• понеделник, 13 јули 2026

Полицијата во Женева приведе 28 лица по протестите против Г7

Полицијата во Женева приведе 28 лица по протестите против Г7

Женева, 15 јуни 2026 (МИА) – Полицијата во Женева приведе 28 лица по протестите против самитот на Г7, додека полицискиот кордон воспоставен околу група демонстранти траеше повеќе од десет часа и беше укинат дури во раните утрински часови денеска.

Евакуацијата на околу 200 лица, кои од синоќа беа опколени од полицијата на кејовите во Женева, заврши нешто по 6 часот изутринава.

Полицијата синоќа опколи меѓу 150 и 200 демонстранти на просторот меѓу Кејот Вилсон и Авенијата де Франс , во близина на паркот Перл ди Лак. Во кордонот се нашле и лица кои не учествувале на протестот, меѓу кои 11-годишно дете, како и членови на тимови за самоорганизирана безбедност.

Ослободувањето на лицата започна непосредно пред полноќ, со постепени проверки на идентитетот, и траеше до раните утрински часови.

Франкофонските швајцарски колективи на Феминистичкиот штрајк ја осудија, како што наведуваат, „целосно непропорционалната репресија“ и оценија дека станува збор за „загрижувачки чекор назад за правото на протест во Швајцарија“.

Според полицијата, на протестите против самитот на Г7 учествувале најмалку 20.000 лица, додека коалицијата „Не за Г7“ тврди дека бројот достигнал 60.000. Полицијата соопшти и дека меѓу демонстрантите имало околу 600 припадници на таканаречениот „црн блок“.

Маршот започна од паркот Мон Репо нешто пред 15:15 часот под силно полициско обезбедување, а учесниците се вратија на почетната точка околу 19 часот. Потоа полицијата нареди растурање на протестот и евакуација на паркот Перл ди Лак, пред да го воспостави кордонот.

Првите инциденти биле регистрирани околу 16:30 часот, кога бил запален автомобил, а во близина на железничката станица Корнавен дојде до судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Тензиите дополнително се зголемија околу 18 часот кога протестната поворка стигна во квартот Нации (Place des Nations), каде што полицијата употреба солзавец. По должината на трасата биле искршени повеќе излози и прозорци.

Женевската кантонална полиција соопшти дека извршила „неколку апсења“, без првично да наведе конкретни бројки. Подоцна портпаролот на полицијата, Александер Брахиер изјави дека во притвор се задржани 28 лица, од кои девет жени и 19 мажи, а три случаи биле квалификувани како привремени апсења.

Полицијата оцени дека причинетата материјална штета е „релативно мала во споредба со бројот на решените припадници на црниот блок“, наведувајќи искршени прозорци и оштетени автобуски постојки.

Во врска со сообраќајните проблеми предизвикани од организацијата на самитот на Г7, полицијата соопшти дека во раните утрински часови биле забележани значителни задржувања на граничниот премин Моајезула, но дека сообраќајот во самиот кантон бил главно непречен.

Според сведоштвата за швајцарскиот јавен сервис РТС (RTS), некои лица останале во кордонот повеќе од десет часа, без пристап до тоалети и до други основни услови.

Учесници во протестот изјавиле дека не им било јасно зошто биле задржани, наведувајќи дека по официјалното завршување на демонстрациите дел од нив останале во паркот Перл ди Лак за дружење и за капење, по што биле насочени кон мостот Мон Блан, каде што повеќе не можеле да го напуштат просторот.

Според нивните сведоштва, во текот на ноќта немало посериозни тензии меѓу полицијата и лицата опфатени со кордонот.

Самитот на Г7, на кој учествуваат Германија, Канада, САД, Франција, Италија, Јапонија и Обединетото Кралство, се одржува во Евијан од 15 до 17 јуни, а безбедносните мерки и сообраќајните ограничувања се очекува да продолжат до 19 јуни. ссм/

фото: МИА