• среда, 27 март 2024

Пратеникот Абдула Салиу учествуваше на Франкофонска конференција во Париз

Пратеникот Абдула Салиу учествуваше на Франкофонска конференција во Париз

Скопје, 5 јуни 2023 (МИА) - Пратеникот Абдула Салиу, претседател на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, учествуваше во работата на Конференцијата на претседатели на секциите на Регионот Европа на ПС на Франкофонијата, што се одржа на 2 јуни 2023 година во Париз, соопшти денеска собраниската Прес-служба.

На конференцијата учествуваа делегации од Албанија, Ерменија, Белгија /француската заедница Валонија-Брисел, Кантонот Јура, Кантонот Валис, Кантонот Вауд, Франција, Грузија, Грција, Унгарија, Џерси, Северна Македонија, Молдавија, Монако, Полска и Србија.

Конференцијата ја отвори Амелија Лакрафи, претседателка на Секцијата на Франција во ПС на Франкофонијата, по што говореа Бруно Фуш, генерален парламентарен секретар на ПС на Франкофонијата, како и Давид Сонгулашвили, претседател на секцијата на Грузија, земја каде што од 4 до 8 јули 2023 година ќе се одржи 48. сесија на ПС на Франкофонијата.

Во рамки на конференцијата се разгледале повеќе актуелни теми и прашања меѓу кои доминирале прашања поврзани со војната во Украина, како и третманот на информациите во францускиот простор и борбата против лажните вести.

На присутните им се обрати и Ив Бигот, претседател на ТВ 5 Монд, кој го претставува Синдикатот на новинарите на франкофонските земји.

- Пратеникот Абдула Салиу учестуваше во дискусијата поврзана со темата за војната во Украина, при што потенцираше дека е неопходно зајакнување на кохезијата меѓу сите земјите на европскиот регион во поддржување на универзалните вредности и санкционирање на непровоцирана руска инвазија на Украина. Тој укажа дека политиката на Северна Македонија е целосно усогласена со политиките на НАТО и со ЕУ и дека земјата ја осудила руската агресија кон Украина, со што Русија флагрантно го крши меѓународното право. Информираше дека Собранието на Република Северна Македонија усвоило Резолуција со која ја осудила руската агресија и со која се дава силна поддршка за влезот на Украина во НАТО и отпочнување на процес на преговори со ЕУ. Нашата држава целосно ја поддржува Украина во одбрана на својот суверенитет и територијален интегритет при што во рамките на можностите на земјата се обезбедува помош, материјална и воена, се наведува во соопштението.

Тој истакна дека Украина бранејќи ја сопствената земја, нѐ брани и сите нас насекаде во светот.

- Тој им честиташе на политичарите и на граѓаните на Украина за нивната храброст во тешките времиња во изминатата година и за нивната истрајност во победата во оваа војна, не само за ставање крај на злосторствата и штетите на инфраструктурата во земјата, туку и како симбол на демократијата и на заедничките вредности на сите либерални општества, соопштија од Собранието на Република Северна Македонија. цр/сп/

Фото: Собрание 

Остани поврзан