• среда, 29 ноември 2023

Папата ја повика Европа да прифаќа мигранти и да се фокусира на интеграцијата

Папата ја повика Европа да прифаќа мигранти и да се фокусира на интеграцијата

Марсеј, 23 септември 2023 (МИА) – Папата Франциск денеска предупреди на изолационизам и застрашување во однос на илегалната миграција од Африка преку Медитеранот во Европа.

Судбината на мигрантите кои се обидуваат да го преминат Средоземното Море од Африка до Европа е една од главните теми на папата за време на неговата посета на Марсеј во јужна Франција.

- Медитеранот го отсликува светот, при што југот се врти кон север, со многу земји во развој, зафатени од нестабилност, режими, војни и опустoшување, рече Франциск на крајот од средбата со млади од 29 медитерански земји.

- Нерамноправностите никогаш не биле толку големи, истакна папата и додаде дека мора да се гарантираат редовни можности за влез и балансиран прием на мигранти во Европа.

- Миграцијата не е ниту инвазија ниту вонредна состојба, туку факт на нашето време што мора да се реши, рече тој и изрази разбирање во однос на тоа дека не може да се занемарат „тешкотиите за пречек на мигрантите“.

- Но, главниот критериум не може да биде зачувување на сопствениот просперитет, туку зачувување на човечкото достоинство, рече папата.

- Интеграцијата е напорен процес, но е клуч за иднината, нагласи тој.

На вториот ден од посетата на Марсеј, папата треба да одржи миса во попладневните часови за речиси 60.000 луѓе.

На богослужбата се очекува да присуствува и францускиот претседател Емануел Макрон кој исто така се сретна со папата. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан