• четврток, 28 март 2024

Приоритети во програмите за работа на кандидатите за ректор на УКИМ (2)

Приоритети во програмите за работа на кандидатите за ректор на УКИМ (2)

Скопје, 21 мај 2023 (МИА) - На факултетите и институтите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје, на 30 мај  од 12 до 14 часот ќе се спроведе гласање за избор на ректор на УКИМ за мандатниот период 16 септември 2023 – 15 септември 2026 година. На конкурсот се пријавија шест професори и сите кандидатури беа прифатени од Универзитетската изборна комисија. 

Нивните програми за работа се објавени на веб-страницата на УКИМ (ukim.edu.mk). Во пресрет на изборите, МИА разговараше со шестемина кандидати и, вчера и денеска, ги објавува нивните клучни приоритети во работата доколку бидат избрани за прв човек на најстариот и најголем универзитет во државава. 

Подобрување на материјално-финансиската состојба и на наставно-образовниот процес се меѓу приоритетите во програмата на кандидатот за ректор проф. Атанас Кочов од Машинскиот факултет, кој нагласува дека е голем предизвик да се биде ректор на најстариот универзитет во земјата зашто е стожер на нашето општество и државотворноста на земјата.

-УКИМ мора да остане единствен и препознатлив со својата посебност - универзитет и во Македонија, но и пошироко. Имајќи ја предвид актуелната состојба на универзитетот, наспроти желбата, но и обврската не само моја, ами и на сите вработени да го одржиме и воздигнеме УКИМ како научна, културна ризница и традиција, се соочуваме со период во кој ќе треба да се зацртаат јасни приоритети, изјави Кочов за МИА.

Подобрувањето на материјално-финансиската состојба на Универзитетот тој го гледа во посебни државни и интерни политики на финансирање со тоа што, како што наведува, мора да се реши законски статусот на УКИМ, да се изработи Стратегија на УКИМ 2030 со која ќе се обезбеди улогата на УКИМ како моторна сила за одржлив развој на земјата. 

-Да се зајакне инфраструктурата и капацитетите на универзитетот со подобро искористување на целокупниот имот на УКИМ, и секоја единица да има услови за непречена реализација на наставно-образовната, научноистражувачка и апликативна дејност - и како простор, и од аспект на опременост на лаборатории. Дел од ова ќе се постигне и преку отворање канцеларија за меѓународна соработка задолжена за помош во подготовка на меѓународни проекти. Преку јавно-приватно партнерство да се изградат студентски дом за подобри услови за домување на студентите. Мора да ја обезбедиме функционалноста на Универзитетскиот совет кој од донесување на Законот за високо образование во 2018 година сè уште не е конституиран, да го вратиме внатрешниот ревизор како функција и контролор на финансиското работење на УКИМ, истакнува Кочов. 

Во својата програма за работа тој планира осовременување на постојните и воведување нови мултидисциплинарни студиски програми согласно европските и светските стандарди,  креирање веб-портал со електронска верзија од предавања и вежби, зголемување на бројот на гостувачки реномирани професори од земјата и странство. Посебно акцент на поддршка на единиците за акредитација на студиски програми за стекнување двојна диплома во партнерство со странски универзитети и обезбедување библиотечен фонд и пристап до светски реномирани списанија.

Негов приоритет е и консолидирање и целосна автономна независност на единиците на УКИМ во донесување на интерните политики за наука, развој, истражување и соработка со стопанството и бизнис-заедницата.

-Соработката со стопанството и бизнис-заедницата, чии потреби од специфични знаења, вештини ќе влијаат во креирањето на студиските програми во соодветните области. Креирање  стручни студии за стручен назив во соработка со стопанските комори, а во насока на подготовка на кадар спремен да се соочи со предизвиците на новите технологии, наведува Кочов. 

За стимулирање на меѓународната соработка и научно-истражувачката дејност, уметност и спорт предлага стручна поддршка за апликација и подготовка на меѓународни проекти, целосна автономија на предлагачите со нивно управување, целосна децентрализација на финансиското водење на научно-истражувачките проекти финансирани од ЕУ. За оваа цел, вели, ќе се креира единствена база на научни трудови, публикации и книги од вработените на УКИМ, а ќе се поддржи и организирање и учество на настани од културата (изложби и концерти) и спортски настани. Студентите ги смета за партнери и ќе се залага за нивна целосна вклученост во наставната, научната и апликативна дејност на Универзитетот.

Приоритет на проф. Кочов е и нов современ модел на претприемачки Универзитет за остварување на агендата 2030 и 2050 за реализација на Стратегијата за паметна специјализација.

„Европско образование на УКИМ” е мотото на програмата за работа и развој на Универзитетот во наредните три години на кандидатот за ректор проф. д-р Христина Спасевска од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ).

Мотото на нејзината програма смета дека може да се спроведе само со суштинска соработка меѓу професорите и студентите и заедничка насоченост кон подигнување на квалитетот на наставата и примена на европските стандарди. 

-Сите заедно да го промениме УКИМ во универзитет што постигнува врвни резултати, подготвен да ги следи трендовите во образованието, науката и уметноста. Со поглед далеку во иднината да го направиме нашиот универзитет расадник на високостручни кадри, подготвени за стопанството и новите технологии што доаѓаат. Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе стане лидер на секое поле, со воспоставување одржливи механизми кои ќе овозможат значајно зголемување на меѓународната соработка и поголема вклученост на академскиот кадар во проекти финансирани од меѓународни програми. На тој начин ќе се подигне рејтингот на УКИМ на листата на најдобри светски универзитети. За спроведување на овие заложби ќе се основа Фонд за наука од средства на УКИМ, преку кој ќе се поддржуваат млади истражувачи и нивните ментори за меѓународно етаблирање. За административна помош на академскиот кадар, ќе се формираат канцеларии за меѓународни проекти и мобилност, наведува Спасевска за МИА. 

Во програмата на Спасевска, која е актуелен проректор за настава на УКИМ, во план е да се воспостават интегрирани дигитални системи коишто произлегуваат од барањата на наставната, научноистражувачката, уметничката и административно-стручната работа со што, како што вели, ќе се спроведе дигитална трансформација на УКИМ. 

Студентите ќе добијат е-индекс, можност за електронско плаќање и платформа за учење на далечина. Тие ќе имаат достапност до информации и податочни библиотеки, системи за комбиниран процес на учење, користење дигитални алатки за визуелизација на реални процеси, вклучување на странски професори и експерти во настава на далечина, избегнувајќи го временското и просторното ограничување. Исто така, додава Спасевска, „поврзувањето на сите дигитални алатки во нова современа интернет-страница на УКИМ и брендирањето во сите домени, многукратно ќе ја зголеми нашата видливост“.

-За развојот на УКИМ значајно е негувањето академска и студентска автономија, транспарентно и отчетно работење и континуиран дијалог со државните институции за подобрување на академскиот и студентскиот стандард. Ќе станеме партнер на државата и Националниот совет за високо образование и научноистражувачка дејност во воспоставување мериторен и одржлив систем за финансирање кој ќе обезбеди квалитетно образование за сите. Исто така, ќе градиме дијалог со синдикалното организирање на УКИМ, поддржувајќи ги во нивните заложби за спроведувањето на колективните договори, посочува Спасевска. 

Хармонизација на студиските програми на УКИМ со европските програми со што ќе се подобри квалитетот на студиските програми и ќе се зголеми мобилноста на студентите е еден од 10-те приоритети наведени во програмата на кандидатот за ректор проф. д-р Димитар Ташковски од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) за кои смета дека ќе го трансформираат УКИМ во современ, отворен и истражувачки универзитет. 

-Наставата ќе се фокусира на резултатите од учење, студентите ќе имаат зголемено ниво на практични знаења релевантни за нивната идна кариера, а наставната методологија ќе ги користи сите најзначајни дигитални технологии. За поддршка на овој процес, во мојата програма се предвидени неколку нови центри на УКИМ (за е-учење, за унапредување на компетенциите на наставниците, за инклузивно образование, за доживотно учење), како и Канцеларија за обезбедување квалитет, изјави Ташковски за МИА. 

Негов приоритет е трансформација на УКИМ во истражувачки универзитет со формирање силни интердисциплинарни истражувачки групи, зголемено учество во меѓународни проекти и повисок квалитет на објавени научни трудови. 

-За поддршка на овој процес, ќе се зајакне капацитетот на Канцеларијата за меѓународна соработка и ќе се формира сопствен Фонд за наука и развој, кој ќе се обезбеди од средствата кои се издвојуваат од меѓународните проекти кои се имплементираат на УКИМ, наведува Ташковски. 

Тој ќе се залага и за зголемен степен на трансфер на знаења и иновации кон нови и постојни компании и користење на академската експертиза на кадарот за развој на производи со додадена вредност што, генерално, како што вели, треба да води кон зголемен економски раст на краток и среден рок. 

-Во таа насока ќе се воспостави транспарентен систем за поттикнување развој на нови производи и иновации (вклучувајќи и поттик за отворање на академски стартап и спин-оф компании), ќе се формира Канцеларија за трансфер на технологии, а ќе предложам и воведување проректор за трансфер на технологии и иновации, додава Ташковски.

Во однос на дигитализацијата на УКИМ, како еден од неговите приоритети, акцент ќе биде ставен на процесот на наставата преку воведување дигитални технологии и е-учење, на административното работење на единиците и ректоратот и на услугите за студентите. 

-Конечно, посебно внимание ќе посветам на подобрување на инфраструктурата затоа што на УКИМ сите единици мора да имаат висококвалитетни и современи просторни услови за изведување на наставата, како и соодветни просторни услови за развој на наука и иновации, развој на претприемништвото на професорите и студентите, за социјални иновации и за доживотно учење, додава Ташковски. 

Хатка Смаиловиќ

Фото: МИА архива / фото архиви на кандидатите за ректор 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан