• среда, 17 април 2024

Рударите во БиХ во предупредувачки штрајк, незадоволни од доцнењето на платите

Рударите во БиХ во предупредувачки штрајк, незадоволни од доцнењето на платите

Сараево, 5 јуни 2023 (МИА) - Рударите од рудниците за јаглен во Федерацијата Босна и Херцеговина денеска организираа предупредувачки штрајк, незадоволни од доцнењето на исплатата на платите, најавувајќи генерален штрајк и протести доколку не се исполнат нивните барања.

Работата во вкупно шест рудници беше прекината еден час, а рударите се одлучија на овој облик на протест за да се солидаризираат со колегите од рудникот „Зеница“ кои штрајкуваат од 25 мај.

Тие штрајкуваа бидејќи се уште не им се исплатени платите и другите надоместоци за април.

Синдикалниот огранок на рудникот „Зеница“ планира протести пред седиштето на Владата на Федерацијата на БиХ во Сараево на 8 јуни, бидејќи сите рудници за јаглен работат во рамките на концернот Електропривреда БиХ, кој е во мнозинска сопственост на владата на ентитетот. 

Директорот на рудникот Зеница, Менсур Хукиќ, претходно изјави дека вистински проблем е ниската продуктивност, односно малите приходи што ја оневозможуваат редовната исплата на платите.

Рудниците за јаглен сè уште се главен столб на производството на електрична енергија во Босна и Херцеговина бидејќи повеќе од 50 отсто од таа енергија доаѓа од термоелектраните. Истовремено, тие се принудени да продаваат јаглен на електрани по значително пониска цена од пазарната.

Постојните термоелектрани најмногу се потпираат на застарена технологија, што е причина за големото загадување на воздухот.

Сега БиХ е под притисок на ЕУ да го намали производството од термоцентралите и да се преориентира на обновливи извори на енергија бидејќи и се заканува наметнување такси за емисиите на јаглерод диоксид, што би го направило непрофитабилен извозот на електрична енергија произведена од ископ на јаглен. паг/

Фото: МИА архива

 

 

 

 

Остани поврзан