• петок, 19 април 2024

Претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ ќе се игра утре во Тетово

Претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ ќе се игра утре во Тетово

Тетово, 8 јуни 2023 (МИА) - Екипа од Драмско студио при Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ од Тетово утре, петок 9 јуни ќе се претстави пред публиката со изведбата на претставата „Професионалец“ по текст на српскиот драмски писател Душан Ковачевиќ. Саше Серафимовски е режисер и толкува една од улогите, додека останатите ликови ги играат Раде Наумчеввски, Маја Николовска, Миќо Стојчевски додека соработник е Ладо Савески.

Режисерот вели дека текстот на Ковачевиќ од пред повеќе децении е безвременски и актуелен и сега и затоа се одлучил на тој избор.

- Текстот на Ковачевиќ прави одлична аналогија на времето од кога е напишан, до ден денешен. Во еден друг систем гледаме дека тој поранешен систем е на некој начин ископиран и во овој денешниот преку флоскула демократија. Текстот е безвременски, нема рамка секогаш актуелен. Сметаме дека Тетово треба да види сериозна и квалитетна драма од познати автори, која е балканска класика. Дело кое треба да поттикне на сериозно размислување околу општествените појави, се тоа врз онаа брилијантна идеја на Душан Ковачевиќ-тажна комедија, дали публиката повеќе ќе се концентрира на тагата или на комедијата ќе процени публиката, порача Серафимовски на денешната прес-конференција.

Раде Наумчевски кој ја има улогата на Мирослав Кокањац вели дека толкува лик кој успева да го каже она што многу малку луѓе осмелувале да го направат.

- Да објасни дека и покрај тоа што денес живееме во едно време што ние го нарекуваме демократија, а претходното сметавме дека е еднопартиски систем, работите не се многу променети. Затоа што и тогаш без нечие знаење не си можел да дојдеш на некое повисоко работно место, а за жал и денес е истото. Сето тоа е испреплетено со сеќавања, досетки, коишто и како се случувале во времето, за да на крај се „соблече“ целата состојба и да се отвори целата вистина, истакна Наумчевски.

Единствениот женски лик го толкува Маја Николовска.

- Јас имам споредна улога на Весна секретарка но и таа како лик е клучна поради тоа што нели е секретарка или тајница, па има некои тајни коишто само таа ги држи во свои раце, рече Николовска.

Претставата ќе се одигра на големата сцена на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во петок со почеток од 20 часот.ас/

Фото: МИА 

Остани поврзан