• понеделник, 11 декември 2023

Обележана втората слава на манастирот во дебарското село Рајчица

Обележана втората слава на манастирот во дебарското село Рајчица

Дебар, 27 септември 2023 (МИА) - Познатиот манастир „Свети Георгиј Победоносец”, кој се наоѓа во дебарското село Рајчица, ја одбележа втората манастирска слава Воздвижението на чесниот и животворен Крст Господов – Крстовден.  

На одбележувањето присуствуваа голем број верници од повеќе градови од државава, како и поранешни жители на Рајчица и нивни потомци, кои сега живеат во Дебар. 

Така е секогаш кон крајот на септември кога се прославува овој голем православен празник.

-Причината е голема бидејќи оваа манастриска слава е поврзана со денот кога пред повеќе од две децении почна возобновувањето на конаците. Симболиката на тој ден беше уште поголема, бидејќи, според преданието, токму на Крстовден биле поставени темелите на стариот претходен манастир, велат сестрите од манастирот.

Одржана беше Света архиерејска златоустова  литургија со која чиноначалствуваше г. Кирил, митрополит на Имврос и Тенедос од Вселенската патријаршија, во сослужение со епископот Дремвицки г. Давид и епископот Антаниски г. Партениј, заедно со бигорските архимандрити Доситеј, Кирил и Анатолиј и бигорските јеромонаси и јероѓакони, свештеници од Дебарско-кичевската епархија, а во присуство на голем број монаси и монахињи од Пречистанкиот и Клисурскиот манастир.

Од светиот престол, од олтарот, беше изнесен сребрениот филигрански крст, во кој се наоѓа крстот од времето на игуменот Арсениј со честица на Чесниот и Животворен Крст, а кој преку годината се чува во големиот кивот на Бигорскиот манастир.

Манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ е женски манастир и се наоѓа на околу два километра од Дебар.

-Првиот храм кој се наоѓал на истото место каде што е денешниот е направен во XVI век, кој пак, е изграден во XIX век, 1835 година како метох на Бигорскиот манастир. Тоа е времето кога игумен на Бигорскиот манастир бил архимандритот Арсениј од Галичник, додаваат сестрите.

Црквата била зографисана и живописана во периодот од 1840 до 1852 година, од зографот Михаил и монахот Данил од Бигорскиот манастир, додека долниот дел го досликал нивниот ученик Дичо Зограф од Тресонче. 

Пред почетокот на Втората светска војна монашкиот живот овде запира. Од 1999 година благодарејќи на иницијативата на г. Партениј, тогаш игумен на Бигорскиот манастир, манастирот беше возобновен, а и реорганизиран во женски манастир кој и денес е под духовно раководство на епископот Партениј. вт/са/

Фото: МИА

Остани поврзан