• петок, 19 април 2024

Општина Гостивар и УНДП ќе работат заеднички на вклучување на младите во донесувањето на одлуки

Општина Гостивар и УНДП ќе работат заеднички на вклучување на младите во донесувањето на одлуки

Гостивар, 8 мај 2023 (МИА) - Гостиварската локална самоуправа и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), агенција за помош на Обединетите нации и со УНФПА (Фонд за население на Обединетите нации) ќе работат заедно на подобрување на вклучувањето на младите во донесување и креирање на политики во заедницата. Идната соработка ќе се одвива според меморандумот, кој денес беше потпишан во Гостивар.

Градоначалникот на општина Гостивар по средбата со претставниците на УНДП и УНФПА ставија потпис на Меморандум за разбирање во кој се опфатени принципите и определување на рамка за унапредување на младинските политики и нивна поддршка.

Градоначалникот Таравари ја истакна важноста од овој чекор, за кој како што рече ќе влијае во намалувањето на егзодусот на младите од земјава.

-Се надевам дека ние и како општина и како држава со ова ќе ги вклучиме младите во донесувањето на одлуки и нивна активна улога креирањето на младинските политики. Ова е добро, бидејќи утврдуваме принципи со кои ќе се заштитат интересите на младите и одлуките да бидат во нивна корист, рече Таравари.

Меморандумот за соработка опфаќа активности во кои може да се соработува, а како поважни се наведуваат: Унапредување на младинското учество во локалните политики и во локалното донесување одлуки; Поддршка за развој на младински чувствителни политики; промовирање на конструктивен наратив кај младата популација; развој на општински младински совети.

-Соработката се базира на стратегијата на УНФПА која гласи: Мое тело, мој свет, мој живот и овозможува младите да го исполнат својот потенцијал. Наскоро ќе има повици за учество на работилници на кои младите ќе стекнуваат вештини за соработка и градење меѓусебна доверба и ги охрабрувам да се пријават, рече Јованка Брајовиќ Григоријевиќ од УНФПА

Заменичката на постојаниот претставник на УНДП Сања Бојаниќ истакна дека Меморандумот ќе биде основа за работа во еден од регионалните проекти за праведност, инклузија и доверба.

-Мислам дека ова е важен проект и важна иницијатива, ако земеме предвид дека младите луѓе ја напуштаат земјата. Една од причините што често ја наведуваат за напуштање на земјата, е токму тоа што не се вклучени во процесот на носење одлуки. Младите се иднина на земјата, да не биде само фраза, туку преку овој проект, младите луѓе навистина да станат иднината на земјата и иднината на процесите на носење одлуки, рече Бојаниќ

Таа оцени дека досегашната соработка со општина Гостивар била одлична и дека така ќе продолжи и со овој проект. згм/ир

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан