• петок, 19 април 2024

Велигденска слава во прилепско Алинци

Велигденска слава во прилепско Алинци

Прилеп, 16 април 2023 (МИА) - На 12 километри е од Прилеп, распослано во Пелагонија. Прилепското село Алинци со 170-тина жители живее незабележлив спокоен живот. Ама селото, и жителите, живнуваат за Велигден. Ја имаат селската слава на најголемиот и најрадосен христијански празник. А и црквата е крстена „Воскресение Христово“.

Доволен повод да стигнеме во Алинци за Велигден.

Поминавме низ селото, дремливо на пролетното сонце. Прва посета ни е селската црква „Воскресение Христово“. За жителите вообичаено, за историчарите на уметноста објаснето - црквите од 20-от век почесто добиваат име на голем христијански празник, за разлика од оние, вековните, кои ги обележува еден светец. Во Прилепско, досега, се регистирани само две цркви посветени на воскресението Христово. Во Алинци и во Ерековци.

Некогашниот турски бег Алија му го дал името на Алинци, а жителите го развиле селото. Некогаш со 400 или 500, сега со 170-тина жители.

Николче Мирчески, жител на селото и член на црковниот одбор не пречека пред селската црква заедно со отец Пецо Николоски, кој се грижи за духовниот живот на алинчани. Тие, пак, ги завршија подготовките за Велигден и за селската слава, на трет ден Велигден. На слава ги чекаат децата, гостите и патниците намерници. Кој ќе дојде - добредојден е.

Мирчески е подготвен да одговори зошто, речиси 50-годишната црква, е „Воскресение Христово“.

- Нашата црква е „Воскресение Христово“. Градена е 1975 година, а живописана наредните две години. Старата црква, погоре на ридот, а подалеку, се викала „Свети Атанас“. На селаните им било многу далеку да одат во црквата. Тогаш имало и големи снегови во зима, не се стигнувало лесно до духовниот храм. Затоа црквата е изградена блиску до селото. Бидејќи селската слава е на Велигден, затоа ја крстиле „Воскресение Христово“. Во тоа време била исцртана од некој сликар Матеј, а црквата постојано се обновува. Сега сме многу радосни што се подготвуваме за селската слава. „Заслогот е в понеделник вечер, на втор ден Велигден, а селската слава е во вторник, на третиот ден Велигден, објаснува Мирчески.

Еднаш неделно, задолжително, да ги слушне маките на жителите доаѓа парохискиот свештеник, отец Пецо Николоски. Во пензија е со преку 40 години стаж и искуство да може да препознае што ги мачи жителите.

- Мора да се направи обиколка во сите села, за подобра комуникација со парохјаните, за нивните потреби, да не патуваат, да не се јавуваат по телефони. Дожност ни е да бидеме на располагање секоја недела и секој празник. Точно е дека е малку необично што црквата носи име на голем празник. Манастирите, другите цркви носат име на светец, а овде црквата е крстена „Воскресение Христово“. Ама е и селска слава. Интересно е, јас потекнувам од селото Ерековци, а и таму црквата  е крстена „Воскресение Христово“. И таму е селската слава на Велигден, вели отец Николоски.

Жителите се подготвени за Велигден и селската слава. Гоце Трајкоски има куќа средсело, до училиштето и го затекнавме во подготовка на велигденската и славска трпеза - мора да има јагне за Велигден и за славата. Радосен е зашто ќе биде домаќин на преку 20 гости. Тоа го потсетува на времињата кога за славата и за Велигден се пеело, се играло средсело, токму кај училиштето. И музика имало.

- Се подготвуваме за селската слава за Велигден. Еве, зедовме јагне. Ќе имаме и печено свинско за на масата.  На Велигден одиме в црква. Ги вапсавме велиденските јајца. Првите три се - едно за куќата, друго за добитокот и третото за жителите. Пред изгрејсонце. На неделниот ручек се собира целата фамилија. Има за сите вкусови. Кој сака јагнешко, друг свинско печено. Во понеделник навечер чекаме гости за вторникот, третиот ден Велигден кога е селската слава. Ќе имаме гости, кој што милува доаѓа вечерта в понеделник, а други на ручек во вторник. Па да не претерам, очекуваме околу 20 луѓе на гости. Нека е напомош, за многу години Велигден и селската слава, вели Трајкоски, кој завршува со подготовката на велигденското и славско јагне.

За времињата кога на Велигден и за селската слава имало многу музика и гости, алинчани се присетуваат и додаваат, иако тешки се времињата, мора да се свртиме кон славењето на животот, на тоа што ни се децата живи и здрави, а за Велигден, ќе стигнат гостите. Доволно е.

- Селската слава за Велигден порано беше многу поголема, пожива, ама си ја негуваме традицијата. Славата ни е во вторник, на трет ден Велигден, а заслогот вечерта во понеделникот. И сега ни доаѓаат сите на слава. И оние што се иселени во Прилеп и на други места. Тука се уште од прв ден Велигден. Само што сега ја нема музиката, оти порано се играше и се пееше средсело, кај училиштето. Ама живееме и се радуваме на новиот ден, вели Трајкоски.

Жителите на прилепско Алинци не ги напуштаат тутунопроизводството и сточарството. Не е како порано, трошоците се огромни, сточниот фонд е намален. Свесни се дека младите сакаат да живеат во градот и дека се иселуваат. Ама и не се откажуваат од корените. Па, блиску се до градот, иако го немаат патоказот на стариот пат од Прилеп кон Битола.

- Живеам до училиштето. Што е најбитно, имаме деца. Сега се помалку, ама нивниот глас и џагорот се мелем за душата. Било потешко, имало и полесно време, ама мора да се живее. Имаме добра вода, патот е добар и... живееме, вели Гоце Трајкоски од прилепско Алинци кое за Велигден ги отвора портите и чека гости - за најрадосниот празник и селската велигденска слава, вели алинчанецот Гоце Трајкоски.

Прилепското село Алинци ретко се споменува иако е близу до Прилеп, во Пелагонија. Жителите се навикнати дека прво се споменува прилепската депонија во близина на нивното село. Не забележуваат веќе. Низ вековите го имаат и историското обележје. Во близина се и архелошки наоѓалишта од римско време. Сакаат спокоен живот, имаат уверување и упорност за опстојувањето и упатуваат благослови за најрадосниот празник Велигден и нивната селска слава.

Елизабета Митреска

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан