Промовирана монографијата „100 години фудбал во Велес“ oд Ѓорѓи Минов
- Во салата на Хотелот „Романтик“ кај велешко езеро во присуство на голем број фудбалери, голмани и тренери од повеќе генерации како и поддржувачи на фудбалот во Велес, синоќа свечено беше промовирана монографијата „100 години фудбал во Велес“ 1919-2019 година од Ѓорѓи Минов, коавтори се Томе Шескокалов, Ристо Сугарев и м-р Димитрија Андонов, а промотор и главен финансиер е Панче Ќумбев, поранешен фудбалер и актуелен претседател на Синдикатот на фудбалери на Македонија.

Велес, 24 април 2025 (МИА) - Во салата на Хотелот „Романтик“ кај велешко езеро во присуство на голем број фудбалери, голмани и тренери од повеќе генерации како и поддржувачи на фудбалот во Велес, синоќа свечено беше промовирана монографијата „100 години фудбал во Велес“ 1919-2019 година од Ѓорѓи Минов, коавтори се Томе Шескокалов, Ристо Сугарев и м-р Димитрија Андонов, а промотор и главен финансиер е Панче Ќумбев, поранешен фудбалер и актуелен претседател на Синдикатот на фудбалери на Македонија.
Монографијата освен текст содржи и 350 фотографии кои се електронски обработени.
Авторот и поранешен фудбалер Ѓорѓи Минов, во монографијата наведува дека за жал не постојат пишани изворни документи, кога во Велес е донесена фудбалската игра. Но е непобитен фактот дека во 1919 година е формиран првиот фудбалски клуб „Напредак“ кој бил подржан од велешани, а посебно од младите. По барање на тогашната власт, веќе наредната 1920 година дошло до промена на името на клубот во СК „Бабунски“. Тој потсети дека по Втората Светска војна во Велес се формирани бројни фудбалски клубови, а најпознатиот велешки фудбалски клуб ФК „Борец“ под ова име е формиран во 1964 година.
Воедно се формирале голем број на фудбалски клубови во фабриките како: Порцеланка, Свилара - во фабриката за цигли „Киро Ќучук“, Топилницата за олово и цинк, ГП „Младост“, во кожарата „Димко Митрев“ и други
Авторот Ѓорѓи Минов за МИА, информира дека се судриле со тешкотии при собирањето на материјали, затоа што немало скоро никакви документи за фудбалот во Велес по Првата и Втората Светска војна, па морале напорно да бараат по домашните - приватни архиви на поранешните фудбалери и нивните семејства, а голем број информации собрале од дневниот весник „Нова Македонија“. Инаку идеја за пишување ваква монографија пред 15 - ттина години му ја дал сега покојниот Ико Атанасовски кој бил генерален секретар на Фудбалска Федерација на Македонија. а кој имал издадено монографија за фудбалот во Македонија.
Минов потенцира дека со оваа монографија оставаат аманет до помладите генерции да продолжат и понатаму да истражуваат за фудбалот во Велес и да ја надополнат оваа монографија со нови изданија, збогатена со нови податоци и документи.
Toме Шескокалов, поранешен фудбалер и еден од коавторите на монографијата, за МИА, потенцира дека монографијата е многу значајна за фудбалот во Велес, бидејќи Велес е спортски град. Тој потсети дека од бројните фудбалски клубови од Велес и велешко во сите изминати години произлегле врвни фудбалери и тренери кои понатаму со успех играле во клубовите во земјава и странство и во репрезентацијата.
Мирсад Јонуз родум од село Милино, Свети Николе, познат голман кој играл во велешки ФК „Борец“ и во повеќе клубови и за репрезентација, подоцна селектор на младата и на сениорската репрезентација на свеченоста потсети на некои од велешките фудбалски легенди како Абу, тренерот Љубе Јанчев, Дечев и другите.
- Имаше фудбалери кои нас младите не туркаа да одиме напред. Да ги спомнам тука Ранготов, Велковски, Тодор Демирџиев, па легендата Тодор Рошев - Тито, а тука беше и Петров како напаѓач. После дојде една генерација: Даце Костадиновски, Боров, Зоран Паунов, потсети Јонуз.
Инаку во монографијата е наведено дека во Велес имало и голем врој на добри голмани како: Ристевски, Печиров, Петрушев, Диме Гајдов и многу други.
Во монографијата е забележано дека ФК „Црвена Ѕвезда“ од Велес во педесеттите години на минатиот век играл со ФК „Црвена Ѕвзда“ од Белград пред шестилјадна публика, на Градскиот стадион во Велес. Натпреварот завршил со резултат 4:1 во корист на белграѓани.
Во монографијата стои податокот дека освен машки фудбалски клубови, во Велес на 1 април 2006 година е формиран и првиот женски фудбалски клуб ЖФК „Борец “ од тренерот Тоше Нацев. Овој клуб во КУП натпреварувањето на Македонија за 2010 година постигна голем успех освојувајќи го Купот и златниот пехар. ад/
Фото: МИА