Ново модуларно училиште во село Согле, општина Чашка
- Монтирано е ново модуларно училиште во селото Согле, Општина Чашка. Тоа е подрачно училиште на ООУ „Петар Поп Арсов“. Во новото училиште со 100 метри квадратни има две училници, канцеларија и засебни тоалети за наставници и ученици.

Велес, 26 декември 2023 (МИА) - Монтирано е ново модуларно училиште во селото Согле, Општина Чашка. Тоа е подрачно училиште на ООУ „Петар Поп Арсов“. Во новото училиште со 100 метри квадратни има две училници, канцеларија и засебни тоалети за наставници и ученици.
- Во него ќе учат петте ученици од прво до петто одделение, информира градоначалникот на Општина Чашка Горан Стојановски.
Тој најавува дека учениците од прво до петто одделение од Подрачното основно училиште„Петар Поп Арсов“ од село Согле на почетокот на второто полугодие наставата од старото дотраено училиште ќе ја следат во новото модуларно училиште.
Стојановски информира дека деновиве модуларното училиште во село Согле е и целосно внатрешно опремено со клупи, столчиња, табли и останат неопходен инвентар за изведување на наставата.
Вкупната вредност на училиштето е околу 5,2 милиони денари, од кои најголемиот дел 4,7 милиони денари се од Министерството за образование и наука, а 500 илјади денари од буџетот на Општина Чашка.
-Грижата за децата и учениците е врвен приоритет на Општина Чашка. Децата кои со години се затоплуваат со дотраени ќумбиња на дрво во новото полугодие ќе имаат парно затоплување во чисти без дим простории на новата модуларна училишна зграда. Првпат ќе следат настава во многу попристојни и подобри услови за учење, за разлика од досегашното руинирано во кое се уште ја изведуваат наставата од крајот на првото полугодие, потенцира Стојановски. ад/мд/