Полска и Германија потпишаа нов договор за соработка во одбраната
- Министрите за одбрана на Полска и на Германија, Владислав Кошњак-Камиш и Борис Писториус денеска во Варшава потпишаа билатерален договор за соработка во одбраната, со кој се предвидуваат заеднички воени вежби, развој на воената инфраструктура, соработка во кибербезбедноста и заедничка одговорност за одбрана на Балтичко Море
Варшава, 17 јуни 2026 (МИА) – Министрите за одбрана на Полска и на Германија, Владислав Кошњак-Камиш и Борис Писториус денеска во Варшава потпишаа билатерален договор за соработка во одбраната, со кој се предвидуваат заеднички воени вежби, развој на воената инфраструктура, соработка во кибербезбедноста и заедничка одговорност за одбрана на Балтичко Море.
- Национализмите од минатиот век не решија ниту еден проблем. Двајцата разбираме дека основата на безбедноста на источното крило на НАТО е одвраќањето, што бара соработка на Полска и Германија. Мора да ги преземеме сите потребни чекори. Го потпишуваме договорот за одбрана бидејќи претходниот беше потпишан пред 15 години под различни околности, три години пред анексијата на Крим и пред нападот врз Украина. Околностите се целосно променети, наведе Писториус.
Тој ја потенцираше соработката во одбивањето на хибридните напади врз двете земји, при тоа додавајќи оти воената мобилност и заштитата на критичната инфраструктура се клучни за одбраната на цела Европа.
Додека Кошњак-Камиш истакна дека договорот отвора нови области за соработка во кибербезбедноста, воведувањето на нови технологии, програма за соработка во вселената, воена мобилност и развој на инфраструктурата.
- Со тоа се решава нашата заедничка одговорност и заедничка команда на Балтичко Море, посочи Кошњак-Камиш.oljski
Тој додаде дека некои очигледно помешале кој е пријател, а кој непријател, а тоа е во корист на руската пропаганда.
- Полска има пријатели на Запад, а на Исток има непријател. На некои тоа му е помешано во главите, истакна Кошњак-Камиш. ми/
фото: ЕПА