжија на експертско ниво за политичкиот пакет прашања, со определба разликите да се решаваат во духот на европските вредности и задржување на достоинството на граѓаните на двете држави, со крајна цел остварување на нашиот интерес да влеземе во ЕУ заради нас, но и да останеме Македонци кои говорат македонски јазик. Се одржа состанок на Работната група за соработка во областа на инфраструктурата, транспортот и поврзувањето помеѓу Северна Македонија и Бугарија, како и првата средба во годината на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања.

Во таква атмосфера од Брисел стигаа пораки дека институциите на ЕУ се едногласни во поддршката за одржувањето на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија без одлагање и за деблокирање на процесот за проширување на Унијата.

На социо-економски план, Собранието едногласно со 101 глас „за“ го прифати предлогот на Владата за усвојување измените на Законот за минимална плата по скратена постапка, со кои се предвиде минимална плата од 18.000 и нова методологија за нејзино усогласување согласно договореното меѓу социјалните партнери. Со измените се предвиде годишно усогласување на минималната плата по принципот 50 проценти со годишниот раст на просечната плата и 50 проценти со растот на трошоците за живот, при што таа не може да биде пониска од 57 проценти од просечната плата за претходната година.

До 30 април 2022 година беше продолжена и Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија, со што ЕСМ презеде обврска за снабдување со топлинска енергија на скопјани.

Во февруари продолжи да опаѓа бројот на активни случаи на Ковид 19 во земјава и беше покренато прашањето аа евентуално олабавување на мерките за заштита.

Март

Во март беше спроведен Попис по две децении, кој покажа дека во земјава вкупното резидентно население во земјава изнесува 1 836 713 лица, од кои 58,44 отсто се Македонци, 24,3 Албанци, 3,86 Турци, 2,53 Роми, 0,47 Власи, 1,3 Срби и 0,87 Бошњаци. Бројот на вкупно попишано население изнесуваше 2 097 319 лица, а од кои нерезиденти беа 260 606 лица. Пописот покажа дека во однос на 2002 година вкупното население во државата е намалено за 185 834 лица или за 9,2 отсто. Власта и надлежните институции за попишување го оценија пописот како успешен и професионално спроведен, согласно европска методологија. Од друга страна, опозициските партии оценија дека Пописот не дава целосна слика за популацијата, дека пописните резултати не може да се вреднуваат како веродостојни и не се одраз на реалноста.

Северна Македонија ја прослави втората годишнина од членството во НАТО, од 27 март 2020 година, денот кога во вонредни околности во услови на пандемијата на Ковид-19, в.д. амбасадорот на земјава во САД Вилма Петковска во Вашингтон му го предаде оригиналниот документ за ратифакиција на Преспанскиот протокол за членство на американскиот помошник државен секретар н за Европа и Евроазија, Филип Рикер. Три дена подоцна македонското знаме беше кренато пред седиштето на НАТО во Брисел со интонирање на државната химна, на церемонија со која се означи официјалното пристапување на земјава во Алијансата. По повод втората годишнина од членството, зградата на МНР беше осветлена во боите на НАТО.

Во текот на месецот беше унапредена соработката и комуникацијата со Бугарија за надминување на разликите. Според оценките на властите, се воспостави нов процес на разговори, комуникација и смирени односи со цел зголемување на довербата меѓу двете општествата, а провокациите беа сведени на минимум. Целта беше старт на преговорите до крајот на јуни за време на француското претседателство со ЕУ. Во таков амбиент во Софија отпатува премиерот Ковачевски, земјава ја посети бугарската министерка за надворешни работи Теодора Генчовска, продолжија контактите меѓу владини претставници на двете земји, а се одржа и средба на Работната група за инфраструктура, транспорт и енергетика. На скопскиот аеродром слета авион од типот АТР72-600 на бугарската авиокомпанија „Гуливер“ на првиот лет на нововоспоставената авиолинија Скопје – Софија – Скопје.

Руската агресија врз Украина и одлуката на Москва да ја прекине дистрибуцијата на гас за Европа, како реципроцитетна мерка на санкциите на ЕУ, негативно се одрази врз економијата и животниот стандард на граѓаните. Вртоглавиот раст на цените на нафтените деривати на светските берзи доведе до поскапување на горивата и на основните прехранбени производи, дојдоа и прогнози за раст на инфлацијата. Како дел од пакетот владини анткризни мерки, беа намалени акцизите и ДДВ-то на природниот гас и електрична и топлинска енергија од 18 на 10 проценти, а нивните увозници беа ослободени од плаќање ДДВ. Со мерките беше воведена повластената стапка на ДДВ за лебот, шеќерот, брашното тип 400, зејтинот, трајното млеко, свежото месо, оризот и јајцата, беа замрзнати маржите и укинати царинските давачки за увоз на основните прехранбени производи. За околу 35 илјади граѓани од ранливите категории беа предвидени ваучери во вредност од илјада денари за купување на основните прехранбени производи за период од три месеци. Беше ограничен и извозот на пченица, јачмен, пченка, брашно од пченица, семе на сончоглед и на сончогледово масло.

По трендот на намалување на бројот на активни ковид случаи и стабилизацијата на епидемиолошката ситуација во државата, Владата донесе одлука за олеснување на дел од мерките, со што учениците во основните и средните училишта беа ослободени од обврската за носење маски во текот на часовите, беше овозможено организирање екскурзии и започна наставата со физичко присуство на факултетите во земјата со почитување на препорачаните мерки за превенција од коронавирусот, како задолжително носење маски во затворен простор, одржување на физичко растојание од еден до два метри, зачестена хигиена на рацете и нивна задолжителна дезинфекција пред влезовите и често проветрување на затворените простории. Беше зголемена и максималната исполнетост на капацитетот на отворен и затворен простор од досегашниот најмногу до 50 отсто, на најмногу до 75 проценти, со задолжително носење на заштитни маски за културни настани – театри, кина, филхармонија, како и семинари, обуки, состаноци, конференции и слично.

Април

Владата одбележа сто дена од формирањето, кои минаа во услови на здравствена, енергетска, економска и воена криза и нејзината клучна цел, како што нагласи премиерот Ковачевски, беше заштита на животниот стандард на граѓаните, задржување на ликвидноста на компаниите, обезбедување одржлив економски раст, непречена исплата на сите обврски на Буџетот, зголемени приходи и инвестиции.

Во Скопје допатува еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји упатувајќи јасна порака дека ЕУ очекува прашањето за почеток на преговорите на земјава со Унијата да се реши до крајот на франуцското претседателство во јуни и затоа нема време за губење и потребно е забрзување на процесот. Властите ја потврдија својата посветеност на почитувањето на европските вредности и на разговори со Софија базирани на респект и достоинство со цел изнаоѓање најдобро, европско решение, нагласувајќи дека земјава ги исполнила своите обврски и продолжува да дејствува целосно на линија на политиките на Европската Унија, со што уште еднаш покажа дека е достоен партнер и заслужува старт на преговорите. Од МНР стигнаа најави дека „има документ како основа за сеопфатно решение за сите разлики што ги имаме со Бугарија“, кој е прифатлив за македонската страна, но се уште немаше одговор дали тој е прифатлив и за Софија.

Во таква атмосфера во Скопје се одржа 18-та средба на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, која според извори во комисијата, минала во позитивна атмосфера, со отворен дијалог и размена на ставови по однос на позициите и интерпретациите на минатото за ХI и XII век.

Но, наспроти ваквите обиди за релаксирање на билатералните односи, отворањето на клубот на бугарското здружение „Ванчо Михајлов“ во Битола, на кое присуствуваа и потпретседателката и премиерот на Бугарија, Илијана Јотова и Кирил Петков, предизвика нови тензии меѓу двете земји. Во домашната јавност, ваквиот потег на „именување на културни установи по докажан соработник на фашистичкиот режим не служи на добрососедството“ беше протолкувано како навреда и провокација кон македонскиот народ.

И покрај негативните импликации од ковид-падемијата и украинската криза врз економијата, агенцијата за кредитни рејтинзи „Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава на „ББ+“ со негативен изглед поради ризиците по пандемскиот шок и ефектите од настаните во Украина, нотирајќи при тоа добро владеење, како и кредибилна и кохерентна макрофинансиска политика, конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс. „Фич“ во април предвиде раст на македонската економија од 2,8 отсто во 2022 година, како резултат на проблемите во глобалните синџири на дистрибуција, последиците од прекините во снабдувањето со енергија и зависноста од увоз на гас од Русија.

Согласно трендот на намалувањето на бројот на новозаболени и починати од Ковид-19, кон крајот на месецот беа укинати сите рестриктивни мерки за справување со коронавирусот, освен задолжителното носење маски во здравствени установи, аптеки, јавен превоз и домови за стари лица. Претходно, беше укината и обврската на домашните и странските државјани кои влегуваат во земјата на граничниот премин задолжително да приложат сертификат за извршена вакцинација или за прележан Ковид-19 во последните 180 дена, медицинска потврда за негативен ПЦР тест направен најмногу пред 72 часа или негативен брз антиген тест направен 48 часа пред влезот во земјата.

Поради сомневањата дека ја злоупотребил службената положба генералниот секретар на Владата, Мухамед Зеќири поднесе неотповиклива оставка, по што судија на претходна постапка на предлогот на Основното јавно обвинителство му определи мерка притвор во траење од 30 дена. Зеќири се сомничи дека во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на службената положба, без спроведување на соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, прибавувајќи противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари на штета на државниот Буџет.

Мај

На 9 мај Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј, одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа. Светиот Синод на Вселенската Патријаршија одлучи „да ги прими во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа Црква под архиепископот г.г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј“ врз раната на нашите тамошни, православни браќа“, за што издаде и соодветен Патријаршиски и синодален акт. Вселенската патријаршија како име на МПЦ го признава „Охридска Архиепископија“, имајќи ја на ум како област на нејзината јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија. Патријаршијата, при тоа, остави Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и МПЦ-ОА во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание. Со ваквата одлука МПЦ-ОА се врати во канонско единство со другите православни помесни цркви и беше призната како канонска црква, со што по 55 години му се даде можност на македонското свештенство да има заеднички богослужби со другите православни цркви.

Една недела по ваквата одлука на вселенскиот патријарх, Синодот на СПЦ соопшти дека го прифаќа статусот на најширока можна автономија на МПЦ, односно целосна внатрешна независност, која и беше доделена уште во 1959 година. Синодот во соопштението додаде дека „во дијалогот за иден и евентуален конечен канонски статус, СПЦ ќе се води исклучиво од еклисиолошко-канонските и црковно-пасторалните принципи, стандарди и норми“.

На 19 мај во соборниот храм „Свети Сава“ во Белград се одржа заедничка архијерејска литургија на помирување, со која чиноначалствуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан, со што беше потврдено надминувањето на 55-годишниот раскол меѓу СПЦ и МПЦ-ОА и возобновувањето на канонското и евхаристиското општење. Пет дена подоцна патријархот Порфириј и архиепископот Стефан одржаа заедничката литургија во соборниот храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, на која српскиот патријрах соопшти дека „Светиот архиерејски собор на Српската православна црква едногласно излезе во пресрет на барањето на Македонската православна црква – Охридска архиепископија и ја благословува и одобрува афтокефалноста на МПЦ-ОА“.

Во исто време, Скопје и Софија продолжија со разговорите за изнаоѓање решение за спорните прашања со цел деблокада на евроинтеграциите на земјава, додека од Париз беше упатена порака дека во случај на договор меѓу двете земји, Франција е подготвена „да организира меѓувладини конференции на ЕУ со Северна Македонија и Албанија, што е можно поскоро за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија“. Во Скопје допатува бугарска владина делегација, но од Софија не доаѓаа сигнали за промена на ставот и за тргање на ветото и отворање на преговорите за членство на земјава во ЕУ. Од нашата Влада порачаа дека сакаат почеток на преговорите со ЕУ, но не по секоја цена и на штета на државните интереси при решавање на спорот со Бугарија.

Европската комисија кон средината на месецот првпат постави временски рок за старт на преговорите. Еврокомесарот Дидие Рејндерс пред Европскиот парламент повика преговорите со Северна Македонија, како и со Албанија, да започнат пред завршување на француското претседателство со ЕУ на 30 јуни. Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, пак предупреди дека доколку преговорите не започнат до крајот на француското претседателство, тоа ќе отвори сериозен проблем помеѓу ЕУ и целиот регион.

Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија во Софија ја одржа 19-тата средба, која според извори од македонскиот тим, минала во конструктивна атмосфера и дека се водела дискусија на која биле разменети неколку предлог идеи за препораки за учебниците од основното образование, кои се однесуваат на средновековниот и раноосманлискиот период. Од бугарска страна, меѓутоа беше соопштено дека на средбата во Софија не е постигнат договор и не е остварен напредок за учебниците по историја кои се однесуваат на средниот век.

На внатрешен план на почетокот на месецот Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука за „активна болокада на Собранието, што ќе трае во континуитет се до промената на власта, односно се до договор за датум за предвремени парламентарни избори“, откако власта го одби барањето на партискиот лидер Христијан Мицкоски за свикување на лидерска средба на која би се договорило одржување на предвремени избори. Ваквата постапка, премиерот Ковачевски ја оцени како „неодговорно однесување, што не носи добро никому освен на оној којшто тоа го прави тоа“, нагласувајќи дека нема да подлегне на уцени и закани. „Активната блокада“ во пракса значеше повеќекратни реплики од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, барања за промени на дневниот ред, процедурални забалешки…

Во рамки пак на мерките за справување во еенергетската криза, Владата донесе одлука стапката на ДДВ за електричната енергија до крајот на годината да остане пет отсто, а беше најавено и менување на тарифникот, кој „ќе биде праведен и правичен, според потрошувачката“ и ќе бидат заштитени најранливите категории граѓани. Беше најавен и ребаланс на Буџетот со кој за поддршка на стопанството беа предвидени 67 милиони евра. Народната банка во своите пролетни проекции предвиде забавување на економијата во 2022 година, со раст на БДП од 2,9 проценти, што претставуваше надолна корекција за еден процентен поен во однос на претходните проекции. Инфлацијата беше предвидена да биде 8,8 проценти.

Јуни

Во пресрет на последниот Самит на ЕУ под нејзино претседавање, Франција излезе со нацрт-верзија на предлог за деблокирање на европскиот пат на земјава. Овој „француски предлог“ беше поддржан од бугарското Собрание, кое и даде зелено светло на Владата во Софија „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови“. Но, премиерот Ковачевски соопшти дека предложената форма на „францускиот предлог“ е неприфатлива за земјава, нагласувајќи дека државата има три клучни барања за преговарачката рамка – целосно признавање на македонскиот јазик, историските прашања да не бидат дел од неа и стартот на преговорите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата на Уставот.

На крајот на месецот, Париз достави ревидирана верзија на „францускиот предлог“, по што премиерот Ковачевски изјави дека во неа се земени предвид нашите позиции и барања и најави широк процес на консултации „со владината коалиција, со претседателот на државата, со Парламентот и со опозицијата, како и со граѓанскиот сектор, експертската и севкупната јавност во земјата“, по што ќе се донесе одлука во однос на предлогот. Тој апелираше до сите политички актери и до медиумите да се воздржат од шпекулации и да се потпираат на официјални информации од институциите. Шефот на дипломатијата Бујар Османи изјави дека станува збор за финален предлог на француското претседателство, кој „ги адресира забелешките што ние ги кажавме по однос на работната верзија што беше дистрибуирана помеѓу земјите членки ЕУ, но сепак треба да се разгледа целиот пакет и сите ставови и потоа официјално да се извести Париз за следните чекори“.

И додека земјата правеше макотрпни чекори за деблокирање на европскиот пат, во Соборниот храм на Вселенската Патријаршија „Св. Георгиј Победоносец“ во Истанбул вселенскиот патријарх Вартоломеј и архиепископот охридски и македонски Стефан ја одржаа прва заедничка Патријаршиска и синодална света литургија по приемот на МПЦ-ОА во богослужбено и канонско единство единство со останатите православни цркви, на која присуствуваше и владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски. На Литургијта премиерот Ковачевски на македонски јазик ги прочита Симболот на верата и молитвата „Оче наш“. Два дена пред заедничка литургија патријархот Вартоломеј на архиепископот Стефан му го предаде Патријаршискиот и синодален акт на Вселенската патријаршија за примање на Охридската Архиепископија во богослужбено и канонско единство, порачувајќи дека многумина православни верници „се радуваат за враќањето на христоносниот народ во прегратките на Мајката Црква“.

Пред заминувањето на црковната делегација за Истанбул, српски патријархот Порфириј на архиепископот Стефан му го врачи документот со кој се потврдува одлуката со која Српската православна црква, ја одобри и упати благослов за автокефалност на МПЦ – Охридска Архиепископија.

На надворешно-политички план, земјава и САД одржаа неколку сесии од меѓусебниот Стратешки дијалог на кои беа отворени теми од интерес за соработка меѓу двете земји. На Стратешкиот дијалог воведни обраќања имаа шефовите на делегациите, министерот за надворешни работи Бујар Османи и државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД Карен Донфрид, по што се одржаа панели за Регионалните иницијативи, Поврзувањето на граѓаните, Безбедноста и одбраната и за Енергетика и животна средина. По завршувањето на Стратешкиот дијалог беше донесена Заедничка изјава со која беа реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји. Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што отвора Стратешки дијалог со САД, кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво, како и конкретно врамување и дефинирање на соработката во периодот што следи.

На регионален план, во Охрид се одржа самит на иницијативата „Отворен Балкан“ на кој, Северна Македонија, Албанија и Србија ја потврдија заложбата за отворени граници, слободен проток на стоки, капитал и работна сила, со оценка дека меѓусебната соработка и поддршка веќе даваат резултати. Од Самитот беше упатена порака дека иницијативата „Отворен Балкан“ во сите области го подобрува животот на граѓаните и е формирана за поголема регионална соработка и економски развој на земјите членки, но не претставува замена за ЕУ.

Јуни донесе и раст на бројот на позитивните случаи на Ковид-19, но без зголемување на бројот на хоспитализации, поради што беше оценето дека нема потреба од дополнителни мерки.

Јули

Откако Владата, со поддршка на Собранието, го прифати ревидираниот „француски предлог“ и беше потпишан билатерален Протокол меѓу Скопје и Софија за имплементација на Договорот за добрососедство, на 19 јули во Брисел се одржа првата Меѓувладина конфренција меѓу Северна Македонија и ЕУ, со што беше означен официјалниот почеток на преговарачкиот процес на земјава за зачленување во Унијата. На Меѓувладината конференција присуствуваше владина делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски, кој ја прочита отварачката изјава на македонски јазик. Тој оцени дека со оваа Конференција по 17 години го правиме клучниот чекор на патот кон остварување на нашиот децениски и генерациски сон и дека за реализација на оваа стратешка цел се донесени тешки одлуки кои бараа лидерство и храброст, мудрост и одговорност.

На Конференција беше усвоена Преговарачката рамка за членство на земјава во ЕУ, по што се одржа и состанок на кој беше означен почетокот на скрининг процесот, по чие завршување и по промената на Преамбулата и на Амандманот 12 на Уставот, по автоматизам се одржува втората Меѓувладина конференција, по која почнува процесот на преговори по кластери и поглавја. Со измените на Уставот во делот каде што се наведени „албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ…“ ќе треба да се додадат и граѓани кои се дел од други народи, каков што е бугарскиот народ.

Одржувањето на првата Меѓувладина конференција, меѓу другите, го поздравија американскиот претседател Џо Бајден, претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жосеп Борел и чешкиот премиер Петр Фиала, чија земја претседаваше со Советот на ЕУ. Првата меѓувладина конференција беше поздравена и од домашниот политички врв, додека за опозицијата, државата влегува во еден лавиринт каде што историјата и минатото ќе бидат многу поважни од сегашноста, иднината и европските стандарди.

ВМРО-ДПМНЕ најави иницијатива за собирање на 150.000 потписи за референдумско изјаснување на граѓаните за Протоколот со Бугарија, додека партискиот лидер Христијан Мицкоски соопшти дека пратениците на неговата партија потпишале изјава на нотар со која потврдуваат дека нема да гласаат за уставни измени. Во полемиките околу референдумот се вклучи и претседателот Стево Пендаровски, кој предложи доколку се одржи референдумското изјаснување што го најави опозицијата, тогаш прашањето да гласи „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови“, додека премиерот Ковачевски пак оцени дека прашањето за референдумот е за внатрешно-партиска употреба на ВМРО-ДПМНЕ.

На прифаќањето на предлогот и одржувањето на Меѓувладината конференција им претходеа неколкудневни протести во земјава под мотото „Ултиматум – Не благодарам“, од кои се бараше отфрлање на „францускиот предлог“, со кој според организаторите на протестите „се негира правото на самоопределување и се условуваат македонските европски интеграции со прифаќањето еднострано бришење на културната и историската посебност и еднострано непризнавање на јазикот, што не е дел од критериумите за членство во ЕУ, ниту правило меѓу државите членки“. Најжестоките протести се одржаа на 5 јули, кога беа повредени 47 полициски службеници, од кои 11 потешко, беа приведени 11 демонстранти и беа оштетени прозорци и фасадите на Владата, Собранието и Министерството за надворешни работи, полициска куќарка пред собранската зграда и едно полициско возило. Беа искршени 16 полициски штитови, повеќе заштитни полициски шлемови и уреди за радио-врски.

Во јули земјава остана во жолта зона на пандемијата на Ковид-19 и беше забележано благо зголемување на новоинфицирани, но сепак надлежните не препорачаа нови мерки, со оценка дека ситуацијата е „се уште оптимистичка“ и препорака до граѓаните со хронични болести да се вакцинираат со трета и четврта доза од вакцините против корона вирусот.

Август

По официјалниот почеток на преговарачкиот процес со ЕУ и поларизацијата на општеството околу содржината на Преговарачката рамка, чествувањето на Денот на Републиката и на двата Илиндена на 2 август под слоганот „Илинден – нашата сила за иднината“, мина со пораки за обединување и заедништво, посветеност на државните приориети односно патот кон зачленување во Европската Унија. Шефот на државата Пендаровски порача дека наша должност е да се грижиме нашата Република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина, потенцирајќи дека „историската вистина не може да се промени со договор, ниту со протокол, бидејќи фактите го разобличуваат секој наметнат конструкт, а концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република.

На овој Илинден, по пауза од 18 години, македонска државно-црковна делегација, предводена од претседателот Пендаровски го посети манастирот „Св. Прохор Пчински“, местото на одржување на првото заседание на АСНОМ. Во Параклисот на манастирот „Св. Прохор Пчински“ беше поставена спомен-плочата за одржувањето на АСНОМ во овој манастир на 2 август 1944 година, двојазично на македонски и на српски јазик, а беше одржана заедничка литургија со која чиноначалствуваше врањскиот епископ Пахомије во сослужение со кумановско-осоговскиот митрополит Григориј и стобискиот епископот Јаков.

Премиерот Димитар Ковачевски од Мечкин Камен порача дека Илинден е „нашата сила и за современа, модерна, економски развиена и европска Република Северна Македонија“, нагласувајќи дека „сега е време, за обединување, за заедништво, за верба во подобро утре, но пред се за посветена работа за да развиеме силна, успешна и просперитетна европска држава“.

Претседателот на Собранието Талат Џафери од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, порача дека имаме една заедничка држава и оти сите сме одговорни да ја чуваме и развиваме за нас и за идните поколенија, истакнувајќи дека донесовме „тешки, државнички одлуки кои го деблокираа нашиот пат кон евроатланската интеграција и на тој пат политички созреавме и ние како политичари и нашите граѓани“.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од струшкото село Ташмаруништа ги повика граѓаните „преку обединување за Македонија да ја вратат енергијата и државата, изгубеното и да создаваат иднина, без откажување, како илинденците“, повторувајќи го барањето за одржување предвремени парламентарни избори и апелираше за поддршка за барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдумско изјаснување за Преговарачката рамка.

ВМРО-ДПМНЕ остана на ставот дека нема да ги поддржи предлозите за промена на Уставот, додека претставниците на власта апелираа до сите пратениците во Собранието, да бидат на висина на задачата и да го поддржат продолжување на патот на земјава кон полноправно членство во ЕУ, со тоа што ќе се изјаснат за уставните измени. Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ изрази надеж дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ја искористи шансата да биде на страната на стратешкиот приоритет на земјата веќе 30 години – членството во ЕУ, откако „ја пропуштија таа можност за НАТО“.

Септември

На почетокот на септември стапи во сила Одлука за прогласување кризна состојба во делот на енергетиката, заедно со мерките за штедење на струја со важност до 31 март 2023 година. Мерките за заштеда на струја до 15 проценти, кои се во вид на препораки за домаќинствата и за компаниите, додека за државните институции се задолжителни, предвидуваа исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, во сезона на ладење климите да се местат не пониско од 27 степени, а во сезона на греење не повисоко од 20 степени, исклучување компјутерите по работата, редовно менување филтрите на грејните тела и клима уредите, замена на прозорците со енергетски ефикасни... 

Беше продолжен и рокот за постоење кризна состојба на целата територија на Република Северна Македонија, заради недостиг на електрична енергија и состојбите на пазарите на електрична енергија, како и на подрачјето на Град Скопје, заради недостиг на топлинска енергија, можноста за користење на алтернативно гориво и состојбите на пазарот на топлинска енергија. Владата донесе и Одлука за одобрување 1,1 милијарда денари за набавка на енергенси на АД ЕСМ, порачувајќи им на граѓаните да бидат спокојни, бидејќи топлинска енергија ќе има во текот на грејната сезона. Со владина одлука ограничувањето на маржите на основните прехранбени производи во трговијата на мало и на големо, беше продолжено до крајот на годината.

Паралелно со напорите за справување со енергетската криза, Владата усвои Одлука за воспоставување на структура за преговори за пристапување на земјава во Европската Унија. За главен преговарач е избран вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, а за негов заменик државната секретарка за европски прашања Дрита Абдиу Халили. Преговарачката структура, покрај главениот и заменик преговарачот, ја сочинуваат Комитетот за преговори, претседаван од Владата и премиерот Димитар Ковачевски, четворицата вицепремиери, министерот за надворешни работи и министерот за финансии, како и Државната делегација за преговори, на чело со министерот за надворешни работи и Група за преговори, составена од главен економист, главен правник и главен антикорупционер. Формирани се и Работен комитет за европска интеграција и работни групи за пристапни преговори, како помошни тела поделени по кластери, три области и 33 поглавја. По воспоставувањето на преговарачката структура земјата го почна објаснувачкиот скрининг за ажурираното законодавство на ЕУ од 2019, за областите и поглавјата од Кластерот „Фундаментални вредности“, како прв и значаен чекор во преговарачкиот процес.

Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ до Собранието достави иницијатива за одржување референдум, откако ги собраа потребните потписи за нејзино поднесување, со референдумско прашање „Дали сте за напуштање на важноста на Законот за ратификација за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија објавен во Службен весник од 18.01.2017?“. Претседателот на Собранието, Џафери ја отфрли иницијативата со образложение дека таа е противуставна, бидејќи „меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не можат да се менуваат со закон“. Од ВМРО-ДПМНЕ го одбија ваквото образложение нагласувајќи дека не бараат „менување на меѓународен договор, туку престанок на неговата важност“. Коментирајќи ја иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за референдум, евроамбасадорот Дејвид Гир порача дека „се што води назад и ги попречува евроинтеграциите треба да се избегнува“, додека власта ја оцени како „отворање на Пандорината кутија и непотребни трошоци во услови на криза“. По отфрлањето на оваа иницијатива Левица најави дека ќе поднесе нов референдумски предлог.

Во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“ во Белград беа потпишани Договор за механизмите за обезбедување на храна во Западен Балкан, Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности и Оперативен план во областа на цивилната заштита. Премиерот Ковачевски оцени дека со „Отворен Балкан“ Северна Македонија, Албанија и Србија го направија вистинскиот чекор во клучен момент за унапредување на регионалната соработка на патот кон ЕУ, олеснување на слободното движење на луѓе, стоки, трговија и услуги и изградба на добрососедски односи.

Осум месеци по формирањето Владата остана без еден свој челн, откако оставка поднесе министерот за локална самоуправа и тогашен лидер на Либерално-демократската партија (ЛДП), Горан Милевски. Иако Милевски изјави дека се повлекува од лични причини и дека неговата партија ќе предложи нов кандидат за министер, тоа сепак поттикна тези околу стабилноста на владиното мнозинство. Шпекулациите околу стабилноста на парламетраното мнозинство дополнително се зголемија, откако дваесетина незадоволни членови на ДУИ, кои го добија името „Огнена група“, во отворено писмо побараа внатрепартиска дебата за состојбите во партијата и го повикаа партискиот лидер Али Ахмети да го искористи својот политички и статутарен авторитет за да се најде решение за зачувување на партиското единство. Како виновник за „состојбите во партијата“ тие го посочија првиот вицепремиер Артан Груби. Коментирајќи го барањето на т.н. „огнена група“, шефот на дипломатијата и портпарол на ДУИ, Бујар Османи изјави дека „во партијата има големо ниво на демократија и секој може да го каже својот став, но дека последниот збор го има лидерот Ахмети“, додавајќи дека парламентарното мнозинство е стабилно, а Владата целосно фокусирана на менаџирање на кризата. Од СДСМ исто така посочија дека владиното мнозинство е стабилно и дека Владата работи на справување со кризата и на скрининг процесот. Од друга страна, овие настани ги подгреаја и шпекулациите за влез на Алијанса за Албанците во Владата. На ова од партијата одговорија дека не добиле таква понуда, а ако добијат ќе ја разгледаат.

Октомври 

Европската комисија го објави Извештајот за напредокот на земјата за 2022 година, што беше повод за нови препукувања меѓу власта и опозицијата. Додека за власта Извештајот е позитивен и ја препознава одржливоста на реформите, опозицијата со критика дека документот ја покажува системската негрижа на Владата за спроведување на реформите во општеството. Според власта, како земја која преговара за полноправно членство во Европската Унија и која е во процес на скрининг, Северна Македонија доби позитивен годишен Извештај од Европската комисија, при што има подобрување во 23 од вкупно 43 области и поглавја, додека во останатите 20 области има ограничен или помал напредок, како и дека во околу 90 отсто од областите имаме делумна или добра подготвеност. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оцени дека главен заклучок на овој Извештај е дека кај Владата нема сериозна и суштинска посветеност на реформи, постои недостиг на одлучни чекори за да продолжи процесот на преговори со ЕУ и се прибегнува кон ад хок иницијативи, кои ги заменуваат системските реформски пристапи.

Во исто време, земјава и ЕУ во Скопје, на македонски јазик и на сите 24 јазици на ЕУ,, го потпишаа Договорот за статус со Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс), како уште еден чекор во продлабочувањето на меѓусебните односи, што ќе донесе практични придобивки преку подобрување на граничната безбедност на земјата. Договорот за гранично управување досега беше блокиран од страна на Бугарија поради употребата на зборовите „македонски јазик“ во него. Пред потпишувањето, Советот на ЕУ на 13 октомври усвои Одлуката за потпишување на Договорот, а документот потоа беше одобрен и од страна на Европскиот Парламент.

Во Брисел, пак, продолжи објаснувачкиот скрининг со состаноци по Кластерот 2 – „Внатрешен пазар“, со посебен акцент на Поглавјето 4 – „Слободно движење на капиталот“, како и по Кластерот 3 -  „Конкурентност и инклузивен раст“ и тоа по поглавјата 10 - „Дигитална трансформација и медиуми“, 16 - „Оданочување“, 17 - „Економска и монетарна политика“, 19 - „Социјална политика и вработување“, 20 - „Претпријатија и индустриска политика“, 25 - „Наука и истражување“, 26 - „Образование и култура“ и 29 - „Царинска унија“.

Нови бранувања во макеоднско-бугарските односи предизвикаа отворањето на културниот клуб на македонската заедница „Никола Вапцаров“ во Благоевград, финансиран од фондација од Канада и на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. Премиерот Ковачевски оцени дека целта на културните клубови треба да биде зближување, а не раздор, како што е случај со тие во Благоевград и Охрид, најавувајќи дека Владата веќе подготвува документација за отворање македонски културен центар во Благоевград, за што барање ќе биде испратено до бугарската Влада. Во однос на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид, Ковачевски истакна, дека го смета за провокација која оди на штета на бугарската заедница во земјава и претставува провокација од мала група луѓе кои не сакаат да видат добри односи со Бугарија.

Прашањето за уставните измени продолжи да ја бранува политичката сцена и во текот на октомври. Од СДСМ порачаа дека уставните измени треба да се случат за да продолжи напредокот на земјата кон ЕУ се до полноправно членство, додека од ВМРО-ДПМНЕ повикаа на „семакедонско обединување за остварување на целите на државата и зачувување на достоинството“, посочувајќи дека нема да поддржат „отворање и интервенции во Уставот“ се додека ЕУ не даде гаранции дека земјата ќе влезе во Унијата и дека нема да бидеме предмет на дополнително вето од Бугарија. Алијанса на Албанците најави начелна подготвеност  за поддршка на уставни измени за „вклучување на други народи во Преамбулата“, под услов албанскиот јазик да стане официјален во земјата, а Беса ја поддржа идејата предлагајќи од Уставот „да се тргне формулацијата друг јазик кој го зборуваат 20 проценти од населението“ и да се замени со „албански јазик“.

Премиерот Ковачевски ги повика политичките партии да седнат на маса и да најдат заеднички јазик за уставните измени, посочувајќи дека е добро да се разговара со цел да се дојде до решение кое би било прифатливо за сите. Тој истакна дека процедурата за уставните измени треба да почне штом се обезбеди поддршка од страна на сите политички партии. Претседателот Стево Пендаровски, пак, оцени дека не треба да се брза во процесот на уставни измени за вметнување на Бугарите во преамбулата на Уставот затоа што има 14 месеци до завршувањето на процесот на скрининг и кога тој процес ќе биде при крај, да се види дали се има потребното дотретинско мнозинство. Од друга страна шефот на дипломатијата Бујар Османи нагласи дека процесот на уставни измени треба да се одвива со забрзана динамика, со цел да не се изгуби моментумот во преговорите со ЕУ и да не оставиме временски јаз помеѓу завршување на скринингот и отворањето на преговорите по поглавја.

Во таква атмосфера Левица до Собранието поднесе иницијатива за покренување задолжителен и дополнителен референдум на државно ниво со референдумско прашање „Дали сте за продолжување на преговорите со ЕУ со прифаќање на собраниските заклучоци од 16 јули 2022 година?“. Според партискиот лидер Димитар Апасиев, иницијативата се однесува на промена на две спорни точки во заклучоците - точките 1 и 3Г, што практично би значело дека од ЕУ „ќе се очекува нова преговарачка рамка без бугарските хегемонистички барања кои се инкорпорирани внатре“. Собранискиот претседател Џафери ја отфрли иницијативата со образложение дека „не е подготвена во согласност со собранискиот Деловник, како и дека референдумското прашање „е несоодветно поставено“.

Откако според податоците на ДЗС, трошоците за живот во септември на годишни ниво се зголемиле за 18,7, а цените на мало за 14,7 проценти, Владата излезе со нови антикризни мерки за ублажување на последиците од енергетската и ценовната криза, кои вклучија финансиска помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите, замрзнување на маржата и за млечните производи до десет проценти во трговијата на големо и трговијата на мало, поевтина струја за компаниите од прехранбената индустрија, училиштата и јавните претпријатија од областа на водоснабдувањето, најавувајќи дека ако со овие мерки не се намали цената на основните прехранбени производи, ќе спроведе други механизми, меѓу кои и замрзнување на цените.

И во есенската прогноза на агенцијата за кредитни рејтинзи „Фич“, земјава го задржа кредитниот рејтинг „ББ+“ со негативен изглед. Ваквиот рејтинг се должи на оценката за спроведување добри политики на владеење, кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс. Според „Фич, почетокот на интегративниот процес со ЕУ ќе ја зацврсти политиката, ќе го поддржи извозот и приливот на странски директни инвестиции, со што ќе се избалансираат негативните влијанија од конфликтот во Украина.

Во текот на октомври земјава се соочи со феноменот на лажни дојава за експлозивни направи, што започна со пројава за поставена бомба во автобус на ЈСП „Скопје“, а потоа се прошири на закани за наводно поставени бомби во скопски средни училишта. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски изјави дека полицијата интензивно работи за откривање на сторителот и за утврдување на причините за ваквите дојави, посочувајќи дека тие веројатно се дел од хибридните напади на кои сме изложени како држава.

Кон крајот на месецот Владата доби нов член со изборот на Ристо Пенов за министер за локална самоуправа на местото на неговиот сопартиец Горан Милевски, кој поднесе оставка на функцијата од лични причини.

Ноември  

Народната банка ги ревидираше пролетните проекции за економски раст од 2,9 осто во надолна линија 2,3 проценти и инфлацијата на крајот на годината од 14,3 отсто. Во такви услови, Владата донесе одлука за продолжување на субвенционирањето во делот на сметките за топлинска енергија на домаќинствата, со цел нивна заштита од повисоки цени. Министерството за економија пак соопшти дека врз основа на преземените антикризни мерки очекува намалување на цените основните прехранбени производи за 10 отсто, најавувајќи дека Државниот пазарен инспекторат во континуитет ќе врши контроли на трговците на големо и на мало за почитување на мерката за ограничени маржи при утврдување на цените. 

Од ноември земјава стана членка на уште една меѓунардона организација. Станува збор за Унијата на Медитеранот, која претставува рамка за уредување на мултилатералните односи помеѓу ЕУ и медитеранските земји кои не се дел од Европската Унија.

Во Скопје допатува германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер кој порача дека земјава може и понатаму да се потпре на поддршката на Германија на патот кон ЕУ, но мора да продолжи со рефорската агенда, нагласувајќи дека на патот кон Европа вреди и следниот тежок чекор - важната одлука за промена на Уставо, што ќе го трасира патот за преговори по поглавјата во поединечни области. Тој во обраќање во Собранието ги повика пратениците да продолжат решително да чекорат по патот на пристапниот процес и „да не скршнуваат на последните метри“. Во однос на планот на Владата за зачленување во на земјата во ЕУ во 2030 година, Штајнмајер оцени дека од сега никој не може да предвиди колку е тој датму реален, посочувајќи дека тоа ќе зависи од брзината со кој ќе се движиме реформскиот процес. За француската француската државна секретарка за Европа Лоранс Бун, која исто така го посети Скопје, годината 2030 за полноиправно членство можеби е амбициозна, но не е нереална „затоа што Северна Македонија напредува доста во поглед на усогласувањето на европското законодавство“, порачувајќи дека тоа ќе зависи од проведувањето на реформите, како и од уставните измени.

Токму, уставните измени беа една од темите на лидерската средба, што се одржа на иницијатива на премиерот и лидер на СДСМ, Ковачевски, кој изјави дека побарал „договор за национално единство за ЕУ и одговорност од сите“, Собранието да функционира непречено, сите пратеници да се вклучат во носење на законите и темата за ЕУ да не биде терен за дневна политика,  зачленувањето во Унијата да се смета за надпартиски интерес и сите чинители да дадат целосна поддршка на овој процес. Иако, од лидерската средба не произлегоа заеднички заклучоци, според Ковачевски, и самото тоа што се седнало на маса и се разговарало е позитивен сигнал кон граѓаните. Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по средбата, уште еднаш го повтори барањето за предвремени парламентарни избори, кое, според него, е логично бидејќи власта нема мнозинство за уставните измени. Тој побара распуштање на Собранието, формирање техничка влада и одржување предвремени избори. Наспроти тврдењата на Мицкоски дека во Собранието не постои доволно мнозинство за уставни измени вицепремиерот Бојан Маричиќ излезе со став дека се разговра со пратенички групи и со сите пратеници и изрази убедување „дека не сме толку далеку од 80-те пратеници“ потребни за промена на Уставот и оптимизам дека уставните измени ќе бидат спорведени до завршување на билатералниот скринингот.

Во рамки на скринингот македонскиот преговарачки тим одржа состанци за Поглавјата 5 - „Јавни набавки“, 18  - „Статистика“ и 24 - „Право, слобода и безбедност“, кое ја носи суштинската промена на македонското општество и ќе биде најобемна за усогласување во преговорите за членство со ЕУ и кое ги опфаќа азилот, миграциите, визите, надворешните граници и правото на Шенген, борба против организираниот криминал, борбата против шверцот на наркотици, трговијата со луѓе и тероризмот и радикализмот и судската, полициската и царинската соработка.

Паралелно продолжи и работата на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија, која одржа средба во Скопје, на која се дискутирало за учебниците по историја. Како што информираа од македонскиот тим на Комисијата, средбата минала во позитивна и конструктивна атмосфера и иако биле близу до договор, тој сепак не бил постигнат, поради „недоразбирања околу изворите и различното толкување на минатото“.

Одново се актуелизираше и прашањето за проширување на прашањето за проширување на парламентраното мнозинство, со тврдења за влез на Алијансата за Албанците (АА) во Владата. Ваквата можност ја најави лидерот на ДУИ, Али Ахмети изјавувајќи дека за тоа разговарале премиерот Ковачевски и тогашниот в.д. претседател на АА , Арбен Таравари, но тие ги отфрлија тавите информации, истакнувајќи дека на нивната средба не стнало збор за проширување на владиното мнозинство, туку за европската иднина и одлуките што треба да се носат на тој пат во Парламентот со широк политички и општествен консензус.

Тема за меѓу партиски пресметки стана и доделувањето на македонски пасош на украинскиот државјанин Олександар Онишченко, кој се наоѓа американската „црна листа“, поради врски со Москва. По обелоденувањето на случајот, Бладата побара да биде поништено решението за прием во државјанство на Северна Македонија на Онишченко, кој доби македонско државјанство како спортист во еквестријан на предлог на Коњичката федерација. Одлуката за доделување македонско државјанство на Онишченко претходно ја донела Владата, по добиено позитивно мислење од од четири различни институции. По избувнувањето на скандалот претседателот Пендаровски и премиерот Ковачевски побараа да се утврди одговорност за случајот, а за него се расправаше и на Комисијата за надзор на работата над Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Аранцијата за разузнавање. Но, и оваа расправа не мина без скандал, бидејќи иако седницата беше затворена за јавноста на Јутјуб се слушаше реферирањето на директорот на АНБ, Виктор Димовски пред пратениците за случајот. Интерната постапка во АНБ за евентуален пропуст за случајот „Онишченко“ утврдила дека не е испочитувано последното ниво од безбедносната проверка и не била направена консултација со НАТО партнерите пред да се даде позитивно мислење. 

Лажните дојави за поставени експлозивни направи во училиштата во Скопје продолжија и во текот на ноември, кои од властите беа оценети како дел од стратегијата за хибридни напади, со цел да се влијае на политичкиот момент во државата и капацитетот на институциитеи да се предизвика вознемиреност и несигурност кај граѓаните. Бидејќи беше утврдено дека дојавите се испраќаат од електронски адреси од странство, во разоткривањето на сторителите беше побарана и меѓународна помош, пред се од НАТО. 

Декември

Во последниот месец од годината, Собранието по традиција го донесе државниот Буџет за следната година, во кој е проектиран економски раст од 2,9 отсто и инфлација на 7,1 проценти. Вкупните приходи се планирани на 282 милијарди денари, а расходите на 324,8 милијарди денари, со буџетски дефицит од 4,6 проценти од планираниот БДП. Во однос на струјата за од 1 јануари беа најавени пониски цени за домаќинствата од прв блок за 4,11 проценти и од второт блок за 2,95 отсто, како и за околу 70.000 микро и мали компании за 20,15 проценти, но и поскапа електрична енрегија за домаќонствата од третиоп блок за 0,85 отсто и од четвртиот за 7,65 проценти.

Во декември во Тирана се одржа и Самит ЕУ - Западен Балкан, на кои беше повторена „целосната и недвосмислена посветеност на перспективата за членство“ на земјите од регионот во Унијата. На маргините на Самитот беше потпишан Договор меѓу телекомуникациски оператори од земјите од ЕУ и регионот, кој отвора пат за укинување на тарифата за роаминг меѓу државите од Унијата и Западниот Балкан.

На патот, пак, кон ЕУ, земјава успешно го заврши билатералниот скрининг за Кластерот 1 – „Фундаментални вредности”, со најава за негово продолжување во 2023 по Поглавјата 3 - „Право на основање и слобода на давање услуги“, 6 - „Право на трговски друштва“ и 7 - „Право на интелектуална сопственост“ од Кластерот 2 - „Внатрешен пазар“.

Додека тече скринингот во земјава продолжија и партиските препукувања околу уставните измени. Иако засега нема најава кога би почнала постапката за промена на Уставот, премиерот Ковачевски ги повика сите 120 пратеници да покажат државничко однесување и да ја донесат одлуката за уставните измени да овозможат подобра иднина и членство во ЕУ или во спротивно да ја остават земјата во стагнација и неизвесност. Тој сепак најави дека процесот на уставни измени во Собранието ќе почне кога ќе се обезбеди широк општествен и политички консензус. На измените на Уставот се осврна и претседателот Пендаровски во годишното обраќање во Собранието, нагласувајќи дека за нив е потребна „кристално јасна и чиста правна и политичка процедура, каква што и доликува на една европска демократија“, без да се врши притисок врз некого да гласа спротивно на својата волја.

Продолжија и шпекулациите за владина реконструкција и проширување на парламентраното мнозинство, иако властите ги отфрлаа таквите најави со тврдење дека Владата функционира во полн капацитет за справување со сите предизвици кои ги има државата. Опозицијата продолжи со инистирање за предвремени избори претстојнава пролет, додека владиното мнозиство остана на ставот дека 2023 нема да биде изборна година.

Месецов беше објавена информација дека во земјава пристигнал тим за санкции од Вашингтон за да изврши „поагресивен увид во поранешните и сегашните корумпирани актери“ и состојбите со корупцијата, проблем, кој како што оценија политичарите, надлежните институции, но и странски амбасадори, е присутен и претстои уште многу работа во справување со него и тоа преку се суштински реформи, а не само на хартија. Борбата против корупцијата беше оценета како општествено прашање, која зависи од интегритетот на сите чинители во општеството, но и од која зависи напредокот на земјата кон ЕУ.

Заканите за поставени експлозивни направи продолжија и во декември, но овој месец од средните се проширија и на основни училишта, државни институции, трговски центри, спортски објекти, скопскиот аеродром..., па дури и приватен станбен комплекс и тоа не само во Скопје, туку и во неколку други градови – Битола, Куманово, Охрид, Тетово, Прилеп, Струга... Прашањето за кажните дојави се најде и пред членовите на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, додека властите убедуваа дека безбедносната состојба во државата е стабилна и не постојат реални закани по безбедноста на граѓаните, со оценка дека станува збор за хибридни напади со кои се соочуваат и други држави. 

Во пресрет на прославата на Божик според Грегоријанскиот календар, вселенскиот патријарх Вартоломеј првпат во историјата упати божиќно послание до верниците на македонски јазик.

***

За новата 2023 година, пак,  премиерот Димитар Ковачевски изјави дека како рационален оптимист очекува таа да биде подобра од минатата, но ќе треба многу работа и одговорно менаџирање во услови на криза.


Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан