• среда, 24 април 2024

Пачкова за МИА: Прашањето на родовата еднаквост не е црно-бело, бинарниот пристап создава стеротипи, кои водат во дискриминација

Пачкова за МИА: Прашањето на родовата еднаквост не е црно-бело, бинарниот пристап создава стеротипи, кои водат во дискриминација

Скопје, 8 март 2023 (МИА) - Интерпарламентарно тело за родова еднаквост со фокус на унапредување на правата на самохраните мајки и еднородителските семејства, кое би работело согласно акциски план, кој, пак би се однесувал на одредени интервенции во македонското законодавство во насока на унапредување би можело наскоро да се формира во Собранието.

Оваа идеја, како што вели во интервју за МИА, претседателката на „Една може“ и експерт по родова еднаквост, Дороти Пачкова ја предлагаат повеќе од две години, но досега не наишле на слух кај пратениците и пратеничките во Собранието. Неодамна во контакт со неа стапила лидерката на ЛДП и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, која се понудила да ја даде својата помош и поддршка за унапредување на родовата еднаквост, а од разговорот се актуелизирала идејата за формирање на ова тело.

Пачкова се надева дека оваа идеја ќе се реализира уште оваа пролет, со оглед на тоа што не е нова, разработена е, а како што вели, со формирањето на едно вакво интерпарламентарно тело и со една суштинска соработка би се решил еден сериозен државен проблем. 

Со Пачкова разговаравме на повеќе теми поврзани со женските права и родовата еднаквост, меѓу кои и често пати искривените сфаќања за феминизмот и заложбите за унапредување на позицијата на жената во општеството, познатите стереотипи дека тоа се процеси насочени против мажите или пак процеси во кои жената престанува да биде жена.  

-Самото биномно гледање или црно-бело гледање се коси со сите феминистички заложби, но се коси и со новото доба кое денес го живееме. Работите не се вакви или такви. Секојпат кога ќе има „или“ знајте однапред дека тоа е осудено на пропаст или е осудено на она раздели па владеј. Ние и вие, тоа е наратив кој создава спротивности. Не сме тука за спротивности. Јас својата лична мисија воопшто не ја гледам во ниту една од крајностите и сами сме оние кои одлучуваме дали ќе правиме некаков баланс и ќе хармонизираме или ќе создаваме непотребна конфронтација. Родова еднаквост во суштина се сите заложби за еднакви можности, вели Пачкова и додава дека речиси секое бинарно видување е стереотипно, а стереотипите не носат во дискриминација.

Разговаравме и за денешниот осмомартовски марш, состојбата со насилството врз жените и девојчињата во земјава, зголемувањето на родовиот гап, кој пред пандемијата изнесуваше 202 години, а по неа достигна 275 години. 

Во интервјуто беа опфатени и состојбата со еднородителските семејства, евентуалните законски измени за дефинирање на состојбите во оваа сфера, работата на „Една може“, јазот во платите.

Во продолжение следува интервјуто со Дороти Пачкова во целост, заедно со видео-материјал:

Долги години работиш во сферата на унапредувањето и сензибилизирањето на јавноста, но и на носителите на јавни функции, оние кои креираат политики во земјава на женските права и родовата еднаквост. Случајно или неслучајно родена си на 8 март, најпрво денеска да ти го честитам роденденот, но и Денот на жената и би те прашала за почеток, од целото искуство што го имаш изминативе години каква оценка даваш денес за состојбата на женските права во земјава?

-Состојбата со женските права, како и сите општествени текови немаат праволиниски живот, за среќа, па така често имаме победи за кои секако си даваме признание, но често и за жал се уште можеме да евидентираме уназадување на женските права и многу немили состојби.

Имаш големо искуство. Низ годиниве работеше во невладина организација, се уште си претседателка на „Една може“ и постдипломските студии ти се во сферата на родовата еднаквост. Многу прашина се крева околу родовата еднаквост, најчесто препукувањата се меѓу двата екстрема – крајниот патријархат и другиот е жените кои се во постојан антагонизам со мажите. Но, ниту едното, ниту другото не е родова еднаквост. Да дефинираме што значи родова еднаквост, што значи рамноправност и зошто често се меша со поимите истоветност или сите сме исти и најчесто тука се кршат копјата?

-За да не се кршат копјата самото бинарно гледање или црно-бело гледање се коси со сите феминистички заложби, но се коси и со новото доба кое денес го живееме. Работите не се вакви или такви. Секојпат кога ќе има „или“ знајте однапред дека тоа е осудено на пропаст или е осудено на она раздели па владеј. Ние и вие, тоа е наратив кој создава спротивности. Не сме тука за спротивности. Јас својата лична мисија воопшто не ја гледам во ниту една од крајностите и сами сме оние кои одлучуваме дали ќе правиме некаков баланс и ќе хармонизираме или ќе создаваме непотребна конфронтација. Родова еднаквост во суштина се сите заложби за еднакви можности, заложби за еднакви можности кои немаат иста крајна цел. Фин пример би било ако кажеме дека личност од два метра, личност од метар и 50 и личност од метар и 10 ги носиме да гледаат натпревар каде има ограда од метар и 60. Тогаш само оној кој е највисок ќе го гледа натпреварот. Често старовековното општество, она како денес сме изградени, вели еве на сите ви ги дадовме еднаквите права, ве донесовме на натпревар па вие гледајте. Знаеме дека оној од метар и 10 воопшто нема ни да може да го види натпреварот, оној од метар и 50 ќе рипка, ќе рипка, ќе се обидува нешто да види, а натпреварот ќе биде виден само од оној кој е највисок. Тоа не е идејата. Потоа, ако ги седнеме на маса и да кажеме ајде дискутирајте за натпреварот ќе сфатиме дека оној кој не го гледал натпреварот нема ни можност еднакво да партиципира во разговорот.

Можам да заклучам дека станува збор за еднакви можности за сите, почнувајќи од позицијата во која што тие во моментот се наоѓаат. Дали жените во Македонија немаат еднакви можности со мажите?

-Жените во Македонија и во светот според сите статистики и според моето скромно животно искуство на Земјава немаат еднакви можности со мажите.

На што се должи тоа, еве, конкретно кај нас?

-Кај нас корени се влечат од патријархалното општество. Кога ние експертките за родова еднаквост предаваме сакаме да кажеме дека тоа се последици од патријархатот кој долги години, децении и столетија владеел на овие простори, посебно на овие простори како нашите, но исто така се должи и на нефлексибилноста на донесувачите на јавни одлуки заради тоа што самото креирање на општеството е креирано во голема мера од мажите, па така ова општество е според машка мерка. Доколку дадеме пристап на жените до јавни позиции тие ќе можат еднакво да партиципираат како мажите, да го дадат својот придонес, едноставно леќите низ коишто го перципираме општеството да биде и машко и женско.

Како што веќе споменав, најчесто копјата се кршат меѓу два антагонизми иако тоа не е родова еднаквост, последниот пример беше фамата што се крена на социјалните мрежи за месењето на леб по изјавата на претседателката на ЛДП Моника Зајкова дека и мажите треба да месат леб. Сигурно контекстот не беше само дека и мажите треба да месат леб, но сите се на некој начин фатија за таа реченица. Според тебе, ете симболично кажано – кој треба да меси леб?

-Како еден скопски бенд, Леб и сол, но и исто така тука може да се примени  „леб и игри“, дајте му забава на народот, како во римско доба кога не сакале народот многу да им се меша во високата политика. Тоа е буржоазиско видување на кое се надевам дека ќе му затвориме врата, занимавајте го народот со небитни работи, па на крајот на денот и пратеничката имаше право. Ако фатат малку мажите да замесат леб и да ги наранат останатите членови од семејството можеби полесно ќе ги разбираат жените како им било години наназад да ја имаат водечката улога во кујната.

Борбата за рамноправност за жал често пати се перципира дека е движење во кое жената престанува да биде жена, што секако е стереотип. Што според тебе значи да се биде жена, која ги ужива сите права во нашето општество?

-Токму како што кажа. Речиси секое бинарно видување е стереотипно. Стереотипите не носат во дискриминација. Она што значи да се биде жена која ги ужива сите права не би можела ни самата јас да кажам заради тоа што со самото тоа што сум жена не ги уживам сите и еднакви права како мажите, можеби некогаш наслутувам што би значело да можам да ја имам слободата која ја имаат мажите, но и јас ја немам истата таа слобода.

Платформата за родова еднаквост вечерва организира марш во Скопје со наслов „Ќе преживеат ли жените овде?“ Претпоставувам вака интензивен наслов оваа година поради последните случувања, повеќе случаи на насилство врз жени и девојчиња, фемициди, мизогонија, говор на омраза на социјалните медиуми. Колку е алармантна состојбата во земјава во однос на насилството врз жените и девојчињата?

-Понекогаш и на луѓето кои не се едуцирани во областа на родовата еднаквост треба да им се преџвакаат убаво работите или она да дојдеме до крајната линија, што би било кога вака би продолжиле за да можат да сфатат што значи во суштина борбата за еднаквост, рамноправност. Насилството врз жените за жал е отидено во алармантна крајност. Она кое ние како граѓански сектор го правиме е сите со своите капацитети и можности да гравитираме во сферата на родовата еднаквост и ги правиме нашите заложби, повлекуваме од нашите животни искуства со тоа и дел од нашите животни искуства како жени во општественото живеење. Состојбата се поклопува со светските статистики кои велат дека секоја трета жена низ својот живот ќе биде жртва на некаков тип на родово базирано насилство. Статистиките не се далеку од вистината. Она кое е алармантно е токму фактот дека до пред ковид-пандемијата родовиот гап, интернационалните организации за родова еднаквост го проценуваа на 202 години, после пандемијата состојбата е влошена за една четвртина со тоа што родовиот гап предвидуваат дека ќе се намали дури за 275 години.

Што значи родовиот гап?

-Родовиот гап е оној простор помеѓу можностите на мажите и можностите на жените. Онаа лимбо зона во која нашите женски права не можеме да ги постигнеме за да можеме да дојдеме на еднаква стартна позиција со мажите. Излегувањето на пазарот на трудот е многу покомплицирано за жените отколку за мажите. Бројноста во работните позиции кои носат високи материјални добра се речиси недостапни за жените, дури и оние жени кои ќе се изборат да дојдат на иста работна позиција како мажите земаат помали плати од мажите. Здравствените услуги кои ги користат жените, пристапноста до здравствените услуги и потребата од здравствени услуги кои жените ја имаат е многу поразлична од потребите кои мажите ги имаат во однос на здравствените услуги. Социоекономското и социокултурното позиционирање на мажите и позиционирањето на жените е многу поразлично. Тој празен простор го викаме родов гап.

Ја спомнавте и нееднаквоста во платите. Тоа не е нешто ново и специфично само за Северна Македонија, тоа е нешто што е евидентно и во Европската унија па дури и во развиените земји како Шведска. Имате ли некои податоци колкав е тој гап тука кај нас во Македонија во проценти?

-Сигурно имаме проценти кои мене сега не ми доаѓаат на ум. Но, знам дека до пред пандемијата процентот, значи тој гап се намалуваше, додека пак после пандемијата поразително е тоа што скокна. Ова е фактичката состојба дека жените се најпогодени во сите кризни ситуации. Жените се секогаш оние кои се на исфрлени позиции, жените се секогаш оние кои најмногу губат, токму поради конструкцијата на овој свет од страна на мажи – машки свет. Првиот удар на овој свет најпогодени се жените.

На што се должи тоа, зошто се жените се најпогодени?

-Тоа се должи заради тоа што како што кажав, јавната сфера е машката сфера, јавната сфера го креира општественото живеење на луѓето. Ако општественото живеење на луѓето го креираат само мажи, тогаш се понедостапен им е светот на жените и кога ќе почне да се руши тој свет повторно најзагрозени се жените и ранливите категории на граѓани и оние кои се малкубројни.

Долги години работиш на најразлични анализи за промена на политиките, на поголема инклузивност на тие политики во однос на правата на жените, но и на еднородителските семејства. Како функционира денес „Една може“?

-Како функционира „Една може?“ Сите долгогодишни наши заложби се релевантни, се ветар во грбот на многу млади и посебно од еднородителски семејства. Нашата организација ќе остане запаметена во историјата на државата како една од оние кои бевме најобезгласени, оние кои често добивавме пораки од типот да се скриеме дома и да се срамиме, но ние упорно правевме напори да го одржуваме нашиот глас во јавноста. Она во кое прераснавме денес е токму ова време на трансформација на „Една може“ и ако се повикам на искуството од минатото можам да кажам дека со секој голем предизвик ние се повеќе и повеќе растеме. Искрено не можам да дочекам да видам во што ќе прераснеме во наредната година, да речам.

Почнавте со одреден начин на функционирање, помош на жени, волонтирање, нудење разни видови на материјални добра како помош. На што сте денес фокусирани во работењето?

-Денеска сме фокусирани токму на родовите јавни политики, на креирањето истражувања и фактички податоци за да не мораме многу да раскажуваме приказни. Фокусирани сме на тој тип на активности и започнуваме и соработка или ги одржуваме соработките со јавните институции иако сме сведоци на многу променети гарнитури. Ние не се откажуваме и продолжуваме со нашата работа. Нашата работа е да ги сензибилизираме државните апарати и институции да бидат сензибилни кон оваа огромна ранлива категорија самохрани родители и деца од еднородителски семејства за да можат да направат социјална интеграција.

Што кажуваат податоците за еднородителските семејства во земјава? Каква е состојбата процентуално, колку семејства се еднородителски? Имате ли такви податоци?

-Секоја година расте процентот на еднородителски семејства. Секоја година расте процентот на девојки и жени кои самостојно одлучуваат да донесат деца на овој свет. Секоја година расте процентот на жени кои одлучуваат да не трпат насилство и тоа многу често е причина за настанување на еднородителските семејствата. Но, исто така имаме и еднородителски семејства, кои се создадени под присила на околностите. Имаме еднородителски семејства, чиј втор родител исчезнал, отслужува казна затвор, заминал на печалба во странство и откажал секаква родителска одговорност. Сите тие различни конструкции на еднородителски семејства треба да бидат дел од ова наше општество и државата не е спремна за тоа. Не била во изминатите години, но ние се надеваме дека ќе ја подготвиме. И работиме да ја подготвиме да може сите тие различни типови на еднородителски семејства еднакво да функционираат како и вообичаените типови на семејство.

Законот препознава три основи – дали едно семејство е еднородителско, вие долги години работите на промена на Законот за семејство, меѓутоа се уште нема никакви промени тука. Имате ли некои сознанија дека можеби ќе се покренат работите во некаква блиска иднина?

-Ние се заложуваме да се покренат работите во блиска или далечна иднина и не зависи само од нас. Доколку ние се прашуваме, искрено прво и основно што би се направило би се дала соодветна инклузивна дефиниција за еднородителско семејство. Ние ја предлагаме дефиницијата на Европскиот институт за човекови права која ја користат тие. Ние предлагаме да се имплементира во нашето законодавство. За жал, досега немало слух од страна на креаторите на јавните политики и унапредувачите и унапредувачките на законодавството, но во иднина се надеваме дека ќе се случи. Потребен е архив за еднородителски семејства, да се бројат најпрво како бројки, па потоа да може да се третираат и како луѓе сите членови на овие семејства, тоа се нашите крајни заложби.

Колку слух имаат македонските политичари и политичарки за промена на нивните политики и унапредување на женските права според твоето искуства, дали е се на туркање или не е секогаш така?

-Според нашето искуство како едно движење за унапредување на правата на еднородителските семејства можам да кажам дека на прва тие порано не не разбираа зошто е сета оваа наша борба. Сега веќе со дел од политичарките имаме разбирање и свесни се со какви проблеми се соочуваме. Многу ми е драго што се свесни што би ги решило тие проблеми, а дел од нив и сами не контактираат, но големата работа останува дека некој треба да ги засука ракавите и да не се откаже на првата препрека.

Неодамна објави мислам дека и ти и на Фејсбук страницата на невладината организација дека соработувате со лидерката на ЛДП Зајкова во сферата на родовата еднаквост. Може ли да ни дефинираш за каква соработка станува збор и дали можеби оваа соработка ќе доведе до промена на одредени политики?

-За жал, до пред две години кога ние му предлагавме на Парламентот како граѓанска организација да создадеме интерпарламентарно тело за унапредување на правата на еднородителските семејства и самохраните мајки бевме одбивани и тоа се случи и во моментот кога требаше да потпишеме дека ќе го формираме тоа телото. Но за среќа и мое изненадување парламентарката Зајкова сама стапи во контакт со мене и ме праша што ни треба. Новите генерации на пратенички и пратеници искрено многу пријатно ме изненадуваат и среќна сум што можам да сведочам на вакво нешто, па така она кое на нас ни треба за да можеме да бидеме тука за луѓето е да создадеме интерпарламентарно тело за родова еднаквост со фокус на унапредување на правата на самохраните мајки и еднородителските семејства. Тоа тело би имало акциски план кој би се однесувал на конкретни интервенции во законодавството во Македонија, а сите тие интервенции би биле во служба на еднородителските семејства, па така тие би ги имале потребните бенефиции кои досега ги немаат. Значи, со една суштинска соработка би решиле државен проблем.

Значи, тоа би било тело кое што би функционирало внатре во Собранието, во кое би членувале пратеници. Имате ли некој рок кога ова би се реализирало? Вие неодамна постигнавте некаква согласност, кога би се реализирала оваа идеја?

-Искрено се надевам дека оваа пролет ќе ја реализираме идејата и понатаму ни останува со телото кое ќе го формираме да работиме.

Ана Цветковска

фото: Дарко Попов

видео: Срѓан Крстиќ

Остани поврзан