Премиерот Мицкоски меѓу гостите на „Тиквешкиот гроздобер“
- Кавадарци го слави грозјето, и високи гости денеска дојдоа на на ,,Тиквешки гроздобер", а се одржа и традиционалниот карневал. Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, беа премиерот, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, министерот за земјоделство, амбасадори и многу други гости од земјава и странство.
Кавадарци, 5 септември 2026 (МИА) - Кавадарци го слави грозјето. Високи гости денеска дојдоа на „Тиквешки гроздобер", стопанско - туристичката и културна манифестација, а се одржа и традиционалниот карневал. Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, беа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски, министерот за земјоделство Борче Серафимовски, амбасадори и многу други гости од земјава и странство.
- Добредојдовте во Кавадарци, во срцето на Тиквешијата, во градот на грозјето, виното, традицијата и гостопримството. Вашето присуство е чест за Кавадарци и потврда дека традициите најубаво се слават кога се споделуваат. Тиквешкиот Гроздобер е празник кој ги обединува лозарството и винарството, културата и традицијата, но пред се луѓето - рече претседателот на Совет на Општина, Стојанче Рамов.

Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев рече дека празникот е посветен на лозарите и винарите, но истовремено претставува можност за промоција на градот, регионот и неговите потенцијали.
Оваа традиција, рече тој, е длабоко поврзана со животот на Тиквешијата.
- Генерации наши сограѓани го посветиле својот труд на лозарството и производството на вино, создавајќи препознатлив производ и градејќи го угледот на Кавадарци како вински центар. Нашата обврска денес е да го зачуваме тоа наследство, но и да создадеме услови за негов натамошен развој. Затоа, Тиквешкиот Гроздобер не треба да го гледаме само како традиционална прослава, туку и како можност за промоција на Кавадарци, за развој на туризмот, за поддршка на локалното стопанство и за создавање нови соработки и пријателства - истакна Јанчев.

Тој додаде дека Кавадарци има што да понуди од својата винска традиција и природни убавини, до гостопримство.
- Нашата цел е овие потенцијали да ги претставуваме и промовираме со достоинство, а градот да биде препознаен како место кое вреди да се посети, да се запознае и повторно да се посети. Особено ми е драго што денес овде имаме гости од различни краеви. Вашето присуство е потврда дека ваквите настани се важни за поврзување на луѓето, институциите и градовите. Верувам дека Тиквешкиот Гроздобер и во иднина ќе продолжи да расте и да се развива, притоа зачувувајќи ја својата основна цел - да ја промовира традицијата, културата и економскиот потенцијал на Тиквешијата - рече Јанчев. свд/ев/
ФОТО: МИА