• понеделник, 15 април 2024

Светскиот ден на поезијата во Кочани посветен на творештвото на Кочо Рацин

Светскиот ден на поезијата во Кочани посветен на творештвото на Кочо Рацин

Кочани, 21 март 2023 (МИА) – Општинската библиотека „Искра“ од Кочани денеска беше домаќин и организатор на културна програма со која го одбележа на 21 март – Светскиот ден на поезијата, а што е посветена на творештвото на Кочо Рацин.

Под мотото „Уметноста на стихот – спонтано прелевање на моќни чувства“, програмата се реализираше во соработка со библиотеката „Гоце Делчев“ и Народниот музеј од Велес, како и со ученици од училиштата од општините Кочани и Зрновци.

-Рацин е еден од стожерите на македонската современа поезија, а годинава се одбележуваат 115 години од неговото раѓање и 80 години од прераната смрт. По тој повод, одбележувањето на Светскиот ден на поезијата го посветивме на неговото творештво, со посебен акцент на стихозбирката „Бели мугри“. Претходно, учениците и нивните наставници учествуваа на ликовна работилница на која сликаа инспирирани од поезијата на Рацин, а готовите дела се претставени на заедничка изложба во просториите на библиотеката, истакна Кристина Горгиевска Атанасова, директорка на библиотеката „Искра“.

Со поддршка од библиотеката од Велес е отворена изложба на книги од и за поетот, а се одржа и кратка презентација со видео запис за неговиот живот и дело.

-Овде е претставен само дел од книжниот фонд со кој располагаме, а што е посветен на Рацин, како и творештво поврзано со Рациновите средби. Изложени се наслови од познати автори кои истражувале за неговиот лик и дело, а има и книжевни изданија со поезија што е преведена на повеќе светски јазици. Изложбата ќе може да се види во наредните десетина дена, истакна Снежана Бошевска, директорка на библиотеката „Гоце Делчев“ од Велес.

Во одбележувањето на Светскиот ден на поезијата во Кочани, Народниот музеј од Велес се претставува со ретроспективна изложба посветена на 50-годишнината на Рациновите средби. На дваесетина паноа се претставени дел од активностите во рамки на меѓународната поетска манифестација, како и добитниците на наградите.та/

Фото: МИА

Остани поврзан