Пет лица загинаа во напад на јеменските бунтовници врз брод во близина на брегот на Јемен
- Јеменските власти денеска соопштија дека пет лица загинаа кога јеменските бунтовници Хути, поддржани од Техеран, истрелале ракети врз брод во протокот Баб ел-Мандеб.
Сана, 11 август 2026 (МИА) – Јеменските власти денеска соопштија дека пет лица загинаа кога јеменските бунтовници Хути, поддржани од Техеран, истрелале ракети врз брод во протокот Баб ел-Мандеб.
Министерството за сообраќај на меѓународно признатата јеменска влада соопшти дека меѓу загинатите се четворица пакистански државјани и еден Индонезиец. Во соопштението на министерството пишува дека Хутите истрелале три балистички проектили врз јеменски трговски брод.
Протокот Баб ел-Мандеб на југот на Јемен, алтернативна рута за транспорт на нафта од Саудиска Арабија, повторно е во центарот на вниманието заедно со Црвеното Море, бидејќи Иран го затвори поминувањето низ Ормуската Теснина.
Нападот врз бродот се случи за време на напад на Хутите врз пристанишниот град Мока на Црвеното Море, кој е под контрола на владата. Десетици владини војници и цивили се убиени во нападите од минатата недела.
Нападите на Хутите се дел од ескалацијата против владините сили во Јемен, како и врз нафтените постројки во соседна Саудиска Арабија, која ја поддржува меѓународно признатата влада на Јемен, и нејзините бродови во Црвеното Море. јт/
Фото: Гугл мапи