• вторник, 16 април 2024

НБ пренесува искуствата за изготвување статистика на финансиските сметки на другите централни банки 

НБ пренесува искуствата за изготвување статистика на финансиските сметки на другите централни банки 

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Народната банка, покрај тоа што е посветена на развојот на институционалниот капацитет на своите вработени, ги пренесува и своите знаења, професионално искуство и најдобри практики во областите коишто се предизвик за другите институции во земјите од Југоисточна Европа и пошироко, велат од НБ.

- Директорката на Дирекцијата за статистика при Народната банка Снежана Јанеска-Поповска, учествуваше како предавач на Работилницата за финансиската статистика, во организација на Центарот за извонредност во финансиите (ЦЕФ), меѓународна организација којашто функционира како центар за размена на знаења и соработка во нашата конституенца. Темите што се обработуваа на Работилницата се однесуваа на различните практични и концептуални аспекти на составувањето на статистиката на финансиските сметки, со осврт на секторите и финансиските инструменти, конзистентноста на националните секторски сметки, изворите на статистички податоци, изготвувањето податоци за состојбите и тековите, преку искуствата на неколку европски централни банки, ЕЦБ и ММФ, известуваат од НБ. 

Во своите презентации под наслов „Од кого на кого – практично решение за составување статистика на финансиските сметки“ и „Хартии од вредност по хартии од вредност ‒ за  пресметување на должничките хартии од вредност и капиталот“, Јанеска-Поповска се осврна на клучните аспекти поврзани со статистиката на финансиските сметки којашто ја изготвува Народната банка.

- Се говореше за развојот на оваа статистика преку воспоставување модерен пристап „од кого на кого“ којшто овозможува детален преглед на финансиските врски врз основа на финансиските инструменти помеѓу секторите во националната економија, како и со секторот странство. Потоа, во рамките на презентациите се осврна на предизвиците и практичните решенија во процесот на составување на финансиските сметки, зајакнувањето на меѓуинституционалната соработка, методолошките аспекти, изворите на податоци и техничкиот систем, посочуваат од НБ.

Оттаму информираат дека во втората презентација било истакнато значењето за интегрираниот и грануларниот пристап во прибирањето и составувањето на податоците за хартиите од вредност, со осврт на чекорите коишто ги презема Народната банка за обезбедување на овие податоци, како и практичните решенија за пресметка на два финансиски инструмента: должничките хартии од вредности и акциите. 

- На Работилницата имаше огромен интерес од страна на учесниците за практичните чекори за составување на финансиските сметки во Народната банка, при што во рамките на презентациите беа разменети мислења и искуства. Тоа овозможи продлабочување на знаењето на учесниците и даде поширока слика за понатамошните чекори за развој на финансиските сметки во повеќе централни банки во регионот, велат од НБ. 

Работилницата за финансиската статистика е еден од низата едукативни настани од областа на централнобанкарското работење во организација на ЦЕФ, а учеството на Народната банка, како што велат од НБ, претставува уште еден позитивен пример за долгогодишната успешна соработка помеѓу двете институции. ир/сп/

Фото: НБ

Остани поврзан