Пентагон: САД од средината на март нападнале повеќе од 1.000 цели во Јемен
- Американската војска од средината на март погодила повеќе од 1.000 цели во Јемен, каде што Вашингтон спроведува воздушни напади против бунтовниците Хути, соопшти Министерството за одбрана на САД.

Вашингтон, 30 април 2025 (МИА) - Американската војска од средината на март погодила повеќе од 1.000 цели во Јемен, каде што Вашингтон спроведува воздушни напади против бунтовниците Хути, соопшти Министерството за одбрана на САД.
Хутите, кои контролираат големи делови од Јемен, од крајот на 2023 година напаѓаат бродови во Црвеното Море во знак на солидарност со Палестинците во Појасот Газа, кој е разорен во војната меѓу палестинското движење Хамас и Израел.
Бунтовниците во Јемен ја преземаат одговорноста и за ракетните напади насочени кон Израел, кој тврди дека ги пресретнува.
„Од 15 март, нападите на ЦЕНТКОМ (американска команда за Блискиот Исток) погодија повеќе од 1.000 цели, убивајќи борци и водачи на Хути и намалувајќи ги нивните капацитети“, изјави портпаролот на Пентагон, Шон Парнел. рп/
Фото: МИА архива