Проект „Интеркултурно учење за сите“
- Во реализација со организациите „На пола пута“ од Србија и СУМЕРО од Босна и Херцеговина, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА го организираше завршниот настан на проектот „Интеркултурно учење за сите“ кој се одржа денеска во Јавна соба на улица „50 Дивизија“ бр.22, Скопје.

Скопје, 27 септември 2023 (МИА) - Во реализација со организациите „На пола пута“ од Србија и СУМЕРО од Босна и Херцеговина, Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА го организираше завршниот настан на проектот „Интеркултурно учење за сите“ кој се одржа денеска во Јавна соба на улица „50 Дивизија“ бр.22, Скопје.
-Предизвиците кои се опфатија во проектот „Интеркултурно учење за сите“ се однесуваа на недостигот на можности за лицата со интелектуална попреченост да земат активно учество во интеркултурниот дијалог, добрососедските односи и поврзаноста со врсниците од другите земји. Социјалната инклузија на лицата со интелектуална попреченост иако е високо промовирана во агендите на сите држави од Западен Балкан, во реалноста недостасува нејзината имплементација. Поради интелектуалната попреченост, оваа група на лица е дополнително ранлива, дури и во рамките на маргинализираната група на лица со попреченост, што пак придонесува за продлабочувањето на нивната исклученост од редовните текови во општеството, се вели во соопштението.
Во тек на завршниот настан, корисниците на дневните центри на РЦПЛИП – ПОРАКА го презентираа стекнатото искуство од проектните активности. Тие говореа на теми кои беа опфатени на работилници што се реализираа во изминатиот период, и тоа: дискриминација, предрасуди и стереотипи за лицата со интелектуална попреченост, култура и обичаи, и ненасилна комуникација, а ги покажаа и своите кулинарски способности и вештини.Исто така, се презентираше видео материјал во кој се говори за постигнатите цели во рамките на проектот, а лицата со интелектуална попреченост од Србија, Босна и Херцеговина и нашата земја, кои зедоа активно учество во активностите, говорат за своите впечатоци од реализацијата на проектните активности.
Воедно, ова претставува и дел од активностите со кои се одбележува јубилејот – 60 години активно делување на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА. љм/са/
Фото: МИА архива