• четврток, 18 април 2024

Трудбеничко-работничка носталгична приказна

Трудбеничко-работничка носталгична приказна

Прилеп, 1 мај 2023 (МИА) -  Не барам многу. Само малку да се вратат поранешните времиња. Ништо повеќе.

Носталгично, со далга на душата на поранешен прилепски работник ја започнуваме нашата трудберничко-работничка приказна. Седнати во друштвото на пролетното сонце во центарот на Прилеп, со белокосата мудрост на некогашните работници, сега потсетувачи на времето што одминува, ама не се заборава.

Со намера, и желба, да ја разврземе приказната за поранешните, и сегашни работнички времиња, но и за она без што Празникот на трудот не го бидува - излетот, по прашањето како беше порано, а како е сега, во одговорите на нашите соговорници го насетивме звукот на носталгичноста.

Владо Јошески работниот век го поминал во тогашниот прилепски гигант „ЗИК Прилеп“. Најголемиот земјоделско-индустриски комбинат. Работните денови се испреплетуваат.

- Работев во гигантот, Земјоделско-индустрискиот комбинат - „ЗИК Прилеп“. Работев речиси 40 години. Техничар, лозаро-овоштар. Времињата беа многу различни. Тогаш се работеше, ама и се плаќаше. Сега ги користат младиве речиси без пари. Беа и на норми. Јас им ги пишував. Ама луѓето работеа. Вистински. И вистински беа платени, вели Јошески и го разврзува муабетот Според него, за да се постигне работничката правда сите треба да сфатат какви и колкави се платите спрема вложениот труд, а не да ги зголемуваат платите 80 отсто како сега.

- А работникот? Тогаш имаше и за работникот и за шефот. Седевме, јадевме, пиевме. Работникот, гордо ќе нуди да плати. Имаше можност. Се натпреварувавме кој да плати. Сега нема ниту плаќачи, ниту млади, воздивнува Јошески.

Прилепчани се сеќаваат. Пред 40-тина години, во 80-тите од минатиот век беше првиот штрајк. На вработените во тогашното шумско претпријатие „Црн Бор“, кои си ги бараа своите плати. Муабетот на клупата среде Прилеп се разврза. - Порано правата на работниците беа големи. Имаше закони. Сега гледам голем проблем во судството, вели еден сегашен пензионер, децениски работник.

- Имаше и права и правда. Секому според заслуженото. А сега? Гледаат да го искористат работникот, да не им платат на младите, додаваат нашите соговорници.

Работничките права се вечна тема, ама и обврска. Тоа го знае Тодор Алексоски, поранешен инспектор по труд. Се вклучува во разговорот и вели - имавме тешки ситуации за да им помогнеме на работниците.

- Како поранешен инспектор по труд и од сето искуство, сметам дека од сите дејности, најмногу прекршители имаше во угостителството и во текстилната индустрија. Сите „газди“ сакаа да „ловат“ во матно. Имавме работа и во тие празнични денови. А и контролите беа големи во текстилната индустрија. Таму беше „број еден индустријата“ каде се правеа контроли, зашто луѓето се вработуваа за многу мал надомест. Забележувавме дека многу се работеше и во празнични денови без соодветно да им се плати на работниците. Па и на први и на втори мај. Многу се работеше, а ние како инспекција одевме, преземавме мерки. Поинакви се денешните времиња. Законот за работни односи, во глобала, е добар. Сепак, кај работодавците има намера, таа како да е постојана, секогаш да најдат начин нешто повеќе да заработат. Што се вели - под тезга. Но, главно е - работникот треба да биде платен. Соодветно. И да нема толкави разлики помеѓу најниската и највисоката плата. Порано имаше помала разлика меѓу вработените, а во денешно време тоа е голем јаз, вели поранешниот инспектор по труд Тодор Алексоски.

Меѓу соговорниците тлее незадоволството, уште повеќе несогласувањето со денешните времиња. Ама муабетот се префрла на првомајските, или поточно, второмајските излети. Тоа е голема традиција. Имаат многу убави спомени и никој не сака да замре традицијата. Тоа е нивната социјализација, радост, релаксација.

Некогашниот инспектор по труд Алексоски ја почнува приказната, но и сеќавањата на мајските излети.

- Во тоа време, пред транзицијата, многу се почитуваше Први мај. На 1 мај не беа излетите, туку на 2. И 90 отсто од граѓаните излегуваа на излет, ама на 2 мај. И, бидејќи тогаш немаше големи социјални разлики, сите имаа можност да го поминат второмајскиот излет расположено, да се релаксираат. Сме оделе на различни места. Прилеп е познат по излетничките места. Најмногу, реки народ одеа на Шаторов Камен, месност над Прилеп. Излетите на ова место беа познати со децении, па дури и пред Војната (Втората светска војна). Па, и кај Вештачкото езеро. До ден денес. Со текот на времето, кога само 1 мај стана неработен, а не и 2 мај, но традиционалните излети останаа до ден-денес. Временските прилики, пак, се посебна приказна. Некогаш знаело и снег да заврне. ретко. Ама најчесто дожд. Шегата остана до ден-денешен дека на мајскиот излет ќе заврне. Ама граѓаните секогаш се снаоѓале. Или правеле визити во соседни градови и места. И секако, ќе има излет. Мислам дека тогаш животот беше порелаксиран, отколку сега, се присеќава Алексоски.

На муабетот низ времињата до денес се придружува и Лазар Ангелски, поранешен претседател на Регионалниот синдикален совет во Прилеп. Вели, законските одредби треба да ги регулираат работничките права. А „газдите“ сега ќе се подзамислат кога работната рака недостасува.

- Мислам дека сега се намалени работничките права. Се кршат повеќе закони, а и колективни договори. Моментално има недостиг од работна рака, сметам, дека и работодавците ја сфатија таа работа и се обидуваат да ја поправат ситуацијата за да ги поправат работничките права во однос на платите, работното време, во заштитата при работа, така што мислам дека работите се движат напред. Има надеж зашто се поткрева минималната плата. Останува проблемот во угостителството и во текстилната индустрија. Има многу работа за работничките права, објаснува Ангелески.

Ја завршуваме трудбеничко-работничакта приказна. Повеќе е носталгична. Со увереност дека порано имало повеќе права, повеќе можност и сигурност за работничка сигурност, ама и излети и релаксирање за Денот на трудот. Но, битката за работничката правда, а богами и за заслужениот работнички излет, сѐ уште траат.

Елизабета Митреска 

 

Остани поврзан