• четврток, 11 април 2024

На панаѓур со воз од Скопје до Демир Капија

На панаѓур со воз од Скопје до Демир Капија
Демир Капија, 10 септември 2022 (МИА) - Недела, Голема Богородица. Се одлучивме за една несекојдневна авантура, да се појде на панаѓур, со воз од Скопје до Демир Капија. Тргнавме во 6:25 часот.
Уживавме во пејзажите што се менуваа како на филмска лента. Градски и селски средини, лозја и овоштарници, зелени ливади, кози растрчани по сочна тревичка. Во меѓувреме, навираат сеќавања од патувањата со воз во минатото. Еден од поубавите спомени ни е одисејата до Сараево со извидници, веднаш по Олимписките игри, во 1984 година. Патот долг, а купеата и ходниците преполни. Како тинејџери коишто, плачат, што се вели, за малку одмор, бевме принудени да прилегнеме и да дремнеме на решетките за торби над главите на патниците. Глочка, не глочка, беше најмалку важно. Важно беше за миг да се затворат очите и да се здивне. И нормално, да се внимава да не се падне одозгора. Леле, а пак во студентските денови, многу често патувавме со воз. Тогаш имаше страшен метеж по железничките станици и по возовите. Човек до човек. Ако случајно ја кренеш ногата малку да ја протресеш и да ја одмориш, немаш каде да ја спуштиш, таков метеж. Зафатени дури и седиштата по ходниците, се седеше и по подовите, на скалите пред вратите на вагоните. Ех, времиња. Бевме млади, ништо не ни пречеше.
Некогаш целиот пат го поминувавме со отворени прозорци. За да влегува чист воздух, но и за да им се восхитуваме на убавините на природата. Во новите возови имаше вентилација, а патниците се согласија дека ништо нема да преземаат на своја рака, па прозорец би отвориле само во случај на опасност. Кога сме кај опасноста, после двете големи автобуски несреќи на овие простори, кога влегуваме во јавен превоз, со поглед бараме чеканче за кршење на прозорец, во случај на ненадејна несреќа. Веднаш пикиравме едно такво во возот. Се надевавме дека нема да има потреба да се користи.
Сега се патуваше релаксирано, без гужви, без проблеми. По толку години, разбравме дека ни фалело  возењето со воз, нишањето како да си во лулашка. Исто како и порано, смета по малку застанувањето на многу станици. Штотуку забрзува, па веќе кочи за следната станица. Но, во услови на пандемија од коронавирус и тоа си има свои предности. На секоја станица отвори затвори, се проветрува, па не мора да се носи заштитна маска. Иако имаше и такви коишто си носеа, главно повозрасни лица. Младите, како и во времето на нашата младост, со многу живост разговараа меѓу себе за љубовта, дружењата, забавите. Малку оговараа, дел од патот го преспиваа. Децата и тогаш и сега, во возот огладнуваа и ожеднуваа па бараа вода, нешто благо. Ни остави впечаток едно семејство со три деца. Сите три, патувањето го минаа со мобилните телефони во рака. Најмалото гледаше цртани филмови. Средното, бркаше левели, играјќи игри. Најголемото, веќе во пубертет, чракаше на дугмињата од смартфонот и се смешкаше и бевме сигурни дека се допишуваше со одредена личност на апликација за млади. Позитивна атмосфера владееше. Не знаевме дали имавме среќа, но сите го пофалија возењето со воз и никој на ништо не се жалеше. Немаше политика, ни кукања за низок стандард, ниту поплаки за ваква или таква криза.
Во Демир Капија стигнавме во 8:45 часот. Тука не пречека првото разочарување. Посакавме кафето да го испиеме како и секогаш години наназад под крошните од липата пред култниот ресторан во центарот, на плоштадот. Но, тоа задоволство ни беше ускратено. Ресторанот не работи со гости, функционира само кујната со достава на храна. Баш штета. Демир Капија не е Демир Капија, ако не се напиеш кафе под тоа дрво, што било сведок на безброј случки и анегдоти и крие многу тајни.
Шок цени, ова е само еден од интересните натписи на панаѓурските тезги кои тежеа од најразлични видови производи. Што би рекле панаѓурците, од игла до локомотива. Или, со домашен есап не се оди на панаѓур, оти таму човек купува и тоа што не планирал, па дури и тоа што можеби никогаш нема да го употреби или да му затреба. Едно е сигурно. Сите сетила уживаат во панаѓурската атмосфера. Нозете можеби потскокнуваат под ритамот на песната што трешти, иако можеби тоа не е музиката што вообичаено се милува да се слуша. Очите шараат наоколу, барајќи го предметот што ќе остави најголем впечаток и што ќе биде потсетник на годинешниов панаѓур. Не е важно дали си на диета, веќе ти потекуваат лиги во устата, опива мирисот на крофни и скара.
Вкусот на традицијата е тука, за неа сепак најубаво зборуваат дрвените калница и толчник, со помош на кои се прави толчен пинџур, како и дрвените мешалки кои во рацете на вредните домаќинки, го прават највкусниот македонски ајвар. Речиси нема човек од тиквешкиот крај што не се сеќава на рингишпилските згоди и незгоди. За возбудата, стравот, превртувањето во стомакот. За трчањето, да се фати место на рингишпилот, кој врти ли врти, како животот. Час немир, час гордост што ќе се прераскажува. Задоволството е уште поголемо, ако погледот од рингишпилот е како во Демир Капија, директно во околното зеленило и кон каменото царство на клисурата.
Кога бевме деца, тинејџери, студенти, немаше многу продавници во секоја од четирите општини од тиквешкиот регион. Па иако се пазаруваше и во тие малку продавници, ми се чини дека луѓето, најмногу купуваа токму на панаѓурите во Демир Капија, Неготино, Кавадарци. Во август, септември и октомври се береше грозјето, се земаа пари и се купуваа школски ранци, јакни и чевли за во училиште. За многу семејства, панаѓурската треска и сега е еден од најзначајните настани во годината, затоа што тогаш е времето за шопинг за нив.
На враќање, тргнавме во 17:49, а стигнавме во пет минути до 20 часот. Повторно љубезен кондуктер, пријатни сопатници. Овојпат убаво изненадување од момчето што седеше спроти нас, скоро и да не погледна во својот смартфон, на мобилните заборавија и бабите отспротива, едната читаше списание, а другите две се беа расприкажале надолго и нашироко, меѓу другото и за тоа, кои денови е бесплатниот железнички превоз за млади и пензионери. Но, сепак, си разговараа без да им сметаат на другите. Сите три, си носеа заштитни маски против корона.
Ги начуливме ушите да го слушнеме муабетот за вечното ривалство помеѓу кавадарчани и неготинци, како први соседи.
-Слушнав дека има укинати возни линии до други места, но до Неготино еве уште има. Ќути не а лафи, ако го укинат возот до неготинската железничка станица, оди слушај ги кавадарчани. Нема да престанат да ги зафркаваат комшиите. Оти едните викат немате толку високи згради како ни, а другите враќаат, еми ги дигате повисоко, мислите ќе го видите возот каа мине кај нас, коментираа тие за МИА, кажувајќи вицови за надмудрувањето помеѓу едните и другите.
Едно преслатко девојченце што патуваше со воз, посака чичко кондуктер да му стави печат на рачето. Многу се радуваше. Печатот исчезнува по некое време, ама споменот за патувањето со воз останува. Исто како што останува да се памети вкусот на панаѓурската шеќерна волна, во најразлични бои. Како виножито.
 Светлана Дарудова

Остани поврзан