• четврток, 28 март 2024

Саем на мало стопанство во Куманово

Саем на мало стопанство во Куманово

Куманово, 31 мај 2023 (МИА) - Важна е поддршката од институциите за развојот на занаетчиството и на малите и средни претпријатија, бидејќи тие се двигател на локалната економија, сметаат занаетчиите и претставниците на малите и средни претпријатија кои денеска ги изложија своите производи на саемот на малото стопанство кој се одржа во Куманово.

Манифестацијата ја организира Регионалната занаетчиска комора во партнерство со Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово со поддршка од општина Куманово. Чевлари, кожари, пчелари, резбари, кројачи, месари, козметичари, фризери беа дел од излагачите на саемот. Кумановци ги разгледаа нивните производи.

Куманово втора година по ред ги субвенционира занаетчиите, годинава со 15.000 денари за регистрираните стари занаетчии.

- Даваме пример како се чува и негува, културата, традицијата, старите занаети. Заедно со локалната власт работиме на таа насока да имаме просторија каде ќе се продаваат нивните продукти и општината треба да изнајде соодветно место. Имаме регистрирани десет занаетчии. Ова е поттик да се регистрираат и други и да добијат ваква помош и да бидат повидливи. Имаме повеќе стари занаети во Куманово, но за жал не се регистрирани, и се надеваме дека ќе ги поттикнеме и придобивки ќе имаат сите, изјави претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији

Организаторите размислуваат за регионален, балкански саем на кој ќе учествуваа 300 излагачи од државата и соседните земји.

- Тоа треба да го постигнеме за да бидеме повидливи и поконкурентни на пазарот и фирмите да вмрежуваат, изјави Фазлији.

Градоначалникот Димитриевски кажа дека општината годинава ја зголемила субвенцијата од претходната година од 10 на 15.000 денари за старите занаетчии.

- Размислуваме од наредната година за финансиска поддршка на занаетчиските стартапови кои се иницијатива на младите од средните училишта, по примерот на средно - техничкото и економското училиште, кажа Димитриевски.

Тој потенцираше дека општината е заинтересирана да им отстапи простор за сувенирница на малите занаетчии во занаетчискиот дом, но дека сега просторот го користат деловни објекти.

- Што се однесува до простор или сувенирница којашто е најавена сè уште општина Куманово води постапка за ослободување на постоечките локали од фирмите кои со години ги користат, а дел од нив сега ги имаат узурпирано. Откако ќе бидат ослободени со одлука на советот еден од тие простори ќе биде наменет за сувенирница која ќе биде финансирана од општината, а здружението на занаетчии и комората ќе имаат свој простор каде ќе ги истакнат ракотворбите и ќе имаат своја цена, најави Димитриевски. ам/ев/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан