• четврток, 18 април 2024

Нова белгиска инвестиција доаѓа во Северна Македонија

Нова белгиска инвестиција доаѓа во Северна Македонија

Скопје, 23 мај 2023 (МИА) - Нова белгиска инвестиција доаѓа во Северна Македонија. Станува збор за белгиската компанија МСИЕ, која во првата фаза планира да вложи над пет милиони евра и да отвори околу 150 работни места. 

Министерот за економија Крешник Бектеши, кој денеска во Брисел, ја најави новата инвестиција рече дека преговорите со компанијата се завршени доцна вчера и се очекува договорот да биде потпишан за околу еден месец.

Компанијата ги разгледува општините Петровец и Илинден како можни опции за изградба на производствениот капацитет за производство на соларни филмови. 

Новата инвестиција, како што најави Бектеши, најверојатно ќе оди преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

- Како Влада ќе продолжиме со ваквите посети со цел да ги презентираме можностите за инвестирање што ги нудиме како држава. Веќе е стабилизирана ситуацијата со енергетската криза и во периодот што следи главниот фокус ќе биде да се привлечат повеќе странски инвестиции и тоа инвестиции кои ќе нудат повеќе работни места за граѓаните и кои ќе донесат нови технологии и вештини, изјави Бектеши.

Според директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Јован Деспотовски, на двата бизнис форума организирани во Брисел и Антверпен има интерес од белгиските компании кои особено се интересираат за достапноста на висококвалификуваната работна сила, усогласувањето на домашното законодавство со европското и за политичката стабилност во регионот.

- Очекувам дека по средбите во Белгија ќе имаме неколку компании со кои ќе ги продолжиме разговорите во наредните неколку месеци. Очекувам дека и презентираното позитивно искуство на „Ванхол“ и АБЕЕ ќе поттикнеме интерес за дополнително вложување, рече Деспотовски.

Со вчерашната инвестиција на белгиската компанија „ABEE“ во рамки на зоните вкупниот обем на склучени инвестиции е близу 300 милиони евра со предвидени пет илјади работни места.

- Ако минатата година беше рекордна по обемот на инвестиции и достигнавме некаде околу 450 милиони евра, мислам дека годинава ако сега сме на 300 милиони евра верувам дека сме на добар пат да ја надминеме оваа бројка и да одиме погоре, рече Деспотовски.

Вчера, во белгиското гратче Нинов беше склучен договорот со белгиската компанија  „ABEE“ која во ТИРЗ Кичево планира да вложи 40 милиони евра и да отвори над 600 работни места. бак/сп/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан