Почна санацијата на Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ во Струмица
- НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ од Струмица, заедно со Министерството за култура, почна со целосна санација на Спомен-костурницата во Струмица.

Струмица, 7 јуни 2023 (МИА) - НУ „Завод за заштита на спомениците на културата и музеј“ од Струмица, заедно со Министерството за култура, почна со целосна санација на Спомен-костурницата во Струмица.
Овој вреден примерок е дело на архитектот Благој Колев и е изграден од армиран бетон и целосно е обложен со бел мермер.
-Службите на Музејот од Струмица веќе ги завршија активностите за детално чистење на отпадоците од површината и вегетацијата, како и детално чистење на самиот споменик од поликолорот и графитите исцртани на мермерот. Во периодот што следува, продолжува санацијата и реконструкцијата на оштетениот мермер на површината на споменичната целина, како и хортикултурно уредување на Спомен-костурницата, информираа од Министерството за култура.
Како што наведуваат од ресорното министерство, Спомен-костурницата во Струмица со комплетната санација ќе добие нов изглед и ќе стане место и простор каде што ќе се одржуваат различни културни манифестации, концерти, промоции и други активности во иднина.
Инаку, Спомен-костурницата на паднатите борци од НОВ во Струмица е изградена на ридот Самораница, на 327 метри надморска височина и се простира на површина од 1.509 метри квадратни. Изградбата започнала во 1979 година, а моштите на загинатите борци во НОВ со свечен чин биле пренесени и положени во саркофагот во јули 1982 година. рт/дма/
Фото: НУ „Завод и Музеј Струмица“