• среда, 24 април 2024

Општина Кавадарци најави активности за поголема безбедност во сообраќајот

Општина Кавадарци најави активности за поголема безбедност во сообраќајот
Кавадарци, 20 март 2023 (МИА) - Општина Кавадарци во соработка со Министерството за транспорт и врски започна со изработка на документи со цел подобрување на безбедноста во сообраќајот, информираа попладнево од кабинетот на градоначалникот Митко Јанчев. 
 
Во известувањето до јавноста, оттаму ги споделија и документите, Стратегија и Акционен план, како и Анкетен лист, каде сите заинтересирани, можат да достават коментар. 
 
- Како градоначалник на општина Кавадарци, ја разбирам важноста да се обезбеди безбедност и благосостојба на сите нејзини жители и посетители. Безбедноста на сообраќајот на патиштата несомнено е проблем, бидејќи покрај сите предности што ги носи развојот на сообраќајот, најголема негативна последица се смртните случаи и повредите во сообраќајните незгоди, се вели во говорот на Јанчев, кој е дел од стратегијата. 
 
Во тој говор, тој информира дека во периодот од 2014 до 2021 година, во општината Кавадарци во сообраќајни несреќи загинале 21 лице. 
 
- Мора да се стремиме нашите патишта да ги направиме безбедни за сите учесници во сообраќајот, од пешаци,  велосипедисти и возачи, до патници и корисници на јавниот превоз. Еден од основните чекори на патот кон подобрување на безбедноста на нашите патишта и намалување на бројот на сообраќајни незгоди е дефинирањето на стратегијата за безбедност во сообраќајот на патиштата на општина Кавадарци, пишува во говорот на градоначалникот, кој нагласува дека овој документ е основен, од областа на безбедноста во сообраќајот, за периодот од 2023 до 2027 година. 
 
Во рамките на стратегијата се дефинирани основните проблеми на безбедноста во сообраќајот во општината Кавадарци, мерки за нивно решавање, цели што треба да се постигнат. свд/дма/
 
Фото : МИА

Остани поврзан