• вторник, 21 ноември 2023

Новата влада на Фицо го доби задолжителното гласање доверба

Новата влада на Фицо го доби задолжителното гласање доверба

Братислава, 21 ноември 2023 (МИА) - Новата влада на Словачка, предводена од премиерот Роберт Фицо, која ја прекина воената помош за Украина, го доби задолжителното гласање за доверба во парламентот, пренесе БТА.

Од 143 присутни пратеници во 150-члениот парламент, 78 гласаа за трипартиската коалициска влада, која положи заклетва на 25 октомври.

Фицо се врати на власт и ја презеде премиерската функција по четврти пат откако неговата партија Смер победи на парламентарните избори во Словачка на 30 септември со проруска и антиамериканска платформа.

Фицо формираше парламентарно мнозинство со потпишување на договор за коалициска влада со партиите Глас и Словачка национална партија.

Словачка, земја со 5,5 милиони жители која ја дели границата со Украина, е цврст поддржувач на Киев од руската инвазија минатиот февруари, донирајќи оружје и ги отвори своите граници за бегалците кои бегаат од војната. Фицо ја прекина воената помош. Тој се противи и на санкциите на ЕУ против Русија и сака да ја спречи Украина да влезе во НАТО, пренесува бугарската агенција.

Фицо вети „суверена“ надворешна политика, зазеде цврст став за миграцијата и невладините организации и водеше кампања против правата на ЛГБТ+ заедницата. мс/

фото: МИА архива

 

Остани поврзан