Општина Струмица ќе формира јавно претпријатие за еколошки јавен превоз
- Општина Струмица ќе формира јавно претпријатие „Струмица транспорт“ за организирање и воведување на еколошки јавен превоз.
Струмица, 15 март 2023 (МИА) - Општина Струмица ќе формира јавно претпријатие „Струмица транспорт“ за организирање и воведување на еколошки јавен превоз.
Оваа одлука е донесена на денешната седница на Советот на општината по иницијатива на градоначалникот Костадин Костадинов.
Според него, во оваа криза повеќе од потребен и е на Струмица јавен превоз, кој ќе биде еколошки и во согласност со долгорочната стратегија на ЕУ и европскиот зелен договор.
-Мојата визија за Струмица е да биде првиот град во државата со целосно електричен јавен превоз, кој ќе овозможи движење на граѓаните од населените места по значително помали цени, движење низ градот, намалување на сообраќајниот метеж, трајно решавање на проблемот со дивите таксисти. За таа цел се направени потребните анализи и истражувања кои би помогнале во имплементацијата, изјави струмичкиот градоначалник.
Новото јавно претпријатие во наредниот период треба да ги подготви потребните документи за основање и работа, како и да ги добие потребните дозволи од надлежните институции. рт/аа/
Фото:МИА