Саудиска Арабија соопшти дека спроведува голема операција против Хутите во Јемен
- Коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека спроведува „голема операција“ против бунтовниците Хути, откако медиум поврзан со проиранските борци објави дека биле извршени напади во северозападниот дел на Јемен.
Ријад, 10 октомври 2026 (МИА) – Коалицијата предводена од Саудиска Арабија соопшти дека спроведува „голема операција“ против бунтовниците Хути, откако медиум поврзан со проиранските борци објави дека биле извршени напади во северозападниот дел на Јемен.
„Спроведуваме големи операции насочени против живата сила и воените капацитети“ на Хутите, изјави портпаролот на коалицијата на платформата Икс (X), наведувајќи дека досега биле уништени „136 воени цели на Хутите“.
Коалицијата „работи на разбивање и уништување на мрежата од балистички ракети на Хутите“ и „обезбедува деноноќна воздушна поддршка за јеменските вооружени сили“, додаде портпаролот.
Претходно, воен извор од владините сили соопшти дека започнала „голема операција“ за повторно заземање на стратешкиот теснец Баб ел Мандеб од проиранските борци. Теснецот ги поврзува Азија и Европа преку Суецкиот Канал.
Телевизискиот канал „Ал Масира“, поврзан со Хутите, исто така објави дека биле извршени „саудиски ракетни напади“ во провинцијата Саада, во северозападниот дел на Јемен.
Паралелно со нападите врз Саудиска Арабија, продолжуваат и борбите во Јемен, каде што бројот на загинати надмина 400 откако владините сили на почетокот на неделата ја започнаа операцијата со воздушна поддршка од Ријад. Оваа недела загинаа вкупно шест лица во нападите врз саудиските аеродроми, за кои одговорност презедоа Хутите.
Борбите меѓу проиранските сили и Саудиска Арабија, која ја поддржува јеменската влада, дополнително се интензивираа во септември, откако Хутите го зазедоа крајбрежјето на Црвеното Море во рамките на брза офанзива. ссм/
фото: архива